Во писмото се наведува дека со новиот концепт, наместо да се оди во насока на зајакнување на условите за реализација на воведените информатички содржини, се оди неколку чекори наназад и се брише се она што досега постигнато.
– Дури и земјите од нашето опкружување изминативе неколку години, дел и според нашиот урнек започнаа со воведување на информатичките теми во нивните наставни планови, а само ние ќе одиме наназад. Насловот на предметот „Техника, технологија и информатика" спојува многу различни, во делови и несродни области. Можеби кога се употребува технологија,
комисијата мисли на информатичко-комуникациската технологија, но тоа во општа
смисла не е така. Уште повеќе, таквиот предмет се става во таканаречена „Група Б"
задолжителни предмети, во која покрај тој предмет, се предметите од уметностите и
физичкото образование, се вели во писмото од ЗИМ.
Според ЗИМ, треба да се препознае потребата на учениците и да им се даде добра основа уште од најмала возраст за тие да бидат способни да ја изберат информатиката како идна професија.
– Тоа овозможува земјата да има голем и профитабилен информатички сектор, кој не само што згрижува значаен дел од работната сила, туку за нив обезбедува високи примања, за државата овозможува раст и зголемен извоз, како и висок приход во пензискиот систем, велат од ЗИМ.
Реагираат на укинувањето на претходно воведените теми од информатиката во раната возраст и апелираат да не се оди, како што велат, со избрзани решенија.
– Апелираме да се направат напори информатиката да се изучува во континуитет од трето до деветто одделение, со особена промоција на името на предметот, како би се дал фокус и би се заинтересирале што повеќе ученици да ја изберат информатиката како нивна идна професија.
Апелираме да не се класифицира информатиката во таканаречена „група Б" задолжителни предмети кога е јасно дека е подмножество од STEM, се вели во реакцијата од ЗИМ.