Срцев пејсмејкер по венски пат првпат во државава поставен кај петгодишно дете во „Аџибадем Систина"

Тим доктори од Клиничката болница „Аџибадем Систина" првпат во државава, по венски пат поставија траен електростимулатор на срцето – пејсмејкер кај дете. 

Овој начин на поставување е стандарден за возрасни пациенти, но сега македонските доктори го изведоа на петгодишно девојче, кое е во добра состојба и по интервенцијата е пуштено дома, соопштија од болницата.

На девојчето, како што информираат од болницата, еден месец по раѓањето му е дијагностициран проблем со срцето. Тогаш д-р Владимир Чадиковски, детски кардиохирург, кај новороденчето поставил траен срцев електростимулатор, односно пејсмејкер во стомачето со електрода од надворешната страна на срцето. Со текот на времето, а поради честото прилагодување на пејсмејкерот се потрошила батеријата, па истиот требало да се замени.

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина", д-р Иван Трајков и д-р Дејан Ковачевиќ, електрофизиолози аритмолози, извршија замена на постојниот пејсмејкер со нов, но овој пат интравенозно. Анестезијата беше водена од страна на д-р Мирјана Крмзова и д-р Александар Радоешки. Процедурата, која траеше околу триесетина минути, е со поддршка од д-р Чадиковски, кој во истовреме го извадил стариот електростимулатор од стомачето на детето, наведуваат од болницата.

– По дадено контрастно средство во вена добивме комплетна слика на венскиот систем во десна потклавикуларна регија каде се наоѓа вената која е подобна за боцкање. Преку таа вена се постави жица и уводник – преку кој се воведе електродата. За позиционирање на електродата во десната комора се користеше минимално РТГ-зрачење. Потоа кај електродата дополнително се направи уште една кружна кривина, која би се одвиткала при растење на детето. Потоа се постави посебен, најмал по димензии срцев електростимулатор специјално наменет за детската популација, додаде д-р Трајков.

ЛШ во ракомет: Барселона на чекор до полуфинале

Ракометарите на Барселона направија голем чекор кон пласман на завршниот турнир во Лигата на шампионите со победата од 30-22 (11-14) на гости кај богатиот ПСЖ во првиот четвртфинален натпревар.

Екипата на Барселона направи „брејк“ на гостувањето кај најскапиот клуб кој настапува во Лигата на шампионите и со една нога е меѓу учесниците на завршницата во европската ракометна елита. Шпанскиот шампион на првиот четвртфинален натпревар против ПСЖ извојува голема победа од 22-30. Парижани одиграа одлично прво полувреме и имаа сигурна предност, но во второто на изненадување на сите и на разочарување на фановите во салата се распаднаа и доживеаја тежок пораз од осум гола разлика.

Медиуми: Израел е подготвен да прифати ослободување на помалку од 40 заложници

Израел е подготвен да прифати ослободување на помалку од 40 заложници, пишуваат израелските медиуми.

Израелскиот Воен кабинет сега е подготвен да прифати ослободување на само 20 заложници во првата фаза од договорот под услов да бидат ослободени жени, мажи над 50 години и тешко болни, а кабинетот вчера го овласти израелскиот преговарачки тим да разговара за пофлексибилен пристап со египетската делегација, која денеска во Тел Авив ќе има дополнителни разговори, објави израелската интернет страница Инет.

Израел е подготвен да го ублажи своето барање Хамас да ослободи 40 заложници во замена за привремен прекин на огнот во Појасот Газа, откако палестинската милитантна група ја одби понудата подготвена од преговарачите во Катар- Египет и САД, пишува Тајмс оф Израел повикувајќи се на израелски портали.

Претходниот предлог вклучуваше ослободување на 40 заложници во наведените категории, но Хамас соопшти дека нема толку многу жени, мажи над 50 години и тешко болни кои се уште се живи.

Посредниците од Катар, Египет и САД им дадоа на страните во конфликтот, Израел и Хамас, нов предлог за прекин на огнот во Појасот Газа, што треба да се спроведе во три фази. Првата фаза вклучува ослободување на 40 израелски заложници кои ги држи Хамас во Појасот Газа во замена за ослободување на 900 Палестинци од израелските затвори, меѓу кои и 100 со казна доживотен затвор. Второ, враќање на раселените Палестинци во северниот дел на Појасот Газа и трето, дневен влез во енклавата на 500 камиони со хуманитарна помош.

АСО: Поскапувањето на осигурувањето за регистрација на возилата е неоправдано

Агенцијата за супервизија на осигурување ја известува јавноста дека зголемувањето на цената на полисите за задолжително автомобилско осигурување е неоправдан чекор на осигурителните компании.

По добиените известувања од осигурителните компании дека ќе ја зголемат цената направени се актуарски пресметки за проверка. По извршените актуарски пресметки утврдено е дека зголемувањето на цената, со дадените образложенија, не е оправдано.

Поради тоа АСО го информираше и достави предлог до Министерството за финансии, во рамки на неговите законски надлежности, да иницира изготвување и донесување нова тарифа на премии за задолжително осигурување од автомобилска одговорност. И со тоа да го ограничи износот на режискиот додаток што ќе овозможи намалување на цената на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност, стои во соопштението од Агенцијата за супервизија на осигурување .

притисни ентер