„Ги запознаваме ретките болести“: Шварц-џампелов синдром/Хондродистрофична миотонија/SCHWARTZ–JAMPEL SYNDROME - Канал 5

„Ги запознаваме ретките болести“: Шварц-џампелов синдром/Хондродистрофична миотонија/SCHWARTZ–JAMPEL SYNDROME

Шварц–Џампеловиот синдром (SJS) или хондродистрофична миотонија е ретка генетска болест предизвикана од мутација на генот на перлекан (HSPG2), што предизвикува остеохондродисплазија поврзана со миотонија. 

„Ги запознаваме ретките болести“: Шварц-џампелов синдром/Хондродистрофична миотонија/SCHWARTZ–JAMPEL SYNDROME

Шварц-џампелов синдром/Хондродистрофична миотонија/ SCHWARTZ–JAMPEL SYNDROME (SJS)/CHONDRODYSTROPHIC MYOTONIA

MKБ-10 Q78.8, G71.1

ПРЕВАЛЕНЦА – забележана кај помалку од 1/100 000 население (во литературата до денес се опишани 130 случаи).

ВОВЕД

Шварц–Џампеловиот синдром (SJS) или хондродистрофична миотонија е ретка генетска болест предизвикана од мутација на генот на перлекан (HSPG2), што предизвикува остеохондродисплазија поврзана со миотонија. Тоа е генетски условен синдром кој ги вклучува мускулите и нервниот систем, и кој води до значителни физички и невролошки нарушувања, особено во поглед на мускулниот тонус и контролата на движењата. Типичните карактеристики на болеста вклучуваат ниска висина, абнормалности на скелетот, постојани мускулни контракции и хипертрофија на мускулатурата. Синдромот првпат е опишан во 1962 година од американскиот офталмолог Оскар Шварц и американскиот невроофталмолог Роберт Стивен Џампел. Поради својата реткост, оваа болест не е широко позната, и иако пациентите имаат речиси нормален животен век, сепак синдромот има сериозно влијание врз квалитетот на животот на пациентите.

ЕТИОЛОГИЈА

Шварц–Џампеловиот синдром е предизвикан од мутации во генот HSPG2, кој го кодира протеинот перлекан позициониран во мускулите и ᾿рскавицата. Перлеканот е важен за функцијата на мускулите и нервите бидејќи ги регулира јонските канали кои се вклучени во преносот на нервните импулси. Кај синдромот постои сомневање дека абнормалната функција на перлекан доведува до недостаток на ацетилхолинестераза, ензим вклучен во разградувањето на невротрансмитерот ацетилхолин, кој ја поттикнува мускулната контракција. Ако ацетилхолинот не се разложи, може да доведе до продолжена мускулна контракција/зацврстување на мускулите (миотонија). Шварц–Џампеловиот синдром се наследува автосомно рецесивно, што значи дека се потребни две копии од мутираниот ген (една од секој родител) за да се развие болеста, иако некои пријавени случаи укажуваат на автосомно доминантна шема на наследување. Родителите на детето со автосомно рецесивна состојба обично не боледуваат од таа состојба. Генетскиот локус е мапиран на 1p36.1 Некои деца од опишаните случаи во литературата имале благи скелетни промени (SJS-1), додека други имале примарна коскена дисплазија придружена со грчеви, односно миотонија (SJS-2). Првата група покажала поврзаност со хромозом 1p36.1-p34, додека втората група не покажува таква поврзаност.

СИМПТОМИ И ДИЈАГНОСТИЦИРАЊЕ

Симптомите на Шварц–Џампеловиот синдром вклучуваат широк спектар на физички и невролошки проблеми. Главните симптоми се:

1. миотонија – тешкотија при опуштање на мускулите по нивната контракција; се манифестира со грчење на мускулите по изведување на движења, изразито се влошува при ниска надворешна температура или при стрес;

2. мускулни спазми, покачен мускулен тонус – предизвикува затегнатост на мускулите и ограничувања во движењето, како и појава на хипертрофија на мускулите на телото;

3. прогресивна слабост – најчесто се јавува неподносливост на физичка активност и слабост на мускулите, особено на екстремитетите;

4. очи – овој синдром може да биде поврзан со катаракта, блефароспазам (спазам на капакот) и други визуелни нарушувања;

5. кардиоваскуларни проблеми – иако не се толку чести, сепак можат да се појават, како на пример, абнормалности во работата на срцето;

6. коскени и зглобни деформитети – краток врат, конвексен граден кош, абнормална кривина на пршлените, криво стапало и/или рамни стапала, деформитет на колкот што вклучува зголемен агол меѓу вратот и телото на бутната коска, неправилност на капителарните епифизи на бутната коска, хондродисплазија, остеопороза.

SJS-1 – соодветствува на оригиналниот опис на Шварц и Џампел. Коскените деформитети не се истакнати при раѓање, миотонијата на лицето е главната карактеристика која создава специфична тријада што вклучува стеснување на очните прорези (блефарофимоза/блефароспазам), собирање на устата и брчкање на брадата. Стимулацијата, како на пример, лесен удар или дување врз очните капаци, предизвикува блефароспазам. Континуираната миотонија на екстремитетите предизвикува вкочанетост при одење и нетолеранција на физичка активност. Иако, моторниот развој за време на првата година е бавен, сепак интелигенцијата е нормална.

SJS-2 – се карактеризира со изразени коскени деформитети при раѓање, кои сугерираат на Моркиов синдром (остеохондродистрофија). Неонаталната смртност кај оваа форма е висока.

Шварц–Џампеловиот синдром се дијагностицира врз основа на карактеристичните црти на лицето, скелетните карактеристики и миотонијата. Тестовите на крвта можат да покажат покачена серумска креатин киназа или алдолаза. Рендгенските зраци, мускулната биопсија или електромиографијата (ЕМГ) можат да бидат од помош за засегнатите лица. Електромиографијата (ЕМГ) е специфична и клучна при поставувањето на дијагнозата и покажува континуирана активност на моторните единици. Првенствено, оваа активност се интерпретирала како миотонија. Миотонија може да биде присутна, но континуираната активност на моторните единици е одговорна за симптомите на лицето и екстремитетите. Серумската концентрација на креатин киназа (CK) може да биде благо зголемена. Хистолошкиот изглед на мускулот обично е нормален, но може да покаже варијации во големината на мускулните влакна и зголемен број на централни јадра. Генетското тестирање за генот HSPG2 може да ја потврди дијагнозата.

ПОСЛЕДИЦИ

Доколку болеста се стабилизира по адолесценцијата, тогаш истата не влијае на нормалниот животен век. Сепак, Шварц–Џампеловиот синдром има сериозни последици за пациентите и тие обично вклучуваат хронични и прогресивни невролошки и мускулни проблеми:

- хронична мускулна слабост – пациентите често имаат тешкотии во движењето, што може да доведе до потешкотии во извршувањето на секојдневни активности; мускулната слабост може да биде прогресивна, што значи дека со текот на времето ќе се зголемува потребата од помош при извршување на обичните задачи;

- проблеми со видот – честа појава се катаракта, блефароспазам (неволен спазам на капакот) и други визуелни нарушувања, и тие можат значително да го нарушат видот и квалитетот на животот на пациентите;

- проблеми со функцијата на срцето – кај некои пациенти можат да се појават кардиоваскуларни компликации, како што се абнормалности во срцевиот ритам или срцевите дефекти;

- психолошки ефекти – постојаната мускулна болка, ограниченото движење и хроничниот замор можат да доведат до депресија, анксиозност и други психолошки нарушувања, со што дополнително се влошува состојбата на пациентот;

- влијание на животен век – самата болест има тенденција да се стабилизира во адолесцентниот период и не влијае врз животниот век, но во ретки случаи, тешките последици од Шварц–Џампеловиот синдром можат да доведат до скратен животен век, особено ако сериозните компликации не се третираат навремено.

ТРЕТМАН

Третманот на Шварц–Џампеловиот синдром во голема мера е насочен кон ублажување на симптомите и подобрување на квалитетот на животот на пациентите. Пошироко, третманот вклучува комбинација на лекови, физиотерапија и хируршка интервенција во зависност од сериозноста на симптомите. Главните пристапи за третман вклучуваат:

1. лекови за миотонија – лекови, како што се дијазепам или други антиконвулзивни лекови, често се користат за намалување на миотонијата (тешкотијата при опуштање на мускулите по нивната контракција); овие лекови помагаат во олеснување на грчевите и ја намалуваат мускулната затегнатост;

2. физиотерапија и рехабилитација – за да се спречи влошување на мускулната слабост и да се подобри мобилноста, пациентите обично следат програма за физиотерапија; физиотерапевтите користат различни техники за вежби и мобилизации на мускулите и зглобовите, што помага во одржување на нивната функција;

3. третман на очни нарушувања – може да се јави присуство на катаракта и на други проблеми со видот; катарактата може да се отстрани со хируршки третман, што може значително да го подобри видот;

4. психолошка поддршка – поради психолошките ефекти кои произлегуваат од хроничната болка и ограничената мобилност, пациентите имаат потреба од терапија за поддршка при нападите на депресија и анксиозност, како што се когнитивно-бихејвиоралната терапија и советувањето;

5. генетско советување – поради генетската природа на синдромот, генетското советување е од помош за семејствата кои можат да бидат засегнати од болеста; тоа им помага на родителите да ги разберат шансите за пренесување на болеста на следните генерации и да донесат паметни одлуки;

6. контрола на други компликации – за да се спречат или контролираат компликациите, како што се проблеми со срцето или дијабетес, пациентите можат да бидат лекувани со специјализирани лекови и редовни контроли.

Шварц–Џампеловиот синдром е сериозна, прогресивна болест која има големо влијание на физичкото и психолошкото здравје на пациентите. Иако не постои лек, раното откривање, соодветната терапија и мултидисциплинарниот пристап за третман можат да им помогнат на пациентите да го контролираат напредувањето на болеста и да го подобрат квалитетот на животот. За пациентите со Шварц–Џампеловиот синдром, интегрираниот третман и поддршката од страна на медицинскиот тим се клучни за постигнување добри резултати.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ужас во Приштина: Мајка ги подведувала малолетните ќерки за пари, уапсени се три лица

Основниот суд во Приштина им одреди мерка притвор до 30 дена на тројца осомничени за тешки кривични дела трговија со луѓе и сексуална експлоатација на две малолетни девојчиња, од кои едната е нивната мајка.

Ужас во Приштина: Мајка ги подведувала малолетните ќерки за пари, уапсени се три лица

Одлуката ја донесе Одделот за сериозни кривични дела, постапувајќи по барање на Одделот за малолетници при Основното обвинителство во Приштина. Станува збор за иницијалите Е. Б., М. Ц. и Р. С., објави Телеграфи.

Според соопштението на судот, осомничената Е. Б. се товари за кривично дело трговија со луѓе, бидејќи е осомничена за груба злоупотреба на родителската положба и авторитет и овозможување сексуална експлоатација на сопствените малолетни ќерки во замена за пари и друга материјална корист. Од друга страна, М. Ц. и Р. С. се осомничени за користење сексуални услуги од жртви на трговија со луѓе.

Судот во своето образложение наведе дека мерката притвор од еден месец за сите тројца обвинети била неопходна. Клучните наведени причини се ризикот од бегство доколку бидат ослободени, реалниот ризик дека би можеле да влијаат врз малолетните жртви и да ја попречат истрагата, како и постоењето на специфични околности што укажуваат дека би можеле да ги повторат кривичните дела.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Заврши политичката блокада во Шведска- познато е кој ја презема премиерската функција

Шведската партија на центарот официјално се согласи да се приклучи на планираната малцинска коалициска влада, која се очекува да му даде на лидерот на Умерената партија, Улф Кристерсон, доволна поддршка за втор мандат како премиер.

Заврши политичката блокада во Шведска- познато е кој ја презема премиерската функција

Шведскиот парламент, Риксдаг, ќе гласа во понеделник за тоа дали Кристерсон ќе биде избран за премиер, со што ќе се стави крај на повеќе од два месеци политички ќорсокак по општите избори во септември, објави шведската новинска агенција ТТ..

Шведските општи избори се одржаа на 13 септември, а социјалдемократите на Магдалена Андерсон освоија најмногу гласови, со 28,02 проценти.

Умерената партија освои 19,85 проценти од гласовите, по што следуваат Шведските демократи со 17,48 проценти, Левицата со 8,40 проценти и Партијата на центарот со 7,03 проценти.

Христијанските демократи освоија 6,17 проценти, Зелената партија со 6,12 проценти и либералите со 5,34 проценти.

Андерсон се обиде да формира влада со социјалдемократите, Партијата на центарот, Левицата и Зелените.

Сепак, Партијата на центарот одби да ја прифати Левицата во владата, додека Партијата на левицата инсистираше на добивање министерски места.

Како резултат на тоа, преговорите не успеаја.

Партијата на центарот, исто така, отфрли влада која би зависела од поддршката на крајно десничарските Шведски демократи.

На 24 ноември, Андерсон се откажа од обидот да формира влада.

Кристерсон беше премиер на Шведска од септември 2022 година до септември оваа година.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ЕУ ги одложува построгите правила за емисија на плаг-ин хибридите до 2030 година

Европската Комисија објави дека го одложува прилагодувањето на пресметките на емисиите за одредени plug-in хибридни возила (PHEV) до 2030 година, одлука што веројатно ќе ги задоволи производителите на возила во Европската Унија. 

ЕУ ги одложува построгите правила за емисија на плаг-ин хибридите до 2030 година

Извршното тело на ЕУ објави во јуни дека планира да го ажурира таканаречениот „фактор на корисност“ на 29 ноември, односно официјалниот дел од растојанието што возилата го поминуваат на електрична енергија, но тоа сега е одложено.

Одложување за прилагодување на индустријата

Прилагодувањето на факторот на корисност имаше за цел подобро да ги одрази реалните услови на возење, кои покажаа помал дел од електричното возење од оној што е евидентиран во официјалните тестови. Главната причина за јазот помеѓу реалните и официјалните нивоа на емисии е тоа што сопствениците не ги полнат своите возила толку често колку што треба.

Во соопштението за медиумите на Комисијата се наведува дека предложените промени ќе им обезбедат „привремена краткорочна флексибилност“ на производителите. Ова ќе им даде можност да инвестираат во подобрување на ваквите возила и ќе го поттикнат развојот на plug-in хибриди со поголем електричен дострел. Имено, „факторите на корисност“ ќе бидат замрзнати само за возила со електричен досег од најмалку 80 километри, што е растојанието што возилото може да го помине со едно полнење на батеријата.

Комисијата ќе го испрати предлогот за замрзнување на факторот на корисност до земјите-членки на ЕУ и Европскиот парламент, а тие можат да поднесат приговор. Предлогот ќе се применува ретроактивно од недела. Според најавата, факторот на корисност редовно ќе се ажурира од 2030 година врз основа на реалните индикатори собрани од самите возила.

Здруженија за заштита на животната средина: Реалните емисии се значително повисоки

Здружението за заштита на животната средина „Транспорт и животна средина“ во септември предупреди дека емисиите на CO2 од хибридните автомобили со приклучок се во просек шест пати повисоки отколку што покажуваат официјалните тестови.

Тие истакнаа дека јазот помеѓу реалното загадување и лабораториските резултати се зголемува секоја година откако започнаа мерењата на емисиите во реалниот свет во 2021 година. Затоа, здружението се залага Комисијата да не се откаже од планираното ажурирање на факторот на корисност.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер