Втор квалификациски триумф на црвено жолтите, Велс со 2-1 совладан во Скопје

Втора победа за македонската фудбалска репрезентација во квалификациите за Светскиот шампионат во Бразил.Македонија - Велс 2-1

На арената Филип Втори во 8 коло од групата А нашите најдобри фудбалери ја поразија селекцијата на Велс со 2-1.
По Србија во Скопје падна и репрезентацијата на Велс.
Избраниците на Чеде Јаневски со борбена игра со многу трчање го заслужија триумфот над солидниот Велс кој на нашиот најголем стадион играше без најскапиот светски фудбалер капитенот Герет Бејл , кој остана на беше во Скопје но мечот го проследи од клупата за резерви.

Македонската фудбалска репрезентација вечерва на арената Филип Втори пред десетина илјади гледачи против селекцијата на Велс го одигра 8 натпревар во квалификациите за пласман на Мундијалот во Бразил во 2014 година.

Нашиот национален состав офанзивно го започна натпреварот и со голот на Тричковски во 20 минута поведе со 1-0.
Ибраими изведе слободен удар најснаодлив пред голот на Велс беше Иван Тричковски , радост на Филип Втори Македонија води со 1-0.
Во 27 минута капитенот Пандев од 10 метри без резултат се обиде да го совлада по втор пат вечерва голманот на Велс Мајхил.

Една минута подоцна Крег Белами од слободен удар го матира нашиот голман , но ја погодува стативата на немоќниот Пачовски.

Велс сепак успеа да го израмни резултат во 38 минута од пенал . Откако судијата Саша Кефер од Швајцарија наседна на потегот на Арон Ремзи кој по дуелот со Тричковски во шеснаесетникот падна барајќи пенал.
Сигурен егзекутор на најстрогата казна е фудбалерот на арсенал Арон Рамзи , Велс израмни на 1-1 .
Со овој резултат завршија првите 45 минути на Филип Втори.

Во вториот дел двете репрезентации играа повеќе на средината од теренот. Црвено жолтите ја имаа теренската иницијатива но се до 80 минута не успеваа посериозно да го загрозат голот на Велс.
Филип Втори еруптираше во 80 минута кога младиот Трајковски од 17 метри се одлучи да бие , неговиот шут заврши во десниот долен агол на Мајхил, Македонија има водство од 2-1.
Во преостанатите 10 минути Велс немаше сили за пресврт , по што избраниците на Јаневски сосема заслужено и се радуваа на втората победа во квалификациите со која го напуштивме последното место во групата и со 7 бодови се искачивме на 4 позиција веднаш зад селекциите на Белгија, Хрватска и Србија а пред Велс и Шкотска.
Оваа победа посакуваме да им даде полет на нашите најдобри фудбалери по четири дена на овој исти стадион но со многу поголема поддршка од трибините да победат уште една селекција од Островот репрезентацијата на Шкотска.

Владата на Португалија не планира да плаќа репарации за злосторства над робовите

Спротивно на изјавите на португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуза, Владата на Португалија денеска соопшти дека одбива да започне каков било процес на исплата на репарации за злосторствата.

Спротивно на изјавите на португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуза, Владата на Португалија денеска соопшти дека одбива да започне каков било процес на исплата на репарации за злосторствата извршени за време на трансатлантската ропска и колонијална ера.

Од 15 до 19 век, шест милиони Африканци биле киднапирани и насилно транспортирани преку Атлантикот со португалски бродови и продадени во ропство, главно во Бразил.

Ребело де Соуза изјави и дека Португалија може да користи неколку методи за плаќање репарации, како што се отпишување на долговите кон поранешните колонии и обезбедување финансиска поддршка.

Сепак, португалската Влада соопшти дека сака „подлабоко подобрување на меѓусебните односи, почитување на историската вистина и сè поинтензивна и блиска соработка, заснована на помирување на братските народи“ и додаде дека не постои „процес или програма за конкретни акции за исплата на репарации“, истакнувајќи дека оваа политичка линија ја следеле и претходните влади.

Владата во Лисабон оцени дека односите со поранешните колонии се „навистина извонредни“, особено во областите како што се образование, јазик, култура, здравство, но и во доменот на финансиската и економската соработка.

ЦУК: Во последното деноноќие 1.616 повици на 112, нема пожари на отворено

 Во последното деноноќие има вкупно 1,616 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, од коишто „реални“ повици се 64,48 отсто.

Во последното деноноќие има вкупно 1,616 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, од коишто „реални“ повици се 64,48 отсто, а 35,52 отсто се за други потреби на граѓаните што не биле итни. Од реалните повици кон полиција се упатени 72,11 отсто, кон Итната медицинска помош 24,3, а кон пожарникарите 2,32 отсто, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

-Имало 842 повика за итни случаи на 112 за во ЦУК, што се вкупен збир од тие што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици (1,20%) и на тие што се именувани како „неитни повици“(35,52%). Сите тие биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со институции и служби во Системот за управување со кризи (СУК), соопштија од ЦУК.

Во последното деноноќие, како што велат, имаше евидентирани два пожара на отворен простор, гореа две депонии.

-Регионалниот ЦУК Охрид, информира дека пожарникарите од ТППЕ Струга од 16:00 до 17:00 часот со два пожарникара и едно противпожарно возило гаснеле запалена депонија кај „Еуро Хотел“ во Општина Струга, а РЦУК Тетово, информира дека пожарникарите од ТППЕ Тетово во изминатото деноноќие имале една помала интервенција на запалена депонија во Општина Тетово, прецизираат од ЦУК.

Ангеловска-Бежоска: Оцената на ММФ е дека Народната банка е добар пример за транспарентност

 Оцената на ММФ е дека Народната банка е добар пример за транспарентност и отчетност во примената на Кодексот за транспарентност на ММФ.

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на покана на Регионалниот центар за техничка помош на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) одржа предавање на „Форумот за примена на Кодексот за транспарентност на ММФ“, на кој ги сподели позитивните искуства на Народната банка во примената на најновите и највисоките меѓународни стандарди и најдобрите практики за транспарентност и отчетност на централните банки.

На Форумот, како што информираат од Кабинетот на гувернерката, Народната банка беше посочена како пример за земјите од регионот, која меѓу првите зеде учество во пилот-проектот за оцена на транспарентноста во однос на новиот Кодекс за транспарентност на ММФ.

-ММФ во својот Извештај за оцената на транспарентноста заклучува дека Народната банка применува високо ниво на транспарентност, коешто е значително зајакнато во изминативе неколку кризни години, овозможувајќи успешно одржување на макроекономската стабилност,велат оттаму.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска, додаваат, истакна дека транспарентноста и отчетноста на централните банки е нагласена по глобалната финансиска криза, а особено во последните неколку години кога се соочивме со неколку последователни кризи. Во такви околности на зголемена економска неизвесност и финансиски стрес, се истакнува потребата централните банки појасно и позачестено да бидат присутни во јавноста со појаснување на економските движења, како и со комуницирање за причините и претпоставките за донесените монетарни одлуки. Народната банка го следи овој тренд, при што уште од 2021 година транспарентноста и отчетот кон јавноста се издвоени како една од целите во Стратегискиот план на Народната банка, за што тимот на централната банка напорно работи градејќи модерна, општествено одговорна и транспарентна институција. Постојаното подобрување на транспарентноста ги зголеми довербата и кредибилитетот на институцијата кај јавноста, што беше заклучено и во Извештајот на ММФ.

-Имајќи ги предвид согледувањата на ММФ, Народната банка во изминатиот период ја зголеми достапноста на податоците за спроведувањето на основните активности, а дополнително ја збогативме и нашата комуникација со јавноста, при што бројот на соопштенијата, преку кои на поедноставен јазик се доставуваат пораките од Народната банка, се зголеми за 25 отсто, а јавните настапи на раководниот тим се зголемија за 40 отсто. Народната банка придонесува и кон подигнувањето на нивото на финансиската писменост преку постојано одржување обуки и други активности, зајакнувајќи ја двонасочната комуникација со граѓаните и институциите, порача гувернерката во своето обраќање.

Притоа таа нагласи дека довербата од јавноста беше клучна за одржувањето стабилни инфлациски очекувања, стабилен курс на денарот и за задржување на макроекономската стабилност во изминатиот период.

-Ова е потврдено и со Анкетата спроведена од Светската банка, според која Народната банка е институција којашто ужива најголема доверба во рамките на домашните институции, посочуваат од Кабинетот на гувернерката.

притисни ентер