Моделот „плати или гледај“ на „Мета“ не е во согласност со Законот за дигитални пазари,оцени ЕУ

Комисијата оцени дека моделот на „Мета“ ги принудува корисниците да се согласат на користење на нивните лични податоци преку „нивните услуги и услуги од трети страни за да обезбеди онлајн рекламирање“.  

Европската комисија соопшти дека ја информирала „Мета“ оти според нејзините прелиминарни наоди во рамки на истрагата започната на 25 март годинава, моделот за рекламирање „плаќај или гледај“ што го практикува компанијата не е во согласност со Законот за дигитални пазари на ЕУ (ДМА).

Комисијата оцени дека моделот на „Мета“ ги принудува корисниците да се согласат на користење на нивните лични податоци преку „нивните услуги и услуги од трети страни за да обезбеди онлајн рекламирање“.

Според ЕК, моделот „плаќај или гледај“ ги принудува корисниците да бираат меѓу две опции – да плаќаат месечна претплата за користење на верзија без реклами на социјалните мрежи на „Мета“ или да имаат бесплатен пристап до верзија на социјалните мрежи со персонализирани реклами.

Согласно член 5 став 2 од ДМА, големите онлајн компании, кои имаат статус на „чуварите на портата“, меѓу кои е и „Мета“, мора да бараат согласност од корисниците за користење на нивните лични податоци за да може да ги користат услугите на основната платформа, а доколку корисникот одбие да даде таква согласност треба да има пристап до помалку персонализирана, но еквивалентна алтернатива.

Комисијата смета дека моделот „плати или гледај“ на „Мета“ не е во согласност со овој член од Законот, бидејќи не им дозволува на корисниците да се одлучат за услуга што користи помалку од нивните лични податоци, која би била еквивалентна на услугата базирана на „персонализирани реклами“ и им оневозможува да го остварат своето право на слободна согласност за користење на нивните лични податоци.

За да се обезбеди усогласеност со ДМА, според Комисијата, „Мета“ треба да им овозможи на корисниците кои не се согласуваат со користење на нивните лични податоци, сепак да имаат пристап до еквивалентна услуга која користи помалку лични податоци за персонализација на рекламирањето.

„Мета“ сега има право да достави писмен одговор на наводите од прелиминарните наоди на Комисијата. ЕК, пак, треба да ја заврши истрагата во рок од 12 месеци од нејзиното отворање, односно до март следната година.

Доколку истрагата ги потврди прелиминарните наоди за неусогласеност на моделот со член 5 став 2 од ДМА, Еврокомисијата може да и изрече парична казна на „Мета“ во износ до 10 отсто од нејзиниот вкупен промет на глобално ниво. Доколку, прекршокот се повтори таа казна може да достигнат и до 20 отсто од глобалниот промет, а во случај на систематска неусогласеност, ЕК е овластена да изрече дополнителни правни лекови, меѓу кои и обврска за компанијата да го продаде својот бизнис или делови од него или да и забрани воведување дополнителни услуги.

Отворен за употреба Градскиот базен во Охрид

Отворениот градски базен „Атина Бојаџи“ во Охрид од денеска е отворен за користење, како за пливачките школи, така и за забава и рекреација.

Рекреативците ќе можат да ги користат услугите во периодот од 13 до 19 часот за големиот базен и од 13 до 17:30 часот за малиот базен.

-Утринските и дел од попладневните часови во големиот и малиот базен се резервирани за пливачките школи. Дневниот билет за рекреативно користење, согласно правилникот за цени на претпријатието, е сто денари, информираат од ЈП „Билјанини Извори“.

Средба на Сиљановска Давкова со шпанскиот амбасадор: Шпанија е наш важен партнер

Шпанија е наш важен партнер во рамки на НАТО, ОН и ОБСЕ и поддржувач на аспирациите за членство во ЕУ.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска остварила средба со амбасадорот на Кралството Шпанија, Хосе Луис Лосано Гарсија, на која биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, кои годинава одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, при што била истакната посветеноста за натамошно јакнење на пријателските и партнерски односи меѓу двете држави.

Претседателката Сиљановска Давкова, како што соопшти нејзиниот Кабинет, истакнала дека Шпанија е наш важен партнер во рамки на НАТО, ОН и ОБСЕ и поддржувач на аспирациите за членство во Европската Унија, што јасно го демонстрираше за време на своето претседателство со Советот на ЕУ во втората половина на минатата година.

Во тој контекст, било разговарано за натамошниот тек на реформската агенда по формирањето на новата Влада. На средбата биле разменети мислења за актуелните состојби во поширокиот регион.

Претседателката Сиљановска Давкова посочила на интересот од македонска страна за натамошно интензивирање на економската соработка и трговската размена меѓу двете држави.

притисни ентер