Бригадниот генерал Методи Хаџи Јанев нов командант на Полкот за специјални операции

 Бригадниот генерал Методи Хаџи Јанев, денеска, на воената свеченост во касарната „Илинден“ во Скопје, ја презеде должноста командант на Полкот за специјални операции од бригадниот генерал Орце Јордев.

- Свесен сум за предизвиците пред нас и за парадоксот пред кој се наоѓаме како држава. Тоа што врховниот командант ни го порача е дека ние Армијата на РМ сме во НАТО. Тоа е фактичка состојба и не може никој да ја оспори. Стандардите, достигнувањата и пофалбите се евидентни не само во обуките, не само на вежбите, туку и на бојното поле, но она што е предизвик и за што треба да се бориме е да му помогнеме на политичкото водство со иновативност, прифаќање чекор со современите закани да стигнеме до крајната цел да станеме дел од евроатлантската заедница каде што ќе придонесеме за светскиот мир и пред се за македонскиот мир, рече бригадниот генерал Хаџи Јанев, кој потекнува од овој полк.

Тој пред присутните на свеченоста министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на ГШ на АРМ генерал потполковник Методија Величковски и други претставници на МО и АРМ ја изнесе и својата визија за раководењето со полкот во наредниот период при што како главен предизвик го посочи стандардот што е поставен.

- За таа цел мојата визија се темели на три основни задачи. Прво, пред военото водство да го задржиме стандардот што е постигнате досега. Второ, да дадеме свежина за да можеме да одговараме на сериозните закани од кибер просторот, асиметричните закани и современите технологии и трето, да ја зголемиме психофизичката подготвеност и когнитивното знаење, само на таков начин ќе можеме да помогнеме и да ја оствариме нашата мисија и мисијата на АРМ, порача новиот командант на Полкот за специјални операции.

Досегашниот командант на полкот, бригадниот генерал Јордев, кој заминува на функцијата началник на штаб во Здружената оперативна команда изрази задоволство и гордост што повеќе од 23 години бил дел од армиските специјалци, кои наскоро ќе одбележат јубилеј 25 години од формирањето.

- Да се биде на чело на добро познатите македонски „волци“ и „ренџери“ кои поседуваат борбено искуство стекнато во разни мисии како командант ми претставуваше огромна обврска да останам доследен во исполнувањето на вредностите од препознатливото мото „Повеќе од можното“ кое го краси полкот за специјални операции. РМ и Армијата на РМ секогаш ќе се гордеат со овој храбар персонал – мајстори на својата професија кој многу пати гордо го вееја македонското сонце афирмирајќи ја Македонија далеку од нејзините граници како нејзини амбасадори на мирот, рече бригадниот генерал Јордев, посакувајќи му новиот командант да продолжи по патот на успехот, опстанокот и перманентното издигнување на единицата.

Припадниците на полкот за специјални операции ги поздрави и министерката за одбрана Радмила Шекеринска која укажа на големиот углед што македонската Армија го ужива надвор од земјата стекнат со учеството во мисии и вежби. Воедно се заблагодари до сите припадници на АРМ кои досега учествувале во овие мисии за големиот воен и политички придонес кој го даваат за својата татковина.

- Вие сте секогаш посакуван партнер на припадниците на армиите на земјите членки на НАТО-Алијансата и тоа во континуитет го слушаме на сите средби со премиери, министри за одбрана, началници на генералштабови. Од почетокот на 2018 година го зголемивме нашето учество во мисијата Одлучна поддршка во Авганистан за 20 проценти. Со тоа ја покажавме нашата определба на дело да ја поддржиме Алијансата во напорите за воспоставување глобален мир и безбедност. Со овој чекор уште потврдуваме дека Македонија го заслужи своето членство во НАТО, рече Шекиринска.

Таа истакна дека еден од приоритетите на Владата е подобрување на условите за работа на АРМ преку зголемување на буџетот за Армијата, зголемување на платите и во таа насока нагласи во тек е набавката на 14.000 нови униформи за припадниците на АРМ, на нови чизми, а започнати се и постапките за реновирање на објектите токму во касарната „Илинден“.

Иран ги отфрли шпекулациите дека соработува со Северна Кореја во врска со нуклеарни прашања

Иранското Министерство за надворешни работи денеска по пристигнувањето на севернокорејската деловна делегација во Техеран, ги отфрли шпекулациите за соработка со Пјонгјанг во врска со нуклеарни прашања.

„Делегацијата, предводена од министерот за надворешни економски односи Јун Јонг Хо, отпатува во иранската престолнина минатата недела на економска конференција. Секоја поврзаност со соработка за нуклеарни прашања е „неоснована“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи, Насер Канаани.

Во Јужна Кореја имаше шпекулации дека за време на посетата може да се разговара за воена соработка меѓу Северна Кореја и Иран.

Двете земји - и двете се соочија со строги меѓународни санкции и изолација на дипломатската сцена поради нивните нуклеарни активности - постојано беа обвинувани за активна соработка, особено во областа на ракетната технологија.

Контроверзната иранска нуклеарна програма е предмет на обновен интерес во последните месеци по избувнувањето на војната во Газа. /МИА

Сиднеј: Тинејџери планирале да купат оружје и да ги напаѓаат Евреите

 Група тинејџери планирале да набават оружје и да нападнат Евреи само неколку дена по нападот врз епископот на Асирската православна црква во Сиднеј, покажа полициската истрага, објавија денеска австралиските локални медиуми.

Петмина тинејџери, на возраст од 14 до 17 години, во четвртокот беа обвинети пред судот во Сиднеј за низа прекршоци, вклучително и заговор за учество или планирање терористички чин.

Полицијата соопшти дека сите тие „се придржувале до религиозно мотивирана, насилна екстремистичка идеологија“ и биле дел од мрежата во која беше и 16-годишно момче обвинето за прободување на епископот на Асирската православна црква Мар Мари Емануел на 15 април.

Според полициските информации доставени до Детскиот суд во Сиднеј, двајцата обвинети разговарале за купување оружје на 19 април, истиот ден кога е обвинет наводниот напаѓач на бискупот, објави весникот News Corp Australia.

Одделот за односи со јавноста на полицијата на Нов Јужен Велс денеска за Асошиетед прес изјави дека не може да ја потврди точноста на извештајот.

Родителите на момчето во интервју за австралиските медиуми изјавиле дека нивниот син бил насилен и дека се сомневаат дека има нарушување од спектарот на аутизам, но додале дека тој не е терорист.

Еј-Би-Си објави дека на нивниот син му се допаѓаат онлајн видеата на основачот на Ал Каеда, Осама бин Ладен, а сликата на профилот на момчето Вотсап е слика на самиот Бин Ладен. /МИА

Стано: Целта на ЕУ е да им помогне на Белград и Приштина да почнат да се однесуваат европски

- Нашата улога како олеснувач во дијалогот меѓу Белград и Приштина е да олесниме, да им помогнеме да станат Европејци и да почнат да се однесуваат на европски начин.

Од досегашното искуство од работата на специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, Унијата научи дека ако страните во еден спор не сакаат напредок, никој не може со сила да ги натера на тоа, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни односи и одбранбена политика Петер Стано.

- Нашата улога како олеснувач во дијалогот меѓу Белград и Приштина е да олесниме, да им помогнеме да станат Европејци и да почнат да се однесуваат на европски начин за да најдат компромисни решенија за прашањата кои се важни за нивните граѓани, истакна Стано во одговор на новинарско прашање за оценка на работата на Лајчак, кој од септември заминува на должноста евроамбасадор во Швајцарија.

Според Стано, тоа што Србија и Косово досега не успеаја да постигнат напредок во дијалогот и во имплементацијата на договорените обврски не претставува неуспех на ЕУ или на посредникот Лајчак, туку нивни неуспех да испорачаат.

Стано додаде дека тоа што ЕУ именува специјален претставник за дијалогот е показател за важноста на ова прашање за Унијата и нејзината желба да им помогне на двете страни да остварат напредок на дневна основа.

- Затоа не може да се каже дека досегашните резултати се неуспех на Лајчак. Тој го стори најдоброто што го можеше во името на високиот претставник, во името на ЕУ, со целосна поддршка на сите 27 земји членки. Не е коректно за нешто да се каже дека е неуспех, затоа што двете страни не го потпишаа Охридскиот договор, рече Стано.

Тој додаде дека Охридскиот договор и имплементацијата на останатите договорени одредби е дел од обврските на Србија и Косово поврзани со процесот на нивната евроинтеграција.

-Ако не постигнат напредок во имплементација тие се нанесуваат штета сами на себе, на својата европска иднина и на придобивките што би ги добиле нивните граѓани, додаде Стано.

Во однос на именувањето на наследник на Лајчак, Стано истакна дека за тоа постојат процедури во рамките на ЕУ, но дека засега не може да даде конкретна временска рамка дали и кога би бил именуван нов претставник за дијалогот.

- Можам само да кажам дека до истекот на мандатот на актуелниот претставник Лајчак ќе информираме за нашите идни планови, рече портпаролот на ЕК.

Сепак, според Стано, дури и да не биде именуван нов специјален претставник, тоа не значи дека ЕУ ќе се откаже од својата заложба за да помогне во олеснување на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

- Секој олеснувач или посредник ќе ви каже дека нивото на успех зависи од расположението и волјата на страните за компромис. Тоа е нешто што ние го правиме и, повторувам, нема да се откажеме, но можеме да понудиме онолку, колку што тие се подготвени да прифатат, заклучи Стано.

притисни ентер