Цементара УСЈЕ: Ние не сме загадувачот

Прстот постојано се вперува кон нас но ние не сме загадувачот, тврдат од Цементара УСЈЕ. 

Горивото кое го користат во печките не е токсично. За производството на цемент, како што велат, користат оризова арпа од земјава и смеса од преработен комунален отпад која ја увезуваат од Италија. Објаснуваат дека токму оваа смеса години наназад во голем број земји од ЕУ се користи како еколошко алтернативно гориво.

Лани фабриката увезла 4400 тони алтернативно гориво. Од секторот за животна средина при УСЈЕ велат дека постојано вршат контрола на пратките кои стигнуваат, а примероци праќаат и во акредитирани лаборатории во Холандија за да се осигураат дека ниту една токсична супстанца нема да се согори.

Работата на скопската фабрика повторно се актуелизираше откако пред неколку недели протекоа фотографии со натоварени камиони за кои јавноста се сомневаше дека се работи за токсичен отпад за горење. Од УСЈЕ додаваат дека постојано подложат на вонредни контроли и дека емисиите на штетни гасови досега не ја надминале пропишаната граница.

Скопјанец осомничен за полов напад врз 12-годишно девојче

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донел наредба за спроведување истражна постапка против лице осомничено за сторено кривично дело полов напад врз дете кое не наполнило 14 години.

Јавното обвинителство на Република Македонија денеска соопшти дека осомничениот, на 10 февруари, во напуштен објект позади прифатниот центар за бездомници „Ранка Милановиќ" во Скопје извршил полови дејствија врз дете на возраст од 12 години.

– Тој жртвата, инаку негово вонбрачно дете со кое живеел во иста семејна заедница, ја зел во возило со изговор дека ќе ја носи во училиште, но ја однел во напуштениот објект, каде ја принудил на полови дејствија, се појаснува во соопштението.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и особени околности кои го оправдуваат стравот дека би можел да го повтори делото. /МИА

Манчевски за Фокус: Мора да ставиме крај на беззаконието со непочитувањето на авторските права, но без страв од неоправдана одговорност

Манчевски посочува дека во различни временски периоди имало отпор за дијалог кај една од засегнатите страни.

Кога Собранието во 2018 година ги усвои законските измени со кои се забранува емитување на странски програми без регулирани авторски права, имаше согласност и од кабловските оператори и од националните медиуми како засегнати страни, но исто така постоеше и политички консензус, вели за Фокус, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, откако ескалираше спорот на релација национални медиуми-кабловски оператори поради авторските права.

-Во тоа време, беше утврдено законските измени да важат по изборот на нов состав на Агенцијата за медиуми, која патем требаше да изготви потзаконски акти врз основа на законските измени, меѓутоа тоа одби да го стори. Сепак, поради политичката блокада на ВМРО-ДПМНЕ во матичното собраниско тело за избори и именувања, не беше возможно да се избере нов состав на Агенцијата, па Собранието пред распуштање едногласно изгласа законската измена од 2018 година да почне да важи – објаснува Манчевски.

Тој посочува дека во различни временски периоди имало отпор за дијалог кај една од засегнатите страни.

-Кога почна да се пролонгира примената на законската измена од 2018 година, проблемот остана кај националните медиуми, со тоа што продолжија да не се почитуваат авторските права. Сега, откако тој почна да важи, кабловските оператори бараат да не важи одредбата што предвидува кривична одговорност за одговорните лица во кабловските оператори за непочитување на законот – вели Манчевски.

Тој апелира проблемот со непочитување на авторските права да не се  префрла на сметка на граѓаните, особено, како што истакнува, во предизборен период.

-Решението е во седнување на маса и заедничко решавање на проблемот. Решение има, само треба да постои и волја. Факт е дека мора да ставиме крај на беззаконието со непочитувањето на авторските права, кое е стандард во сите европски земји. Исто така, факт е дека со подзаконски акти треба да се допрецизира имплементацијата на законот со цел да не постои страв од неоправдана одговорност. Апелираме на разум и дијалог. Владата стои на располагање колку што може да помогне во овој процес – порачува министерот за информатичко општество и администрација.

Адеми-Богдановиќ: Две пријателски земји со богато културно и природно наследство

Во рамките на работната посета на Црна Гора министерот во Владата на Република Македонија задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, денеска оствари средба со црногорскиот министер за култура Александар Богдановиќ.

За време на средбата, беа потврдени одличните и пријателски врски меѓу двете држави, но се разговараше и за отворените можности за нивно натамошно продлабочување, соопшти Кабинетот на министерот без ресор, задолжен за дијаспора.

Беа разменети мислења за соработката на Македонија и Црна Гора со УНЕСКО, имајќи го предвид искуството на двете држави околу статусот на заштитените културно-историски подрачја, Охрид во нашата држава и Котор во Црна Гора. Беше посебно нагласено задоволството за минатогодишниот јубилеј, 40 години од признавањето на двата града како заштитени подрачја на УНЕСКО.

Се разговараше за предизвиците со кои се соочуваат заштитените подрачја од неконтролираниот урбан развој. Во тој контекст, договорена е соработка на експертско ниво, со цел чување на универзалната вредност на двете места.

Во рамките на меморандумот за пријателство на градовите Охрид, Котор, Дубровник и Мостар, потпишан 2018 година, договорено е да во соработка и со Организацијата на градови на светското културно наследство, се изнајдат начини за конкретизирање на соработката. Во тој контекст, планирано е во скоро време реализација на состанок на претставници на четрите града со претставници и националните комисии на УНЕСКО, стои во соопштението. /МИА

притисни ентер