Заев: Стабилноста и реформите што ги испорачавме се сериозни аргументи за почеток на преговори

На самитот во Берлин порачавме дека стабилноста и реформите што ги испорачува земјава мора да бидат разбрани како сериозни аргументи за позитивна одлука од страна на Европската Унија за почеток на преговорите со  Македонија во текот на летото.

Ова денеска го изјави премиерот Зоран Заев во видео обраќањето по враќањето од Берлин, каде што се одржа неформален француско-германски самит за земјите од Западен Балкан. Заев во Берлин беше придружуван од вицепремиерот Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

– Иако проширувањето на Унијата не беше тема на Конференцијата, ги искористивме сите можности да ја испратиме нашата порака, а тоа е пораката на нашите граѓани до Европа, дека сме подготвени да придонесуваме уште повеќе и да бидеме јадрото на Балканот од кое извира европската идеја за заедништво, солидарност и соработка, вели Заев.

Подвлече дека земјава презеде одговорност за себе и за регионот и оти сега е време и Европската Унија да преземе одговорни чекори за Македонија и за Западен Балкан, што впрочем ќе значи и одговорност кон сопствените европски народи.

Според него, најважен и најмногу нагласуван заклучок на самитот било дека успешниот договор што го постигнавме со Грција е модел за решавање отворени прашања и конфликти.

– Нашата земја и Договорот беа инспирација за почетокот и крајот на речиси секоја дискусија на Конференцијата со заклучок дека соработката и стабилноста се суштината на заедничката европска перспектива на регионот, рече Заев.

Како што истакна премиерот, меѓу заклучоците била потенцирана и важноста од постигнување конечен договор за целосно нормализирање на односите меѓу Србија и Косово како нов важен придонес кон регионалната стабилност.

Посочи дека на конференцијата се договориле да ги интензивираат активностите за основање регионална економска зона, да останеме посветени на Берлинскиот процес и да ги поддржиме иницијативите за инфраструктурна поврзаност, економска соработка, слободна трговија и младински размени во регионот.

Неформалниот самит за Западен Балкан во Берлин беше во организација на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон.

Македонците внесуваат 2,4 пати повеќе сол од препорачаното

 Во Македонија се внесува 2,4 пати повеќе сол од максималниот препорачан дневен внес. 

Препорачано е да не се внесува повеќе од пет грама сол на ден, а кај нас просечен дневен внес на сол е 12,1 грама, информираат денеска од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) по повод Недела за подигнување на свесноста за солта.

- Овогодинешната тема на Неделата за подигнување на свесноста за солта е „Време е да се сврти вниманието на солта“, истакнувајќи го прашањето за „скриената“ сол - натриум, во многу преработени и ултра-преработени производи, појаснуваат од ИЈЗ.

Во многу земји, како што додаваат, три четвртини од натриумот во исхраната доаѓа од ултра-преработена и преработена храна, како што се леб, сосови и преливи, крекери и колачиња, готови оброци, преработки од месо и сирења.

- Институтот за јавно здравје, како „чувар на вашето здравје“, ви препорачува да го ограничите внесот на солта на пет или помалку од пет грама дневно, апелираат од ИЈЗ.

Педесет и еден отсто од препорачаниот дневен внес на сол се внесува преку лебот.

Од ИЈЗ препорачуваат добро да се гледаат етикетите на производи пред да се купат, за да се одберат оние со помалку сол, да се отстрани соларникот од трпеза, да се користат природни билки и зачини како замена со цел да се подобри вкусот на храната, да се пие доволно вода, како и да се избегнува преработена храна. /МИА

Трамп го прифати повикот на Бајден за телевизиска дебата

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп денеска ја прифати поканата на американскиот претседател Џо Бајден за телевизиска дебата, истакнувајќи дека се потребни повеќе од две дебати.

Трамп на својата социјална мрежа напиша дека е подготвен да дебатира со Бајден, истакнувајќи дека ќе биде неопходно да се одржат повеќе од двете предложени дебати, пренесува ABC News.

Бајден претходно денеска го покани Трамп да одржи две претседателски телевизиски дебати во јуни и септември, а подоцна на платформата Х напиша дека ја прифатил поканата на Си-Ен-Ен за дебата со Трамп на 27 јуни.

Малку подоцна тимот на Трамп соопшти дека и тој ја прифатил поканата на таа телевизија, пренесува CNN.

Тимот на Бајден посочи дека одлуката на Бајден да не учествува во традиционалните дебати организирани од Демократската и Републиканската партија се должи на фактот што тие се дизајнирани „како забавен спектакл, а не како сериозна размена на идеи што го одразуваат огромниот влог во избори“.

Претседателските избори во САД ќе се одржат на 5 ноември.

СЗО ја одобри втората вакцина против денга

 Светската здравствена организација (СЗО) денеска ја одобри втората вакцина против денга, која може да обезбеди заштита за милиони луѓе во ризик ширум светот.

Во своето денешно соопштение, СЗО соопшти дека ја одобрила вакцината против денга на јапонската фармацевтска компанија „Такеда“ и препорачува нејзина употреба кај деца на возраст меѓу шест и 16 години кои живеат во региони со висока стапка на денга.

Во 2022 година, истата вакцина беше одобрена од Европската агенција за лекови. Одобрувањето на СЗО сега значи дека донаторите и другите агенции на ОН можат да ја купат вакцината за посиромашните земји.

Истражувањата покажаа дека вакцината на „Такеда“ е околу 84 отсто ефикасна во спречување на хоспитализација на лица со денга и околу 61 отсто ефикасна во запирање на симптомите на болеста.

Првата вакцина одобрена од СЗО ја направи „Санофи Пастер“, за која подоцна беше откриено дека го зголемува ризикот од тешка денга кај луѓето кои претходно не биле заразени со оваа болест.

Директорот на СЗО за одобрување лекови и вакцини, Рожерио Гаспар, рече дека тоа е „важен чекор во проширувањето на глобалниот пристап до вакцините против денга“.

Не постои специфичен третман за денга, која е пријавена во приближно 120 земји во Латинска Америка и Азија. Додека околу 80 проценти од инфекциите се благи, тешките случаи на денга може да доведат до внатрешно крварење, откажување на органите и смрт. /МИА

притисни ентер