Средба на Сиљановска Давкова со шпанскиот амбасадор: Шпанија е наш важен партнер

Шпанија е наш важен партнер во рамки на НАТО, ОН и ОБСЕ и поддржувач на аспирациите за членство во ЕУ.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска остварила средба со амбасадорот на Кралството Шпанија, Хосе Луис Лосано Гарсија, на која биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, кои годинава одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, при што била истакната посветеноста за натамошно јакнење на пријателските и партнерски односи меѓу двете држави.

Претседателката Сиљановска Давкова, како што соопшти нејзиниот Кабинет, истакнала дека Шпанија е наш важен партнер во рамки на НАТО, ОН и ОБСЕ и поддржувач на аспирациите за членство во Европската Унија, што јасно го демонстрираше за време на своето претседателство со Советот на ЕУ во втората половина на минатата година.

Во тој контекст, било разговарано за натамошниот тек на реформската агенда по формирањето на новата Влада. На средбата биле разменети мислења за актуелните состојби во поширокиот регион.

Претседателката Сиљановска Давкова посочила на интересот од македонска страна за натамошно интензивирање на економската соработка и трговската размена меѓу двете држави.

Средба Муцунски – Аксинте

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денеска се сретна со амбасадорката на Романија, Адела Моника Аксинте.

На средбата беа потврдени традиционалните и пријателски односи меѓу двете држави кои и во иднина ќе се унапредуваат и продлабочуваат, со посебен фокус на економската соработка. Воедно, се истакна и динамиката на билатералната соработка, почнувајќи од политичкиот дијалог, секторската соработка и нашата тесна соработка во регионалните иницијативи.

Тема на разговорите беше и интегрирањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ, при што соговорниците се согласија дека понатамошното проширување на Европската Унија не е само поттик за земјите од регионот, туку и суштински интерес за земјите членки.

Министерот Муцунски изрази благодарност за континуираната и безрезервна поддршка од Романија за нашето членство во Европската Унија, како и за нивната подготвеност да понудат помош во конкретни области кои се од наш интерес. Соговорниците се осврнаа и на сојузништвото во рамки на НАТО, и потребата од зајакнување на соработката во контекст на безбедносните предизвици пред кои сме исправени.

Ќе се реконструира салата „Расадник“ во Кисела Вода

Проектот за реконструкција готов до средината на август.

Во финална фаза е проектната документација за целосна реконструкција на спортската сала „Расадник“ во општина Кисела Вода. Проектот содржи теретана, фитнес за спортистите, но и деловен простор којшто салата ќе може да го издава. Финансирањето ќе биде обезбедено од страна на Министерството за спорт.

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кој денеска заедно со министерот за спорт Борко Ристоски изврши увид во објектот, изјави дека се надева оти местото кое е руина во моментов, ќе прерасне во сериозно добар и професионален спортски храм на градот, но и место од каде повторно ќе се раѓаат нови, спортски имиња со кои Општина и државата ќе се гордее.

Тој информираше дека проектот треба да биде готов најдоцна до средината на август, а на почетокот на септември веќе би биле во фаза во која би започнала постапката за реконструкција на салата.

Како што рече, проектираната вредност е околу милион ипол евра.

- Повеќе од осум месеци се работи и е во финална фаза проектната документација за целосна реконструкција на оваа спортска сала и за многу скоро, заедно со Министерството за спорт, ќе почнеме со градежни активности на ова место. Ќе биде распишана тендерска постапка. Општината ќе стопанисува со салата, рече градоначалникот.

Тој информираше дека разговарале со министерот за спорт околу промена на името на салата.

-Можно е да има промена на името затоа што треба да има име кое ќе биде симболика од нашето време. За ова ќе бидете информирани дополнително, додаде Ѓорѓиевски.

Министерот за спорт најави дека ќе се објави јавен повик за комплетна реконструкција на салата.

- Оваа денешна посета би ја поделил во два сегменти. Првиот сегмент е моментот кај што вршењето увид во оваа руина сала буди убави спомени за се она што се случуваше во минатото. Јас ја паметам оваа сала како сала исполнета со многу спортисти, деца, врвен и рекреативен спорт. Вториот дел е тоа што сеќавањата од минатото отвораат можности за иднината, а иднината значи комплетно нова реконструирана сала Расадник. На овој руиниран објект ќе му се стави крај во најбрз можен рок, рече Ристовски.

Тој додаде дека државата има потреби од нови сали, базени и игралишта, најавувајќи изградба и реконструкција на нови спортски објекти.

На новинарско прашање до градоначалник Орце Ѓорѓиевски дали Општината ќе аплицира за 250-те милиони евра што премиерот Христијан Мицкоски ги најави за општините, одговори дека веќе има подготвена документација и за наредната година.

Ѓорѓиевски најави дека се работи и на проектирање на поликлиника во Кисела Вода. - Можам да најавам дека сериозно се работи и на проектирање на поликлиника во Кисела Вода. Тоа верувам дека наредната година ќе биде аплицирано од наша страна и конечно граѓаните после толку години во Кисела Вода ќе добијат поликлиника со соодветни услови, рече Ѓорѓиевски.

Прашан дали РК Вардар ќе има свој дом, Ѓорѓиевски одговори дека ќе му биде чест и привилегија конечно РК Вардар има свој дом тука во Кисела Вода, на местото каде што ги има своите почетоци.

Осум лица се уапсени во Германија и Шведска под сомнение за злосторства против човештвото

Германија и Шведска соопштија дека уапсени се осум лица осомничени дека извршиле злосторства против човештвото во име на режимот на Башар ал Асад за време на граѓанската војна во Сирија.

Петмина од нив се приведени во Германија, а останатите во Шведска, во рамки на заедничка операција. Четворица од уапсените се Палестинци без државјанство, а последниот е поранешен сириски разузнавач.

Според соопштението на германското федерално обвинителство, постојат „силни сомневања за убиства или обид за убиство на цивили како злосторства против човештвото и воени злосторства“ извршени за време на граѓанската војна во Сирија, која започна во 2011 година со задушување на антивладините демонстрации.

Лицата уапсени во Шведска се „осомничени дека извршиле злосторство против човештвото во Сирија во 2012 година“, се вели во соопштението на шведското обвинителство.

Меѓу осомничените уапсени во Германија има четворица лица без државјанство со палестинско потекло, членови на вооружена милиција која вршела контрола над населбата Јармук во Дамаск „во име на сирискиот режим“, соопшти обвинителството.

„Сите обвинети учествуваа во насилното задушување на мирните демонстрации против сириската влада на 13 јули 2012 година во Јармук“, додаде истиот извор, истакнувајќи дека тие „пукале врз демонстрантите“./МИА

притисни ентер