Ковачевски - Петков: Имаме волја за брз напредок во меѓусебните односи

Петков ја издвои заложбата двете влади да покренат заедничка иницијатива Коридорот 8 да се врати меѓу приоритетите на ЕУ.

Премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков на прес-конференцијата на крајот од заедничката седница на Владите на Македонија и Бугарија го изразија задоволството од остварениот успех со формализирањето на петте работни групи во повеќе области кои ја поставија нормативната основа за заедничката засилена соработка меѓу двете земји во иднина.

„Навистина и јас сум задоволен од денешните состаноци. Имавме пленарна средба, но уште поважно е што самите министри работеа во работни групи на конкретни проекти и идеи кои што треба да се развиваат во наредниот период", истакна претседателот на Владата на Македонија Ковачевски на заедничката прес-конференција со премиерот на Бугарија Петков.

Првата група ќе обезбеди соработка во економската област, особено во делот на енергетиката, трговијата, инвестициите, туризмот, земјоделието.

Покрај министрите од економските ресори, оваа група ќе се прошири и со претставници на државни агенции, стопански комори, бизнис кластери и други засегнати страни. Со тоа ќе се обезбеди сестран пристап за да се искористи нашиот огромен заеднички економски потенцијал.

Втората група ќе ги покрива областите од инфраструктурата, транспортот и другите форми на поврзување.

„Тоа е важно за бизнисот, за граѓаните, за целото општество и претставува клуч за нашата заедничка европска иднина", рече премиерот Ковачевски.

Ковачевски уште додаде дека покрај на Коридорот 8, како најголем инфраструктурен проект за поврзување на двете земји, оваа група ќе работи и на отворањето на авионската линија меѓу Скопје и Софија, и на олеснување на севкупниот патен транспорт.

Оваа група ќе ја зајакне и соработката во телекомуникациите каде најважен проект е намалувањето на цената на роамингот.

Од третата група која е за Европските интеграции и зелените политики очекуваме примена на искуството од европските интеграции на Бугарија заради тоа што таа е веќе 15 години членка на ЕУ, а соработката во рамките на науката, културата и образованието преставуваат основа за градење на долгорочна доверба меѓу граѓаните на двете земји, како и зближувањето меѓу младите е задача на четвртата група во која ќе членуваат соодветните ресори.

„Предвидено е воспоставување на научни конференции особено во делот на природните науки каде што ќе може да се унапредува техничкото и знаењето во другите природни науки што многу влијае на развојот на економијата и индустријата", подвлече премиерот Ковачевски.

„Петтата група е Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања, а копретседавачите на Комисијата, професорите Ѓоргиев и Димитров остварија средба за да го потврдат календарот и динамиката на средбите во 2022 година", информираше премиерот Ковачевски на прес-конференцијата.

Премиерот Петков во својата изјава на прес-конференцијата истакна дека заедничката седница ја оценува како исклучително успешна. Во таа насока се потпишаните меморандуми и декларации за соработка кои ја потврдуваат волјата за брзи и квалитетни решенија во различни области за унапредување на вкупните односи меѓу двете земји.

Како посебно важен, Петков ја издвои заложбата двете влади да покренат заедничка иницијатива Коридорот 8 да се врати меѓу приоритетите на ЕУ.

Претседателот на Владата на Бугарија Кирил Петков дополни дека е значајно што и Историската комисија ја договори динамиката и календарот за да се затворат прашањата што се отворени подолг период.

Општина Аеродром го решава проблемот со паркинг-просторот

Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски денеска заедно со директорот на ЈП „Градски паркинг“, Бојан Христовски направија обиколка низ нашата општината и ја разгледаа можноста за воведување зонско паркирање на нови локации.

Муцунски и Христовски ги поминаа сите критични точки за паркирање во нашата општина и се обврзаа дека ќе излезат во пресрет на барањата на локалните жители за воведување ред во паркирањето. Еден од најголемите проблеми на аеродромци е паркинг просторот и токму затоа, Општина Аеродром заедно со ЈП „Градски паркинг“ ќе изнајде решение кое ќе биде прифатливо за сите.

„Во наредниот период како Општина Аеродром планираме да преземеме конкретни чекори и ќе спроведеме анкета преку урбаните заедници, односно куќните совети/управителите на станбените објекти кои не се опфатени со зонското паркирање“, изјави градоначалникот Муцунски.

Тој додаде дека доколку граѓаните се изјаснат позитивно, тогаш ќе се воведе зонско паркира на повеќе места како Стар Аеродром и Ново Лисиче.

Освен воведувањето зонско паркирање Општина Аеродром планира да започне и со воведување косо паркирање, со што ќе се обезбеди уште поголем број места, што беше едно од предизборните ветувања на градоначалникот Муцунски.

Општина Аеродром

Гватемала осуди поранешни војници на 30 години затвор поради силување домородни жени

Највисокиот суд во Гватемала осуди петмина поранешни членови на паравоена организација на 30 години затвор поради силување на десетици домородни жени од Маите, за време на граѓанската војна во земјата во 1980-тите.

Мажите се членови на таканаречените патроли за цивилна самоодбрана, вооружени групи формирани и поддржани од војската, пренесува Би-Би-Си.

Триесет и шесте жртви имале од 12 до 52 години кога злосторствата се извршени, посочија обвинителите.

– Имаше масакри. Многу жени беа силувани. Имаме болка во срцата, изјави Антонина Вале, една од преживеаните.

Околу 200.000 лица беа убиени или исчезнати во конфликтот од 1960 до 1996 година.

Откако биле силувани, мажите уринирале врз жртвите.

Надвор од судот, Вале појасни дека останала бремена по силувањето. Детето подоцна умрело.

– Ги замолив да ме поштедат, но не сакаа да ме послушат. Тоа што се случи со нашите животи и нашите тела, не е фер, додаде таа.

Друга жртва, Максима Гарсија, била бремена кога ја силувале.

– Бев во седми месец од бременоста. Го изгубив моето момче. Мајка ми беше силувана во осмиот месец од бременоста и тие ја убија. Ја оставија да виси во куќата, рече Гарсија.

Во 2016 година, двајца поранешни припадници на војската, беа осудени на вкупна затворска казна од 360 години за убиство, силување и сексуално ропство врз домородните жени со потекло од Маите.

притисни ентер