Врховниот суд на САД заврши со изнесување на аргументите за имунитетот на Трамп

Пред Врховниот суд на САД завршија усните аргументи за имунитетот на поранешниот претседател Доналд Трамп за неговиот обид да ги поништи неговите претседателски избори во 2020 година.

Трамп поднесе жалба до највисокиот американски суд откако пониските судови го одбија неговото барање да биде заштитен од четири кривични пријави поврзани со изборите во 2020 година.

Следната јавна седница е закажана за 9 мај, најави судската претставничка Гејл Керли, но не се знае кога судот би можел да донесе и да соопшти конечна одлука за овој случај, јавува Гласот на Америка.

За време на седницата, судиите на американскиот Врховен суд изразија скептицизам кон тврдењата на поранешниот претседател Доналд Трамп, врз основа на кои тој побара од судот да прогласи имунитет од кривично гонење.

Ројтерс објави дека судиите на Врховниот суд, наклонети кон конзервативците, покажале разбирање за аргументот дека претседателите треба да уживаат одреден имунитет од можни кривични пријави за одредени дејствија што ги презеле додека биле на функција.

Во американскиот Врховен суд моментално доминира конзервативно мнозинство од 6-3, составено од тројца судии назначени за време на мандатот на Трамп, вклучувајќи ги Ејми Кони Барет, Брет Каванаг и Нил Горсуч.

Доналд Трамп се соочува со уште три кривични пријави кои произлегуваат од неговите напори да ја поништи загубата на изборите во 2020 година и неговото ракување со доверливи документи откако ја напушти Белата куќа во 2021 година.

Тој се изјасни за невин во тие случаи и тврди дека кривичните пријави биле поддржани од демократските сојузници на претседателот Џо Бајден за да ја поткопаат неговата кампања.

Ковачевски: Македонскиот јазик денес е на исто рамниште со официјалните јазици во ЕУ

Ковачевски за Ден на македонскиот јазик: Македонскиот јазик денес е на исто рамниште со официјалните јазици во ЕУ, тој е темел на нашиот идентитет.

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, упати честитка до граѓаните по повод денешниот ден, 5 мај, Ден на македонскиот јазик.

Во честитката, Ковачевски посочува дека денеска оддаваме почит кон создавачите на македонскиот литературен јазик и ја продолжуваме мисијата за негова афирмација и заштита.

„Денеска кога го одбележуваме Денот на македонскиот јазик, оддаваме должна почит кон сите создавачи на македонскиот литературен јазик и ја продолжуваме мисијата за негова афирмација и заштита.

Македонскиот јазик денес е дел од нашата лична карта во Обединетите нации. Со потпишувањето на договорот со ФРОНТЕКС на чист македонски јазик, го издигнавме нашиот јазик на исто рамниште со останатите официјални јазици во Европската Унија, на кабините за превод во ЕУ стои нашиот македонски јазик.

Македонскиот јазик е темел на нашиот идентитет, грижата за негово зачувување и унапредување останува наш приоритет, затоа што влог во јазикот е влог во иднината. Нека ни е честит 5 мај, Денот на македонскиот јазик“, вели во честитката, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

СДСМ

Зеленски во обраќањето по повод Велигден, ги повика Украинците да се обединат во молитвите

„Да се ​​молиме еден за друг. Кога сите се зближивме еден до друг, престанавме да бидеме туѓи еден на друг“, рече Зеленски во обраќање на социјалната мрежа Телеграм.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска во обраќањето по повод Велигден, ги повика своите сонародници да се обединат во молитвите и да се молат еден за друг и за војниците на линијата на фронтот, велејќи дека Бог - кој го има „украинското знаме на рамениците“ - ќе направи животот да ја победи смртта.

„Да се ​​молиме еден за друг. Кога сите се зближивме еден до друг, престанавме да бидеме туѓи еден на друг“, рече Зеленски во обраќање на социјалната мрежа Телеграм.

Стоејќи пред црквата „Света Софија“ во Киев, Зеленски истакна дека неговата земја веќе 802 дена се бори за победа против Русија.

Силјановска Давкова: За христијаните нема поголем празник од Велигден

Нема за христијаните поголем празник, изјави денеска кандидатката за претседател на државата, Гордана Силјановска Давкова, честитајќи го Велигден пред Соборниот храм во Скопје.

- Како се чувствувам? Како и секој од вас. Што би рекол епископот, како возљубена родољупка. Црквата е домот. Патот ни го покажува Христос. Тоа е патот на љубов, на добрина, на почит, мислам дека треба да го следиме. Јас сум решила тоа да го правам и ќе продолжам, рече таа.

Според Силјановска Давкова, собирањето е најважниот чин во христијанството, а Црквата е не само главата и телото Христово и нема поубав ден од овој, кога се поздравуваме со „Христос воскресна - навистина воскресе“.

притисни ентер