Заев: Одговорност и надомест на штетата од орагнизаторите ако има оштетување на инвентарот во МНТ

„Секој вандалски чин е за осудување и тука нема дилеми.“

Премиерот Зоран Заев денеска коментирајќи ги наводите во медиумите за вандалско однесување и оштетување на инвентарот на Македонскиот народен театар, што се случило во петокот по прославата на Денот на албанската азбука, изјави дека мора да има одговорност од организаторите и надомест на штета.

– Секој вандалски чин е за осудување и тука нема дилеми. Иако СДСМ често бил и против таквите градби, но тоа е веќе државна сопственост, тоа е на сите граѓани, никој нема право да го крши инвентарот. Секако треба да си понесат одговорност одговорните луѓе за таа работа, да се надоместат штетите, да се поправи целиот тој инвентар, рече Заев по потпишувањето на Меморандум за соработка со швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Техада во Владата за проект за поддршка на изборите реформи,

Тој појасни дека многу често за вакви настани се донесува одлука на Влада за да се дадат термините за организација на одредена државна прослава.

– Ова беше државна прослава за 111 години од Денот на албанската азбука, поделена во два дела. Едниот беше културна манифестација, вториот дел испадна дека не била баш културна манифестација, вели Заев, посочувајќи дека тој присуствувал на првиот дел од прославата и се огради дека се уште не добил официјална информација за наводниот инцидент. /МИА

Избор на најуспешни жени менаџерки од земјава и регионот

Најуспешните жени менаџерки од земјава и регионот ќе бидат наградени денеска на манифестација што по 28-ми пат ја организара „Марили“.

Годинава, ќе бидат наградени и ќе добијат статуетка „Жена водилка“ 13 менаџерки, од кои 10 се од земјава, а три од Србија и Хрватска.

Манифестацијата ќе биде збогатена со настап на мецосопранот Александра Коцевска и придружникот на пијано, Глигор Гелебешев.

- Целта на манифестацијата, покрај ревијалниот карактер е поттик за идните млади генерации, особено девојки, да се охрабрат, да веруваат во себе, и со знаење, постојано надградување и чесност да чекорат бодро низ сите животни предизвици и да успеваат на сите полиња. Секако, нивната борба за родова рамноправност во општетсвото и бизнисот да им биде водилка низ животниот век , за бидат пример и поттик за генарациите кои доаѓаат по нив, наведуваат од „Марили“.

Манифестацијата „Избор на најуспешни жени“ преку својот Марили Бизнис Клуб спојува над 150 жени менаџери кои соработуваат, се вмежуваат, охрабруват, организираат хуманитарни настани, но и ги поттикнуваат младите девојки и жени да влезат и да се остварат во бизнис сферата.

Годишните лауреатки се Катерина Бошевска - генерален директор на ЕОS Македонија и EOS Косово, Жанета Бадаровска Ѓорѓиевска - генерален менаџер на Камел 98 - Виница, Евгенија Ѓорѓиеска - извршен менаџер на Ламинати КОМ Доо - Прилеп, Цветанка Илиева - генерален менаџер на Бистро Груп ДОО - Гевгелија, Ирена Јакимова - генерален менаџер на Инспирит Коучинг- Скопје, Јелисавета Георгиева Јовевска - потпретседател на СКСМ, Клаудија Лутовска - генерален менаџер на Сеттим Консалтинг - Битола, Марија Патриклиска - менаџер за човечки ресурси ЕАМ ДОО – Штип, Маја Наумовска Савеска - директор на корпоративни и маркетинг комуникации во Халкбанк АД - Скопје, Весна Ставрова генерален менаџер на ПЗУ Аптека „Сара Фарм“ - Скопје, Сања Путица - менаџер за односи со јавност и инвеститор во Атлантска пловидба д.д – Хрватска, Дариа Шуриќ - генерален менаџер на DarMell - Хрватска и Зорана Пејчиќ - генерален менаџер и претседател на ИО на Дунав Реосигурување - Србија.

„Марили“ денеска го организира и третиот регионален бизнис форум посветен на екологијата, здравата храна и циркуларната економија.

Тема на годинашниот „Марили Бизнис форум“ е „Екологија и здрава храна – фактори за одржлив развој“. Модераторите, како и панелистите кои доаѓаат од македонски и регионални компании, во три панел сесии ќе се обидат да дадат одговори на многу прашања и да понудат нови идеи и решенија.

Вовед во сесите ќе биде анализата за „Климатските промени и зеленото кредитирање од перспектива на Народната банка“. Првата панел сесија е насловена „Циркуларна економија – нови бизнис модели и практики, втората е посветена на „Здрава храна – тренд или предуслов за здрав живот и економски развој, а третата е насловена „Автоматизација и дигитализација во областа на човечките ресурси“. /МИА

Концерт од проектот „New Еra“ на Никола Мицевски

Концерт од проектот „New Еra“ на композиторот Никола Мицевски ќе биде изведен вечер во „Јавна соба“. 

-Проектот „New Era” претставува симбиоза на различни жанрови, едно филмско начело фузирано со етно, рок и електро основи во служба на пијаното и солистички инструменти. Овојпат покрај Никола Мицевски и пријателите, ќе има и неколку гости како изненадување, се наведува во најавата.

Промотивни концерти на овој проект на Мицевски досега беа реализрани во Центарот за култура - Битола, Велешкиот театар и во Македонската филхармонија. /МИА

Фото: Avalon International Booking

Во Скопје денеска ќе се одржи првиот „Dog Fest"

 Сите љубители на кучиња денеска имаат можност да се дружат на првиот „Dog Fest" што ќе се одржи во Скопје.  

Настанот ќе почне во 12 часот и ќе трае до 16 часот, а организаторите најавуваат забавни игри за милениците и едукација на голем простор специјално опремен со реквизити за кучиња. „Dog Fest” ќе се одржи во „Hera Happy friendly dogs”, спроти црквата Пантелејмон во Долно Нерези.

Целта на настанот е да се подигне свеста за милениците и за одговорното сопствеништво.

- Добредојдени се сите сопственици заедно со нивните кучиња, а влезот е бесплатен, велат организаторите./МИА

притисни ентер