Првиот човек на Судскиот совет негира притисоци од Заев или Беџети

Претседателот на Судскиот совет Киро Здравев не е запознаен со информацијата која вчера ја изнесе првиот човек на Сарај,Беџети дека премиерот Заев побарал од него да лобира кај членови во Советот за да гласаат за разрешување на еден претседател на суд

Оваа точка од седницата на 17-ти минатиот месец не се ни разгледувала, вели Здравев во телефонски разговор за Канал 5. Додава дека еден од членовите на Советот рекол дека немал време да ги прочита документите, па побарал точката да се одложи.

„Точно е дека на седницата на Судскиот совет на дневен ред имаше точка за разрешување на еден претседател на суд, но таа беше одложена по барање на еден од членовите на Советот бидејќи немал време да го прочита материјалот по оваа точка. Немам никакви сознанија дека дента премиерот Зоран Заев го барал градоначалникот на Сарај Блерим Беџети за некакви лобирања по истата точка.“ - Киро Здравев, претседател на Судски совет.

Само неколку часа по обвинувањата од страна на Беџети, возврати и првиот човек на Владата.

„Разговарав и за шпекулациите дека се одолговлекуваат процеси заради заштити од еден претседател на суд, тоа е Јово Вангеловски – претседателот на Врховниот суд.“, истакна премиерот Зоран Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека испливуваат се повеќе докази и сведочења за директни наредби во судството и го прашуваат Заев дали навистина нарачал Јово Вангеловски да биде разрешен до септември.

Со реакција излегоа и од Алијанса за Албанците, од каде велат дека е парадоксално премиерот да бара помош од Беџети и од ДУИ за да се реформира правосудниот систем.

Беџети вчера на прес конференција наместо одговор за актуелните случувања со дивите платформи го обвини премиерот дека вршел притисоци за лобирања во Судскиот совет и дека Антикорупциска покренала постапка за дивоградбите бидејќи го одбил таквото барање.

притисни ентер