ДУИ бара консензуален претседател

Нова стратегија на ДУИ. Партијата на Ахмети на синоќешното Централно претседателство ги зацрта роковите до кога ќе го чекаат Груевски да одговори дали во Македонија новиот шеф на државата ќе се избира со консензус.

Ако не падне договор алтернативците најавуваат преговори со македонската опозиција. Ако пропадне и оваа опција тогаш ДУИ на претседателскиот избори ќе трча со свој кандидат.

Најблиските партиски соработници го охрабриле Ахмети да продолжи со преговорите со коалицискиот партнер. Според Османи време било за консензуален претседател бидејќи само така тој ќе бил рефлексија на волјата на сите граѓани. Засега, вели Османи од последната средба Груевски-Ахмети, не добиле јасни сигнали дали за ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив ваквиот предлог.

ДУИ очекува официјален одговор од коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ. Доколку предлогот не биде прифатен се отвора можност за други алтернативи. Доколку пак, не се постигне меѓуетничка, не е исклучена внатре етничка коалиција, како што имаше за локалните избори, но тоа сепак не е добра порака за иднината на државата, рече Османи.
Според Османи на синоќешното централно претседателство за предвремени избори не било разговарано, но не исклучува оваа тема да се најде за два дена на новиот состанок на најтесното партиско раководство.

Висок партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ неодамна за дел од медиумите рече дека партиското членство нема да дозволи мешање во внатрешната работа на партијата. Од СДСМ велат дека ДУИ треба поконкретно да објаснат што значи избор на консензуален претседател.

Црвенковски: Не би ставил знак на еднаквост помеѓу Преспанскиот и договорот со Бугарија

Не би ставил знак на еднаквост помеѓу Преспанскиот договор со Грција и договорот за пријателство и соработка со Бугарија, вели Црвенковски.

Веднаш по стекнувањето на независноста во Македонија се постигна широк општествен консензус дека нашата иднина е во НАТО и ЕУ. За жал и покрај исполнeтите услови уште пред 13 години, заради спорот со Грција ниту станавме членка на НАТО, ниту ги отпочнаме преговорите со ЕУ. Ни беше најавено, па дури и гарантирано дека Преспанскиот договор е клучот што ќе ги отвори двете врати. За жал испадна дека не е така. Станавме членка на НАТО, но заради позициите на Бугарија не можеме да ги отпочнеме преговорите со ЕУ, рече во обраќањето на Научниот собир во МАНУ „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991 / 1991-2021 година" по повод 30 години независност, поранешниот претседател Бранко Црвенковски.

-Во секој случај јас не би ставил знак на еднаквост помеѓу Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија од најмалку една причина. Преспанскиот договор со Грција, кој јас не го сметам за добар, уште помалку за идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно тешко отворено прашање. Договорот со Бугарија, не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја што компромис едноставно не е можен, рече Црвенковски.

Тој се осврна и на уште една тема околу нашето европско интегрирање, кое вели, се смета за наша единствена опција.

-Мантра која постојано ја слушаме од страна на актуелните политичари во нашата земја е: „Полноправното членство во ЕУ е нашата единствена опција за која не постои алтернатива. Не постои и воопшто не размислуваме за план Б." Го поставувам прашањето, а што ако не заради нас, не затоа што ние не сакаме или не сме спремни да ги спроведуваме неопходните реформи и да ги исполнуваме неопходните критериуми, туку затоа што самата ЕУ реши да нема понатамошно проширување, на пример затоа што ваква каква што е со постојните членки е недоволно функционална и ефикасна, дека евентуално нови членки дополнително ќе го усложнат и онака премногу компликуваниот начин на одлучување и креирање на заеднички политики? А такви размислувања во рамки на Унијата веќе има. Што во тој случај ќе правиме ние за кои не постои друга алтернатива? Ќе се самоукинеме, ќе се самораспуштиме како држава? Или мора да најдеме алтернатива, праша Црвенковски.

Тој кажа дека исто не гледа алтернатива ни на исток, ни на далечниот исток, но праша дали во таков случај имаме сопствен општествен капацитет, политичка волја и јасна визија да се одржиме и развиваме како суверена држава и без полноправно членство во ЕУ.

-Ако нашата главна идеја водилка е: „НАТО ќе не брани, ЕУ ќе не храни", тврдам дека ниту ќе се одбраниме, ниту ќе се нахраниме. Зарем не е логично дека никој од надвор не може да биде повеќе заинтересиран од нас самите во каква држава ќе живееме и каква држава ќе оставиме на нашите деца и внуци. Па ако е логично што не попречува така да се однесуваме кон сопствената земја, рече поранешниот претседател Црвенковски.

Тој при тоа укажа на неколку причини, кои ги смета за клучни што не попречуваат така да се однесуваме кон државата, а тоа се вели корупцијата, внатрешно длабоко поделена и конфронтирана и дека сме држава која живее на кредити. Во корумпирана држава, рече, нема еднаквост пред законот, нема правда, нема доверба во судството, нема квалитетно образование, ниту квалитетно здравство, ниту елементарна доверба во институциите. Додаде дека „Македонија е внатрешно длабоко поделена и конфронтирана држава, каде не е можно да се изгради консензус околу ниту едно стратешки важно прашање, политичките партии меѓусебно не се гледаат како конкуренти, туку како непријатели кои треба да се уништат, а изборите, без разлика од кој вид, не се третираат како фер натпревар кој е подобар, туку како гладијаторска борба во која победникот добива се, а поразениот ништо.

-Јас сум длабоко уверен дека вака внатрешно конфронтирани, раскарани и замразени, неспособни ниту да седнеме на иста маса, а камоли за нешто да се договориме, немаме никакви шанси да ја направиме Македонија поуспешна, попросперитетна, посакувана во неа да се живее и во неа да се верува.

Земјава рече е и држава која живее на кредити, и посочи дека во 2001 година бруто надворешниот долг (значи вкупниот долг, и на државата и на приватниот сектор) изнесувал 1 милијарда и 494 милиони долари, во 2011 пораснал на 6 милијарди и 271 милион долари, а денес, вели, во 2021 година „тој изнесува фантастични 11 милијарди и 545 милиони долари.

-За 20 години, бруто надворешниот долг пораснал за повеќе од 10 милијарди долари. Па каде завршија тие пари и што е уште поважно, како ќе се враќаат тие пари? Дали овие кредити се искористија за пропорционален раст на бруто домашниот производ? Не! Дали завршија во развиена патна, железнича, енергетска инфраструктура? Сосема мал дел! Дали се искористија во подигање на квалитетот на јавното здравство, на образованието? Прашајте ги граѓаните и ќе ви одговорат дека состојбите на овој план се дури и полоши отколку пред 10 или 20 години. За жал, голем дел од овие средства завршија во апсолутно непродуктивни трошоци и проекти, рече Црвенковски.

Забележителен раст, е вели регистриран кај буџетот на државата, и кај бројот на вработени во јавниот сектопр кој денес, во 2021 година изнесува 4 милијарди и 300 милиони евра, и кај вработени во јавниот сектор 197.530 лица.

-Вака понатаму не може. Овој балон еден ден, порано или подоцна, ќе пукне, со сите катастрофални последици што од тоа ќе произлезат. На Македонија и е ургентно потребна една национална платформа околу која ќе се постигне широк општествен консензус и ќе биде задолжителна за спроведување за сите, без разлика кој ќе биде власт а кој опозиција, се додека клучните работи не бидат доведени во ред. Платформа со која ќе се дефинираат начините и средствата за справување со корупцијата. Според мене, треба да се почне со елиминирање на коруптивното финансирање на партиите. Ако со помош на корупција се освојува или сочувува власта, немаме никакви шанси да ја победиме корупцијата во државата. Под итно ни е потребен еден строг ригорозен Закон за потекло на имотот кој ефикасно и неселективно ќе се применува за секого без исклучок. Платформа во која ќе се дефинира план и временската рамка за спроведување за рационализација на администрацијата и јавниот сектор во државата. Платформа во која ќе се дефинира политика и рокови за намалување на вкупниот надворешен долг на државата на подносливо ниво, порачува Црвенковски.

За постигнување на нашата стратешка цел-полноправно членство во ЕУ и за обезбедување сигурна и просперитетна иднина на државата и ако членството во ЕУ не е можно, тој смета дека е потребна Плтформа која треба да биде подготвена од водечките наулчни, образопвни и стопански институции во државата

-Ја користам оваа прилика да апелирам до МАНУ, до Универзитетот, до Стопанската комора, до Вас Претседателе Пендаровски, како натпартиска и обединувачка институција-покренете таква иницијатива! Откако ќе се заокружи документот треба да им се понуди на политичките партии кои доколку го прифатат ќе стане задолжителен за нив во нивното делување. Каков ќе биде нивниот одговор јас не знам. Но знам дека вреди да се обидеме и дека такво нешто и е потребно на Македонија. Има една реченица која многу често ја слушам во последно време и која многу тешко ми паѓа. А тоа е: „не нé бива ниту ќе нé биде како држава". Уште повеќе ме погодува затоа што знам дека нé бива и дека можеме. Клучно прашање е дали сакаме. Ако искрено, ама навистина искрено сакаме и целосно се вложиме за остварување на таа цел, тогаш и ќе нé биде. Крајно време е тоа и да го направиме, рече Црвенковски.

Во однос на процесот на приватизација и транзиција на општетството Црвенковски истакна дека големите аномалии настанаа во пост-приватизациониот период. Во многу претпријатија вработените под притисок и уцена, вели, во страв да не ги изгубат работните места ги отстапуваа своите акции по минимална вредност па дури и без пари на менаџерските структури.

-Едноставно, не создадовме ефикасен механизам за заштита на интересите на малите акционери и тоа беше голема грешка. Губењето на работните места во многу поголема мера се должеше на бројните стечаи отколку на приватизацијата. А стечаи имаше и заради субјективни слабости , но и поради објективни околности (изгубените пазари, блокадите, немањето на кредитна поддршка да се одржи производството и сл.).Во секој случај, се направија крупни грешки. Со денешниве сознанија и искуства, со оваа памет, сигурно дека многу работи јас лично би ги направил сосема поинаку. Но за жал, како во приватниот живот така и во политиката времеплов непостои. Без разлика што ниедна од тогашните одлуки не беше донесена со лоши намери,туку верувајќи во тие и такви тогашни околности, дека се правилни, од денешен аспект гледано негативните последици мора да се признаат. И за успесите кои беа постигнати но и за грешките кои беа направени во периодот додека бев премиер носам целосна одговорност, рече поранешниот претседател Бранко Црвенковски./МИА

Заев вети позитивна кампања

Заев вети позитивна кампања и постизборна посветеност на поголем локален економски развој.

Премиерот Зоран Заев на денешниот прв ден од почетокот на кампањата за претстојните локални избори вети дека како партија и коалиција ќе водат позитивна кампања која ќе биде насочена кон она што било направено досега, но и кон идните планови за поддршка на локалните самоуправи и за поголем локален економски развој.

-Овие избори се избори на личност, програми, проекти, идеи, и во едни такви околности должност е за сите е да водиме позитивна кампања. Нашата земја оваа година слави 30 години од независност и колку сме навистина созреани и колку сме општествено одговорни сите ние со секоја година и со секои наредни избори може да докажувеме. Тука пред се мислам на нас политичарите, но, секако и на кандидатите што се претставуваат со своите изборни програми, рече Заев.

СДСМ и коалицијата, додаде, ќе води исклучително позитивна кампања.

-Ова затоа што имаме со многу што да се пофалиме во овие четири години, за сите проекти што се реализираат 550 милиони евра се директни поддршки од Владата за локалната самоуправа. Времето што е пред нас ги дава сите причини да веруваме дека ќе биде уште подобро, дека навистина ќе има уште многу проекти и оти животот на локално ниво ќе биде уште попримамлив, пред се младите да остануваат тука, рече Заев во одговор на новинарско прашање по учеството на почетокот на манифестацијата Преспански јаболкобер.

Тој додаде дека досега било направено многу во сферата на инфраструктурата, но, како што рече, претстојат уште многу предизвици.

-Верувам дека во следниот четиригодишен мандат ќе ја завршиме неопходната локална инфраструктура, водоводите, канализациите, прочистителните станици, локалните патишта и се што е неопходно базично, но ќе доминира период на нашата посветеност на локалниот економски развој. Секој наш регион има свои предности, нагласи Заев, и ако бидеме сплотени и единствени веднаш по изборите сите да работиме за граќаните ќе ги мултиплицираме ефектите, истакна премиерот.

На прашањето зошто изборната кампања СДСМ со коалицијата ја почнува од Битола, каде што вечер од 20 часот ќе има централен настан, а претходно и средби со граѓани на Демир Хисар, премиерот одговори дека агендите се прават во координација со сите учесници на изборите и нивните штабови за да не се дуплираат кога се претставуваат на терен.

-Важен е целиот овој наш регион, Битола и Пелагонискиот регион, и Преспанскиот, и Охридско-струшкиот се многу важни од секој можен аспект и веројатно затоа при разговорите одлучивме да почнеме токму од Битола. Утре сме веќе во главниот град, па продолжуваме понатаму во Струмичкиот регион, изјави Заев. /МИА

Иванов: Демократијата не може да се увезува, таа потекнува од народот

Демократијата, нагласи Иванов, не може да се увезува – единствена вистинска демократија е демократијата која потекнува од народот, од политичката самосвест, од учествувањето во политичкото одлучување за иднината.

„Денес на Република Македонија повеќе од кога и да е и се потребни луѓе, кои со гордост ќе се изјаснуваат дека се Македонци. Дека се македонски народ. Сега ни се потребни луѓе кои допрва ќе ја градат Република Македонија како држава заснована врз самодоверба, самопочит, себеспознавање и љубов кон татковината".

Ова го порача во поздравното ведео обраќање на свечениот научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година", поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Демократијата, нагласи Иванов, не може да се увезува – единствена вистинска демократија е демократијата која потекнува од народот, од политичката самосвест, од учествувањето во политичкото одлучување за иднината.

– Во духот на народната „љубовта е слепа, но соседите сè гледаат", Македонија ја доживеа својата 30-годишнина од независноста, која ни проаѓа без радост и среќа, да ја дочека како земја од групата на хибридни режими, која се стреми кон автократија, делумно слободна и на 111 место, според корупцијата во светот, изјави Иванов.

Македонскиот народ, порача Иванов, учествувајќи во Втората светска војна на вистинската и праведна страна на историјата, ја создаде својата сопствена држава.

– Таа АСНОМ-ска, антифашистичка македонска држава ја создаде македонската нација која преку националните институции ја крепеше македонската држава во рамките на Југословенската федерацијата. Со Охридскиот договор, покрај сите предупредувања македонскиот народ од националитет се сведе на етницитет. Оттогаш се веќе беше подготвено, за тоа она денес ни се случува. Како претседател често посочував и предупредувата за она што сега ни се случува. Предупредив дека цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, идентитет и јазик, нема ниту македонско прашање, изјави Иванов.

Пандорината кутија, нагласи Иванов, е отворена и сега речиси секој си зема за право да го негира, она што е наше стекнато право.

-Постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува. Предупредував дека со Договорот од Преспа се става крај на Република Македонија каква што ја знаеме и затоа, ниту учествував, ниту потпишав таков договор, изјави Иванов.

Невиден преседан, нагласи Иванов, е заради политички контекст политичарите да даваат историско толкување на фактите.

– Со Договорот со Бугарија власта во Македонија сака да реши едно прашање, кое ќе ја задоволи само бугарската страна. Она што Македонија го добива за возврат е само понижување, преку одрекување и отуѓување од сопствената историја, без кое немаме компас за иднината, изјави Иванов.

Македонскиот народ, посочи Иванов, се изјасни против избрзани и наметнати штетни решенија, донесени без претходно постигнат национален консензус.

– На 30 септември 2018 година, со негласање тивкото мнозинство донесе гласна одлука. Одлука дека никој нема мандта од народот да го менува Уставот, заради промена на уставното име. Народот препозна дека е уценет и ја отфрли цената. Со бојкот на референдум народот го одбрани своето право на постоење и го зачува стекнатото право на самоопределување и убеден сум дека еден ден ќе дојде геенрација политичари ќе го задржи, она што некој сега е подготвен толку лесно да го изгуби, изјави Иванов.

Поздравни обраќања на отворањето на научниот собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година", имаа и актуелниот претседател Стево Пендаровски и поранешниот претседател Бранко Црвенковски, Живко Кондев, шеф на Кабинетот на првиот претседател на државата Киро Глигоров и Владо Поповски, кој беше советник во Кабинетот на претседателот Борис Трајковски. /МИА

притисни ентер