Пред и во училиштето се спроведуваат сите задолжителни мерки и протоколи за заштита од Ковид-19, за безбеден тек на учебната година, пандемска, сосема поинаква од досегашните.
Во централните објекти на основните училишта во градот, но и во средното општинско училиште „Ѓорче Петров" Крива Паланка нема да се одвива настава со физичко присуство на учениците, освен за оние од првите три одделенија, додека во дел од подрачните школи на осмолетките ќе се реализира и настава со физичко присуство.
-Сите сме свесни дека во ова време на пандемија и условите за работа се поинакви. За учениците од прво до трето одделение во наставата со физичко присуство ќе се спроведуваат пропишаните протоколи. Нааставата започнува во осум часот, период до кој распоредени во групи и одделенија, сукцесивно, користејќи ги двата влеза според утврден распоред на влегување на паралелките, ќе бидат прифатени учениците. Повикувам сите да ги почитуваат мерките и да ја издржиме оваа новонастаната ситуација. Наставниот кадар е подготвен и обучен да ја реализира наставната програма, а задоволна сум што како колектив, со силна поддршка од поединци, колеги и колешки,кои ги извршија обуките, но и постојано несебично го споделуваат своето знаење со останатите колеги, го вложивме максимумот за се да биде подготвено и да тече непрекинато наставниот процес, изјави Марица Николовска, директорка на ООУ „Илинден", Крива Паланка.
Предвидено е првачињата во „Илинден" да бидат поздравени со музика, обраќање на директорката и видео презентација за мерките за заштита од Ковид-19, а за сите ученици наставниците изготвиле и едукативни флаери.
Во ова училиште има вкупно 71 прваче, од кои 51 во централниот објект, останатите во подрачните во селата Конопница и Мождивњак.
Во Мождивњак 1 и 2 ќе се реализира настава со физичко присуство за учениците од прво до петто одделение.
Во ООУ „Јоаким Крчовски" запишани се 91 прваче,а настава ќе посетуваат во централниот објект во градот и во подрачните училишта.