Досега, како резултат на ударот на ураганот, седум лица загинаа во Гренада, Венецуела и Св. Винсент и Гренадини.
Директорот на Националниот центар за урагани на САД, др. Мајкл Бренан вели дека ураганот може да има катастрофални последици за Јамајка. Тој предупреди на „големи штети“ на куќи, покриви, дрвја, далноводи и инфраструктура, како и на можни налети на ветер. Бренан додаде дека главниот град на Јамајка, Кингстон и другите делови на јужниот брег на островот би можеле да доживеат „потенцијално разорни плими, што ќе создаде ситуација опасна по живот“.
Премиерот на Јамајка Ендрју Холнес ги предупреди жителите да складираат неопходни работи, да ги обезбедат домовите и да ги извадат чамците од вода. Тој предупреди дека снабдувањето со електрична енергија и вода најверојатно ќе биде прекинато како мерка на претпазливост за да се спречат пожари и оштетување на опремата.
На жителите им се препорачува да се снабдат со свеќи и батерии, а се повикуваат особено да внимаваат кога станува збор за палење огнови бидејќи се очекува да бидат отежнати интервенциите на пожарникарите. Жителите на главниот град чекаат во редици на бензинските пумпи за да наполнат дополнителни резервоари со гориво.
Службеник од Канцеларијата за информирање на премиерот ја смирува ситуацијата, велејќи дека Владата се погрижила „се за да се справи со ураган од оваа јачина“. Дана Морис Диксон додаде дека има повеќе од 900 засолништа низ земјата и дека се организирани процеси на евакуација од подрачјата подложни на поплави, јавува Би-Би-Си.
Диксон вели дека Јамајка има два фонда за да помогне во плаќањето за обновата.
Иако Венецуела не беше на директниот пат на ураганот Берил, обилните дождови од невремето предизвикаа смртоносни поплави. Претседателот Николас Мадуро изјави дека најмалку три лица загинале при излевање на река во североисточната држава Сукре. Членовите на владината делегација, кои требаше да ги увидат штетите во Сукре, за влакно избегнаа самите да станат фатални жртви на невремето кога врз нив падна дрво.
Меѓу повредените е и потпретседателката Делси Родригез, рече Мадуро, додавајќи дека таа е „сериозно повредена, но свесна“.
Покрај тоа, речиси секоја зграда на островот Унион, кој е дел од Сент Винсент и Гренадини, беше срамнета или сериозно оштетена по моќниот ураган Берил. „Островот е во ужасна состојба откако Берил помина. Речиси сите се без покрив над главата. Речиси сите згради останаа да стојат. Куќите се срамнети со земја, патиштата се блокирани, столбовите за струја лежат на улиците“, рече Катрина Кој, која настрада од силината на ураганот, пишува Би-Би-Си.
Во своето утринско обраќање, премиерот Ралф Гонсалвес го сумираше чувството на шок во оваа карипска земја. „Опасниот и разорен ураган остави зад себе огромно уништување, болка и страдање низ нашата нација“, рече тој. Тој вети дека ќе реагира што е можно побрзо и ќе се справи со долгата листа на приоритети.
Островјаните, сепак, се сомневаат дека владата има доволно ресурси и работна сила за да се соочи со проблемите. „Се надевам дека ќе можат да ја испратат војската и крајбрежната стража да ни помогнат. Немам идеја дали можат да го обноват островот, не сум сигурен“, рече Себастиен.
„За ова ќе бидат потребни милијарди, ќе потрае една година или повеќе и ќе ни треба меѓународна помош“, додаде тој. Катрина, директорка на локалното еколошко здружение, исто така ги повика членовите на карипската дијаспора да помогнат на кој било начин.
Последиците на тој архипелаг се видливи и од воздух.
„Навистина ни треба помош. Опрема за итни случаи, храна, сето тоа е потребно во моментов“, истакна таа. Со години, таа е загрижена за безбедноста на водата на островот, која е витален ресурс за малите островски заедници на Карибите.