„Спајс грлс“ повторно заедно за 50. роденден на Викторија Бекам

Познатиот женски поп-состав од 90-тите - „Спајс грлс“ (Spice Girls) повторно се обедини за 50-от роденден на Викторија Бекам - една од девојките во групата.

Популарните „Спајсици“ сѐ уште се во добри односи. Џинџер, Спорти, Бејби, Скери и славеничката Пош Спајс прославија и со својата позната песна „Стоп“, а видеото од изведбата на Инстаграм го објави сопругот на Викторија, Дејвид Бекам. Забавата се случила викендов во клубот „Освалдс“ во Лондон, а од познатите гости, забележани се и Том Круз, Селма Хајек, Ева Лонгорија и Гордон Ремзи, меѓу другите.

„Пријателството никогаш не завршува“, гласи натписот до заедничка фотографија објавена на „Инстаграм“ страницата на „Спајсиците“.

Инаку, годинава се навршуваат и 30 години од основањето на „Спајс грлс“. Составот првично постоеше од 1994. до 2000 година, но имаше повторни собири и за неколку посебни поводи потоа. Тие се собраа и на затворањето на Олимписките игри во Лондон, 2012 година.

Одличниот Ѓоковиќ лесно помина во третото коло на Ролан Гарос

Новак Ѓоковиќ се пласираше во 3. коло на Ролан Гарос откако го совлада Роберто Карбаљес-Баена со 6:4, 6:1, 6:2.

Српскиот тенисер бавно го започна мечот, но во последните два сета одигра фантастично и го разби Шпанецот кој повеќе немаше никакви шанси.

Карбаљес-Баена добро се држеше во првиот сет, но кога Ѓоковиќ водеше со 5:4, го загуби својот сервис, што го одреди остатокот од мечот. Србинот сѐ повеќе го подигнуваше нивото на својата игра, што Шпанецот не можеше да го следи и прашање беше само колку гема ќе му одземе на Карбаљес-Баена до крајот.

За влез во 4.коло Ѓоковиќ ќе игра со победникот од мечот Монфис - Музети што се игра подоцна вечерва.

Таравари: Ако граѓаните треба да гласаат по втор пат за неполна година, останувам градоначалник

Доколку треба да се оди на предвремени избори за градоначалник нема да ја прифатам министерската функција и не би било праведно кон граѓаните повторно да одат на избори.

Доколку треба да се оди на предвремени избори за градоначалник нема да ја прифатам министерската функција и не би било праведно кон граѓаните повторно да одат на избори, изјави гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари на прашањето што го спречува да влезе во идниот владин кабинет.

- Дилемата е дали вреди да се оди за една година двапати на избори? 35.000 луѓе во Гостивар да излезат да гласаат во ноември оваа година и во октомври следната година, мислам дека е нечесно. Така што, ако остане актуелниот Закон за локална самоуправа, јас ќе останам тука. Единствената причина што ме колеба е таа дека не би сакал граѓаните да ги малтретираме за неполна година двапати да излезат да гласаат, изјави Таравари по средбата со австрискиот амбасадор Мартин Памер.

Таравари појасни дека сè уште нема донесено дефинитивна одлука и дека тоа би го кажал во понеделник.

Доколку стане министер, напомена дека би требало да го замени еден од советниците во општината, но смета дека претседавачот на Советот, Ваљбон Лимани е добро решение за да продолжи.

Без струја утре делови од Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Чаир

Поради планирани прекини во електродистрибутивната мрежа, утре без електрична енергија ќе останат делови од скопските општини Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Чаир, информираат попладнево од Регионалниот центар за управување со кризи - Скопје.

Во периодот од 11 до 13 часот, струја ќе немаат корисниците од булеварот „Партизански одреди“ број 93 влез 4 во општина Карпош.

Дел од улицата „Дарвинска“ во населбата Драчево, општина Кисела Вода, ќе нема струја од девет до 14 часот.

Во општина Чаир, струја ќе немаат од 8.30 до 13 часот - улицата „Славеј Планина“, дел од „Прохор Пчински“ кон џамијата, дел од „Пластичарска“, објектите околу „Мармарис“, „Топанска“ и објектите околу Теќето.

Од девет до 15 часот - дел од корисниците на улицата „103“, од кружен тек Волково кон црквата во општина Ѓорче Петров.

притисни ентер