ДРВОТО НА ЖИВОТОТ

Од понеделник до петок во 22:30 на Канал 5 - „Дрвото на животот“- длабоко лична семејна драма од почетокот на 20-тиот век, приказна за семејството Влчеви - богата бугарска фамилија која живее во модерниот град Видин.

Столбови на оваа семејна сага се Асен и Петруна Влчеви.

Асен Влчев, постар човек, татко и вистински столб на фамилијата. Почитуван граѓанин во општеството, филантроп и успешен бизнисмен, но и голем патриот и активен учесник во борбата за слобода, кому националните идеали и татковината му се поважни од сè. Петруна, неговата сопруга, е жена која е потполно посветена на семејството и неговата благосостојба.

Асен и Петруна имаат пет деца: Јордан, Панто, Христо, Бела и Илија. Секој од нив е приказна за себе.

Најстариот е Јордан, воено лице вклучено во борбата за слобода. Јордан му е омилен син на Асен, и е единствениот од браќата што го наследил идеализмот и патриотизмот од таткото.

Панто, спротивно на постариот брат, е материјалист опседнат со своите потреби, бескрупулозен човек кој личните интереси ги става над сè друго, дури и над семејството.

Бела им е единствена ќерка на Влчеви, омажена за револуционер, силна жена, но со бездетен брак.

Христо е третиот син на Влчеви кој е потајно заљубен во социјалистичките идеали и е под големо влијание на Панто.

Најмалиот син, Илија, е роден со хендикеп и растел со чувство на недоволна љубов и разбирање од страна на татко му.

Иако во првата сцена од серијата е претставена крвава битка за слобода, дејствието во „Дрвото на животот“ воглавно се развива во урбана средина.

Во текот на серијата, ќе ги видите сите проблеми и семејни расправии коишто ќе избувнат по смртта на Асен Влчев. Забранета љубов, војнички херојства, предавства, раскол, љубомора, лицемерие, цинизам, безброј испреплетени расправии меѓу браќата со кои ќе започне почетокот на распадот на почитуваното семејство.

притисни ентер