Заев од Битола: Со чист образ барам од вас да дадeте шанса земјата да се движи кон иднината

Вечерва во Битола пред насобраните граѓани СДСМ одржа граѓанска трибина на која говореа граѓанската активистка и театарски режисер Софија Ристевска, кандидатот за градоначалник Христо Кондовски и претседателот на СДСМ Зоран Заев.

Ристевска во своето обраќање кон граѓаните рече: „Запомнете едно, ние граѓаните сме најважни, нам ни треба хуман град со хуман градоначалник кој е солидарен со сиромашните и болните. Ние заслужуваме таков град. Затоа најважно на 31 октомври да гласаме за иднина за надеж за солидарност за напред а не назад! И на 1-ви кога ќе победи Кондовски ние сме тие граѓаните кои ќе му тропнеме на порта и ќе му речеме Христо ти вети а сега ќе го исполниш. Ние сме тие кои ќе движиме напред заедно со него. Ви порачувам од победничка Битола - да не се врати никогаш едноумието".

Кандидатот за градоначалник Кондовски истакна дека ќе се бори за секоја една битолчанка и битолчанец да ги уживаат удобностите на 21 век тука дома. Преку градење на локална и современа инфраструктура, преку враќање на младите и кревање на секој еден капацитет со кој што располага општината. „Локалниот економски развој во Битола е приоритет. Трудот и маката на секој треба да се вреднува, а локалната самоуправа е тука за да создава клима и можности. Како приватник сум го докажал тоа и сите искуства можам да ги пресликам во општината", додаде Кондовски.

Претседателот на СДСМ – Зоран Заев на граѓаните им порача дека сиот фокус сега треба да биде ставен на мобилизацијата на членството, на нашите соседи, роднини, пријатели и познаници да излезат и да дадат поддршка за нашите кандидати кои се во вториот круг. Важно е да добиеме што е можно повеќе градоначалнички места каде го трчаме вториот изборен круг. Секоја општина е важна, но особено е важно да ја задржиме Општина Битола. СДСМ учи, се менува и ги поправа сопствените грешки за да обезбеди брз напредок на државата и подобар живот за граѓаните.

„Со чист образ, сакам да побарам од вас да дадeте шанса за земјата и општеството да продолжат да се движат кон иднината, наместо да се враќаат во минатото. Барам да се сплотиме и обединиме околу оваа наша јасна и заедничка цел. Во име на се што постигнавме досега, сакам да пратам порака на заедничко делување, бидејќи постои ризик земјата да ни се врати назад, во огромна неизвесност и криза", додаде Заев, се наведува во партиското соопштение.

Неверојатен потфат: Французин на 70 метри височина ја премина Копакабана (ВИДЕО)

Одејќи по јаже, 27-годишниот Французин Нејтан Паулин го изведе својот нов потфат на воодушевување на многумина меѓу двата врва на познатиот Шеќерен рид во Рио де Жанеиро.

Паулин пешачеше петстотини метри по јажето, а до крај бил прицврстен со јаже за потпора. И добро што го направил тоа, бидејќи неколку пати изгубил рамнотежа и се лизнал.

Јажето било поставено на височина од седумдесет метри, а по целата должина под него била плажата Копакабана со капачи.

Публиката со ентузијазам ја следела прошетката, лежејќи на лежалките.

Но, Нејтан бил особено воодушевен, благодарение на прекрасниот поглед кој го пружа ова уникатно место, поради што го избрал за својата „прошетка“.

„Горе беше одлично бидејќи имате панорамски поглед од 360 степени. Од едната страна го гледате Шеќерниот Рид, потоа Корковадо. Самиот Рио е посебен по тоа што градот е помеѓу планините и морето, од сите страни имате поглед на море и планини, а стоењето над се` е незамисливо “, рече Французинот.

Нејтан долго време се подготвувал за овој потфат, но поради пандемијата морал секој пат да го одложува.

Почна судењето на данскиот голфер кој јавно уринирал во авион и напаѓал жени

Во Лондон започна судењето на данскиот играч на голф Торбјорн Олесен, кој е обвинет за сексуална злоупотреба на стјуардеса и жена и уринирање на седиште пред две години на летот од САД до Лондон.

Британската полиција го уапсила Олесен на 29 јули 2019 година под сомнение за сексуален напад на летот на Бритиш ервејс, а на 6 август тој бил официјално обвинет. Данскиот играч на голф ги отфрлил сите обвинувања, велејќи дека не се сеќава на ништо.

Сведоците го опишале неговото однесување на летот од Нешвил до Лондон како сосема бизарно.

Под дејство на алкохол, Олесен почнал да трча низ авионот, да го навредува екипажот, потоа да ја гушка и се обидел да ја бакне стјуардесата, наводно фатил друга жена за градите, уринирал на седиштето, а потоа плачел пред да заспие на своето место во бизнис класата.

„Во текот на моите 27 години кариера, никогаш не сум видела нешто слично“, рече стјуардесата. Олесен го негирал сексуалниот напад, велејќи дека никогаш свесно не би ја ризикувал својата кариера со извршување на кривично дело. Тој додаде дека земал апчиња за спиење и не се сеќава на ништо.

„Се чувствував целосно ужасно и многу ми беше жал. Не можев да верувам што зборуваат, што се случило... Засрамен сум и се чувствувам ужасно“, изјавил 31-годишниот Олесен на судењето.

Данецот, кој освои пет европски турнири во текот на својата кариера, загуби профитабилни спонзорски договори по инцидентот и падна од 50. на 400. место на ВТА.

Седуммина припадници на „сините шлемови“ загинаа во Мали

Седуммина припадници на тогоанските сини шлемови загинаа, а тројца се тешко повредени во напад со експлозивна направа во центарот на Мали, што најостро го осуди генералниот секретар на ОН.

„Денес, 8 декември, логистички конвој на мировници (MINUSMA) кој патуваше од Дуенце до Севаре, во центарот на земјата, наиде на експлозивна направа.“ објави на Твитер Мисијата на ОН во Мали (MINUSMA).

Нападот се случил во околината на Бандиагара, во провинцијата Мопти, додава MINUSMA.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш „остро го осудува овој грозоморен напад“, изјави неговиот портпарол Стефан Дужарик во Њујорк. Тој ги повика властите во Мали да направат се` за да ги пронајдат виновниците и да ги изведат пред лицето на правдата, додаде тој.

Врховниот командант на MINUSMA, Ел Гасим Ване, исто така „остро“ го осуди овој „кукавички“ напад, истакнувајќи во изјавата дека тоа може да се опише како „воено злосторство“.

„Оваа трагедија го зголемува бројот на жртвите на нападите врз мировниците во Мали.“

Нападот доаѓа еден ден откако MINUSMA ја објави смртта на мировниците во Дакар во понеделникот, кои биле убиени кога нивното возило наишло на импровизирана експлозивна направа на 22 ноември во близина на Тесалит, во северниот дел на Мали.

Во Мали беснее конфликт од 2012 година во кој џихадистичките групи поврзани со Ал Каеда и групата Исламска држава постојано извршуваат напади по насилството врз цивили на вооружените групи, од кои некои се нарекуваат сили за самоодбрана.

MINUSMA, распоредена во Мали во 2013 година, моментално е мировната мисија на ОН со најмногу смртни случаи во светот. До 31 октомври, 146 нејзини членови биле убиени во воените дејствија, според статистиката на ОН.

притисни ентер