Волонтери развиваат одржливи практики во делчевското село Стар Истевник – од семе до тегла - Канал 5

Волонтери развиваат одржливи практики во делчевското село Стар Истевник – од семе до тегла

Центарот за одржливи практики „Природна перспектива" е организација што поддржува идеи и знаења во областа на одржливоста, често барајќи простор и ресурси, преку кои членовите на организацијата стекнуваат нови знаења, но и споделуваат лични инспират

Волонтери развиваат одржливи практики во делчевското село Стар Истевник – од семе до тегла

Во таа насока во изминатите шест месеци во делчевското село Стар Истевник, каде што се наоѓа центарот на „Природна перспектива", се спроведува проект што опфаќа повеќе сегменти од нивното работење.

Активни учесници се волонтери од Македонија, Португалија и од Бугарија, кои како дел од шестмесечниот проект ги промовираат одржливите практики во руралните средини. Координаторот на проектот Борче Димитровски од Делчево вели дека меѓу целите на проектот е зајакнување на мрежата на „Природна перспектива" и борбата против климатските промени преку промоција на руралните средини, кои во нашата држава, но и во повеќето земји во светот, се запоставени.

– Се наоѓаме во селото Стар Истевник во нашиот центар за одржливи практики „Природна перспектива", каде што заедно со волонтери од програмата на Европскиот солидарен корпус и Еразмус плус спроведуваме проект во времетраење од шест месеци. Главен фокус на активностите е да се бориме против климатските промени, да покажеме како ние можеме на локално ниво да се справуваме со сите тие проблеми, да ја зајакнеме нашата мрежа, за да се соединиме сите заедно и да пробаме да го споделиме сето тоа што сакаме да го промовираме. Воедно сакаме да покажеме како можеме да ги развиеме нашите села, кои во нашата средина, па и низ светот, се малку запоставени од градските средини, каде што живеат поголем дел од луѓето, вели Димитровски.

Меѓу главните активности во насока на промоција на одржливоста, како што истакна, волонтерите во изминатите шест месеци целосно го спроведоа процесот наречен од семе до тегла.

– На почетокот засадивме неколку различни видови зеленчуци во нашата градина и сето тоа го правиме по принципите на пермакултурата попознато како органско земјоделство, но вклучително со различни техники во рамки на тие пермопринципи. На почетокот почнавме со подготовка на нашите градини, донесовме различни типови органско ѓубре од планината и органско ѓубре кое е спремно да биде искористено за градините и резултатите се очигледни, веќе имаме прекрасни растенија, што секој ден со волонтерите ги имаме на нашето мени, додаде Димитровски.

За самите волонтери, подвлече, е задоволство да се хранат претежно со работите што сами ги создале, но понекогаш, за да биде разновидна исхраната, прават размена со соседите во селото.

– Понекогаш од она што сме го произвеле го менуваме за млеко, јајца и слично. Се разбира, не се сведува сè на тоа, за да си ги задоволат своите потреби, волонтерите некогаш да одат до градот да имаат еден најобичен ручек, доколку, нели, сакаат да си купат нешто плус, а најчесто ќе ги сретнете на градскиот пазар, каде што секогаш одбираат нешто разновидно, што, секако, е потпомогнато од средствата што ги добиваат од проектот. Иако не е многу лесно да се живее на село и да се почне од нула, ние се обидуваме да најдеме начин што ќе го споделиме за да биде полесно за другите, дециден е Димитровски.

Португалецот Нелсон се обиде да ни долови што сè годинава имаат произведено во нивната градина во Стар Истевник.

– Во градината имаме: домати, босилек, пиперки, краставици, копар, праз, имаме „лубеница". Во горната градина што е од задната страна на куќата имаме брокули, зелка, различни видови грав, пченка, компири. Сега се подготвуваме и за садници од сортата „алтан". Се разбира, јас не сум единствениот што го работи ова, ми помагаат и сите други волонтери. Се трудиме да ги почитуваме колку што можеме тие принципи познати како пермакултура, вели Нелсон.

Упатен добро во целата работа, ни раскажа за целиот процес на обезбедување органско ѓубриво, чија употреба е значајна за да се добијат здрави плодови.

– На почетокот на сезоната направивме три подигнати леи овде, овие три подигнати леи се над почвата. Потоа го ставивме компостот – ѓубриво од крава и шумски компост. Две големи приколки од секое, и ги ставивме во трите подигнати леи. Целта е да се нахрани почвата, која потоа ќе ги нахрани растенијата. Наместо да ги храниме директно растенијата, сакаме да го избегнеме ова, тоа е она што се прави во индустриското земјоделство, додава волонтерот од Португалија.

Пред крај на сезоната Нелсон кажа дека планираат да направат уште неколку подигнати леи во задниот дел од градината, кои ќе бидат постојани, и ќе можат да работат на нив.

– Техниката што ја користиме на овие подигнати леи и ќе ја користиме на подигнатите леи одзади: ставаме слој од картон за да избегнеме растење на плевел. Го наводнуваме поприлично картонот, така што да почне да се распаѓа. Потоа го ставаме целиот компост, што го споменав, и на врвот од компостот ставaме слама. И оваа слама придонесува на различни начини. Еден од нив е да се спречи појава на нов плевел, така што ќе имаме многу помалку работа во плевење. Исто така, тоа ја задржува водата во почвата, и не дозволува водата да испари поради сонцето, и ќе можеме да ја наводнуваме поретко. Исто така служи и како органска материја, која постепено ќе се распадне во органска маса со текот на времето и ќе придонесе со повеќе минерали и хранливи материи во почвата, што е точно она што им треба на растенијата, и она што ни е потребно за да ја нахраниме почвата, додава Португалецот.

Своето искуство го сподели и волонтерката Веселина Маџарова од Бугарија, која го пофали машкиот дел од екипата, велејќи дека не само што работат во градината, туку понекогаш помагаат и во кујната.

– Во градината имаме по малку од сè, боранија, зелки, пиперки, компир, домати, тиквички и откако започнавме да произведуваме си готвиме исклучиво од градината. Многу е убаво да отидеш да си „скинеш" плод од градината и да го приготвиш, што потоа е многу вкусно. Во готвењето, ако немаат обврски во градината, се нафаќа и некој од момчињата да готви, вели Маџарова.

Маџарова додаде дека наводнувањето исто така е од огромно значење во целиот процес.

– Во моментот ги полевам „бебињата", така ги викам овие семиња што ги засадивме скоро. Сега импровизираме, но кога ќе пораснат во плод ќе можат да се видат подобро. Ова овде ни е поегзотичниот дел од градината, на пример, овде имаме „физалис", тоа подолу се плодовите внатре, има жолт плод кога зрее, имаме „кафеави" домати, „мангоут". Сакавме да екпериментираме со различни методи, да изгледа малку поатрактивно, во вид на „џунгла", рече таа.

Околу дневната рутина на групата задолжен за да ја долови атмосферата беше волонтерот Џеј Дишлиев, исто така од од Бугарија.

– На почетокот секогаш се трудиме да имаме неколку различни методи, кои ќе бидат најефикасен начин за да се развиеме самите како дел од природата. Вообичаено се будиме околу 7 часот, нашиот „супервизор" нè буди со специјално „ѕвонче", чиј звук ќе го чуете подоцна. Потоа доаѓаме на ова место (покажува кон блиската широка ливада) каде што правиме јога или дневни вежби. Морам да напоменам дека не е секогаш јога во прашање, секогаш гледаме да бидат различни вежби и секој од нас да ги практикува, раскажува Дишлиев.

Откако ќе се „размрдаат" со вежбите тие се собираат во нивната „канцеларија" и во рамки на 15-минутната средба прават кратка листа како ќе го поминат денот.

– Се обидуваме да имаме распоред до ручек кога потоа некој од нас готви. Веси одлично готви, но понекогаш се вклучуваме и ние самите. Потоа во зависност колку е топло, правиме мала пауза, а потоа продолжуваме со активности сè до вечерта. Од таа перспектива се обидуваме да ги вклучиме и луѓето од заедницата, бидејќи времето не е кратко, станува збор за 6 месеци. Затоа секако имаме различни видови игри, некои наши игри во кои јас уживам, едноставно тоа се моменти што ги обожавам, додава Дишлиев.

Нелсон се надоврза на работата во градината зад куќата ставајќи акцент на органското производство.

– Нешто друго што не го кажав за градината е тоа што нашето да го наречеме земјоделство е органско земјоделство. Ние не користиме никаков вид пестициди, хемикалии или синтетички пестициди. Сè е базирано на природата. На пример, вариме коприва. Една од техниките што ги користиме е растенија што растат заедно и си помагаат. Како што можете да видите овде, на пример, имаме четири вида растенија: праз, зелка, цвекло и брокули. Причината зошто го правиме ова е затоа што растенијата си помагаат едни на други. Тие не се натпреваруваат за истите хранливи материи. На пример, празот помага зелката да не ја напаѓаат штетни мушички, додаде Португалецот.

Како една од поважните работи што ни ги откри е тоа што вршат различни видови мулчирање на почвата, што е еден вид прекривање на почвата со органска маса.

– На пример, ова се сушени лисја од домати. Ги ставаме на почвата околу зелката и ова исто така ќе спречи појава на некои инсекти. Оваа година немавме црви што ја јадат зелката или брокулите, што е неверојатно. Исто така, постои причина зошто не ја сечеме дивата вегетација околу нашата градина. Тоа го правиме затоа што привлекува многу корисни инсекти, како бубачки, и некои други инсекти на кои да бидам искрен не им ги знам имињата на англиски. Но, сите тие инсекти ќе ни помогнат да се бориме со лошите инсекти што се непожелни. Исто така, ова ќе привлече многу птици што исто така помага. Тоа е, на некој начин, биодиверзитет (биолошка разноликост). Понекогаш губиме дел од нашето производство поради птиците, и тоа е сосема во ред. Тоа се вика размена, прецизираше волонтерот од Португалија.

Најважно при реализирањето на сите активности, додава Борче, е тоа што го прават, го прават со позитивна мисла и грижа.

– Сите што се тука и волонтерите кои дојдоа го препознаваат тоа што ние сакаме да го правиме и да изгледа онака како што ние сакаме да изгледа. Оваа година имаме видливи резултати, градината е во понапредната фаза, благодарение на сите кои се грижат за неа, рече Димитровски.

Според координаторот на проектот, волонтерството може да биде на многу повисоко ниво, што е случај во повеќето европски земји.

– Волонтерството треба да биде прифатено како еден вид работа во смисла „да дадеш" за да добиеш нешто малку подоцна. На пример, кога одевме сега на пожарите што го зафатија овој регион, не одевме ние да добиеме нешто веднаш, туку одевме за да го дадеме тоа од сè срце и со текот на времето резултатите ќе си дојдат сами од себе. Исто е и со градината, на почетокот дававме сè од себе за да успее градината, знаевме дека ќе имаме резултати, но дека ќе бидат фасцинирачки резултатите не очекувавме. Сето тоа значи е благодарение на нашата добра волја, да постигнеме нешто што понекогаш е подолгорочно, додаде Димитровски.

Нагласи дека фокусот на активностите од проектот не е само во Стар Истевник, туку дека како волонтери активно биле вклучени и во други активности од добробит за заедницата.

– Сето тоа што го правиме тука не е само да сме фокусираме на едно место, центарот се обидуваме да го развиеме постепено. Во создавањето на нашата мрежа за развој на центарот се обидуваме да помагаме на многу други млади луѓе кои имаат одлучено да го направат својот прв чекор да излезат од конфорната зона и да почнат да почнат со слични проекти на село. Веќе имавме посета на една работилница за градба со природни материјали во Велес. Исто така го посетивме село Тодоровци во М. Каменица, каде што имаме пријатели кои со години живеат таму, имаат пчели, градини, си прават свои куќи, се обидуваат да бидат самоодржливи и се обидуваат своето искуство да го споделат со нас. Во иднина планираме да посетиме уште такви млади луѓе кои сакаат да живеат на село, додава Димитровски.

Во рамки на активностите кои се одвиваат надвор од Стар Истевник волонтерите многу пати биле пример. Беа меѓу најактивните во гаснењето на пожарите, организираа повеќе акции за собирање отпад на различни локации. Целта, како што кажа делчевскиот волонтер, е работите за кои сметаат дека се општокорисни да ги завршат со цел да бидат пример со тоа што нивната идејата ќе биде споделена особено преку медиумите, за што изразија благодарност за нашето присуство и можноста што им се укажа тоа да биде промовирано и презентирано пред пошироката јавност.

Димитровски нагласи дека ваквата програма нуди многу можности за останати млади кои имаат можност да бидат дел до програмата во рамки на останатите проекти кои тие ги имаат како здружение.

– На дел од тие проекти учесниците имаат можност и да патуваат во други земји. За вториот проект имаме тренинг-курс за кој треба да се пријават кандидати кои ќе можат да ја посетат Галиција во Шпанија. Проектот се вика „Back to the roots" и во рамки на истиот треба да се стекнат токму со знаења како да ги развиваме руралните средини. На тие проекти ние се стекнавме со тие вештини и знаења кои денес ги даваат овие резултати, така што би ги поканил сите заинтересирани да не посетат на нашата страна и здружение, трошоците им се покриени, така да слободно нека се обратат доколку се заинтересирани за ваков вид на обуки, дополни Димитровски.

При крај на посетата на Стар Истевник се упативме кон куќата каде што престојуваат волонтерите.

– Во изминатите две-три години сами со Симона го вршевме големиот дел од уредувањето на куќата. За оваа година планиравме да направиме фасада од каде што главните придобивки на градбата со кал е тоа што требаше целата фасада од кал да ја растопиме и да ја вратиме. Но моравме некои активности да ги пренасочиме и да работиме со тоа што можеме и што имаме, рече Борче.

На влегување во нивниот дом, волонтерот Џеј ни покажа некои основни правила кои важат во куќата.

– Ова е нашиот аларм за будење наутро. Кога ќе го слушнат звукот наутро (удира во ѕвоното) сите се симнуваат долу и го започнуваме нашиот ден. Прилично едноставна работа. Звукот означува дека е 7 часот по македонско време. Ова овде е кујната. Навистина уживам во овој простор, затоа што го поминувам поголемиот дел од времето овде. Овде разговараме за нашите идеи и дискусии. Ова е нашата огласна табла овде, таа е прилично мала... На неа можете да видите некои од основните идеи што ги имаме споделено. Идејата ќе ја закачиме тука, за потоа да се навратиме и да ја ревидираме, додава волонтерот од Бугарија.

Фотографиите на таблата сами по себе кажуваа за доживувањата кои волонтерите ги имале во текот на нивниот престој, но можеа да се забележат и фотографии од нивниот личен живот надвор од проектот.

– На оваа табла може да видите неколку фотографии на коишто сме ние самите. Навистина го сакам овој момент од фотографијата на тракторот. Овде сме на нива со тикви, на отворено, ова е во Стар Истевник. Оваа фотографија овде… тоа е еден од волонтерите, мислам дека тие слики се од 2018 – 2019 година. Овие фотографии, само сакам да ги споменам, се направени со полароидна камера. Направена е на тој начин што се поврзувате со блутут и фотографијата излегува инстантно. Многу е кул. Ова е на еден фестивал на кој учествувавме неодамна, минатиот месец, во Берово. Беше просто неверојатно. Луѓето, заедницата таму, волонтерите… неверојатни луѓе, раскажува Дишлиев раскажувајќи за една фотографија која се забележуваше дека е од неговата кариера како музичар.

Освен што одлично се забавуваат кога се во куќата волонтерите имаат научено и да подготвуваат домашни специјалитети.

Пред да го напуштиме нивниот центар во Стар Истевник напоменаа дека една од главните теми за кои разговараат е и темата за нула отпад. Според нив, тоа е нешто што се обидуваат да го интегрираат во нивниот живот и изразија надеж дека ова ќе биде една од нивните задачи за реализација во блиска иднина.

Проектот завршува на крајот на ноември, што, според координаторот, ќе биде одлична можност волонтерите да пробаат дел од зимницата. На крајот од разговорот изразија надеж дека нивната приказна ќе ја слушнат поголем број луѓе кои ќе се запознаат со она што го работат. До нивните следбеници на социјалните мрежи порачаа секогаш да им напишат порака за сè што ги интересира, а доколку сакаат да ги посетат, вратите на центарот ќе бидат секогаш отворени да им понудат кафе, да им скинат дел од плодовите во градината и да поразговараат за нивните активности. Главната порака за крај ја испрати Нелсон, кој порача: „Бидете одржливи".

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Никол Кидман за тешкиот момент по Оскарот: „Бев неверојатно осамена“

Освојувањето на Оскар е врв на кариерите на многу актери, но Никол Кидман ја поврзува својата прва победа и со чувство на голема осаменост.

Никол Кидман за тешкиот момент по Оскарот: „Бев неверојатно осамена“

Таа го освои Оскарот во 2003 година за улогата на Вирџинија Вулф во филмот „Часовите“, откако беше номинирана за прв пат претходната година за „Мулен Руж!“. Иако постигна еден од своите најголеми професионални успеси во тоа време, таа се чувствуваше сосема поинаку приватно.

Кидман се присети на тој период за време на гостувањето со Сандра Булок во подкастот „Терапус“ на Џејк Шејн. Зборувајќи за вечерта на доделувањето на наградите, таа рече дека по сè, останала со чувството дека нема партнер со кого да го сподели тој момент. „Бев неверојатно осамена“, се присети таа. „Го достигнав врвот на мојот успех, се вратив дома и бев сосема сама. Неверојатен сплет на околности“, додаде таа.

Големиот успех беше проследен со чувство на осаменост

Иако нејзините родители беа покрај неа, Кидман се сеќава дека се прашала: „Каде е мојот партнер, некој со кого да го споделам ова?“ Во времето на освојувањето на Оскарот, таа веќе беше разведена од Том Круз. „Тоа беше еден од оние длабоки моменти кога си помислив: „Треба да си го средам животот“, рече таа.

Актерката објасни дека благодарноста за наградата не може да го избрише чувството на осаменост. „Ја држам таа златна статуетка и си мислам: „Ова е тоа, ова е најголемата награда во нашата индустрија“. Бев толку благодарна и толку осамена во исто време.“ Таа додаде дека целото искуство било чудно за неа и дека во тој момент само сакала некој да ја прегрне и да ја врати во реалноста.

Неколку месеци по доделувањето на наградата, Кидман започнала врска со Лени Кравиц, со кого исто така била верена, но нивната врска завршила. Во 2005 година, таа го запознала Кит Урбан, а се венчале една година подоцна и добиле две ќерки, Сандеј и Фејт. Двојката се разделила во 2025 година, а нивниот развод бил финализиран на почетокот на 2026 година.

YouTube video

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Трамп ги поврзува нападите од 11 септември со војната во Иран: „Немаме избор, мора да победиме“

Доналд Трамп вети во Вашингтон дека САД никогаш нема да ги заборават терористичките напади од 11 септември 2001 година и дека денес продолжуваат да се борат во име на 2.977 лица кои загинаа.

Трамп ги поврзува нападите од 11 септември со војната во Иран: „Немаме избор, мора да победиме“

„Денес ја обновуваме светата заклетва што првпат ја дадовме во нивно име пред четврт век. Никогаш нема да заборавиме. Затоа се бориме денес“, рече американскиот претседател во говорот во Пентагон. „Немаме избор. Само победата е можна“, тврдеше тој.

Министерството за одбрана на САД, кое се наоѓа во близина на Вашингтон, исто така беше цел на џихадистите на Ал Каеда на 11 септември: киднапиран авион се урна во зградата, при што загинаа 184 лица.

Трамп ги поврза нападите од 11 септември со војната против Иран

За време на комеморацијата, Трамп ја поврза борбата против Ал Каеда, предводена од неговиот републикански претходник Џорџ В. Буш по нападите, со војната што ја води со Израел против Иран веќе седум месеци.

„Денес, им оддаваме почит на сите припадници на војската на Соединетите Американски Држави кои служеле во „војната против теророт“. (...) И им оддаваме почит на воениот и одбранбениот персонал кои работат токму сега за да се осигураат дека водечкиот државен спонзор на тероризмот во светот, Исламската Република Иран, никогаш нема да добие нуклеарно оружје“, рече тој.

Зборувајќи на комеморацијата, министерот за одбрана Пит Хегсет се согласи: „Нашите воини се борат против исламската теократија која посакува да бидеме мртви речиси половина век“.

За време на републиканската конвенција во среда и четврток, пред среднорочните избори, Доналд Трамп и неговиот потпретседател, Џ. Д. Венс, остро ги нападнаа своите демократски противници, обвинувајќи ги за договарање со сторителите на нападите.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Моди го повикува Путин да ја прекине војната во Украина

Индискиот премиер Нарендра Моди го повика рускиот претседател Владимир Путин да одржи разговори за прекин на војната во Украина, додека двајцата лидери се сретнаа во Њу Делхи пред самитот на БРИКС.

Моди го повикува Путин да ја прекине војната во Украина

Моди го повикува Путин да ја прекине војната во Украина

Дијалогот и дипломатијата се вистинскиот начин за решавање на конфликтот, му рекол Моди на Путин, според соопштението од индиското Министерство за надворешни работи.

Индија е подготвена да ги поддржи мировните напори, рече Моди.

Билатералните разговори се одржаа пред дводневниот самит на БРИКС што започнува во сабота.

Војната во Украина е на дневен ред, а формулацијата на индиското Министерство за надворешни работи се однесува на конфликтите „во регионот на Црното Море“.

Индија е голем купувач на руска нафта и жито. Таа е погодена од тешкотии во превозот во Црното Море предизвикани од руските и украинските напади, а индиските морнари беа жртви на напади со беспилотни летала.

Самит во Њу Делхи

Њу Делхи, кој одржува блиски врски и со западните партнери и со Москва, има во голема мера прагматичен пристап кон конфликтот откако започна руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Сепак, Моди ја засили својата реторика на состанокот во Киргистан кон крајот на август, повикувајќи го Путин пред камера да ги прекине борбите. „Треба да преминеме од бесконечна војна кон крај“, рече Моди, а Путин одговори дека Русија е на тој пат.

Не е познато колку директен бил Моди на состанокот во Њу Делхи. Во индиското соопштение се вели дека Моди и Путин се согласиле да го зајакнат посебното стратешко партнерство меѓу двете земји. БРИКС е акроним формиран од иницијалите на имињата на првите пет членки: Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка.

Организацијата е создадена како противтежа на Западот и оттогаш се прошири за да ги вклучи Иран, Египет, Етиопија, Обединетите Арапски Емирати и Индонезија. Фокусот на самитот во Њу Делхи ќе биде на трговијата, технологијата и регионалните конфликти. Кинескиот претседател Си Џинпинг е меѓу лидерите што учествуваат на состанокот.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер