ВМРО-ДПМНЕ: Рашковски да биде казнет за непочитување на мерката за носење заштитна маска

ВМРО-ДПМНЕ бара под итно да биде казнет Рашковски и јавно извинување за демонстрираното беззаконие.

Власта неколку дена молчи за неодговорното однесување на Рашковски. Дали Рашковски е над законот и поради тоа не е казнет за непочитување на мерките и законите?

Генералниот секретар на владата Драги Рашковски пред неколку дена е фатен како без маска на лицето, спротивно на прописите и законската уредба слободно се движи во продавница и со тоа го загрозува здравјето на останатите присутни и демонстрира беззаконие.

За ваквото беззаконие институциите се уште молчат.

Граѓаните прашуваат зошто за Рашковски не важат законите кои за нив важат? Дали неговата функција во владата во заминување е таа што го прави да биде над законот?

ВМРО-ДПМНЕ бара под итно да биде казнет Рашковски и јавно извинување за демонстрираното беззаконие.

Уште еднаш се докажа дека со Заев и СДСМ Македонија доби единствено хибриден режим, неспособност, криминал и сиромаштија.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Нападнат лекар од тетовската Клиничка болница

 Лекар во Клиничката болница во Тетово пријавил дека бил нападнат од 32- годишен пациент по што интервенирала полицијата. 

Инцидентот се случил во текот на вчерашниот ден, по што напаѓачот бил хоспитализиран во скопска здравствена институција.

– Во 8 часот и 25 минути, 47-годишен лекар од тетовската Клиничка болница во СВР Тетово пријавил дека на Психијатриското одделение физички бил нападнат од 32-годишниот пациент К.И.од тетовско Боговиње, по што бил смирен и испратен за хоспитализација во скопска болничка установа, соопштија од СВР Тетово.

Тетовската полиција вчера попладне регистрираше и физички напад во семејство на улицата „Мирче Ацев" во градот. Триесетгодишна жена во СВР Тетово пријавила дека во нивниот дом по вербална расправија со снаата, два пати физички ја нападнал нејзиниот 29-годишен брат. Пријавениот е повикан во Полициската станица во Тетово за расчистување и документирање на случајот.

ЕУРОСУПЕР БС-95 поевтинува, а Екстра лесното масло поскапува за половина денар

Новата малопродажна цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 60,5 денари за литар.

Цената на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 од ноќеска на полноќ се намалува за половина денар, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поскапува за половина денар по литар, додека цените на ЕУРОСУПЕР БС-98 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менуваат, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,15 отсто.

Новата малопродажна цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 60,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 и ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и понатаму ќе се продаваат за 63, односно 52,5 денари за литар, а со новото поскапување цената на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе се изедначи со ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и ќе чини 52,5 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 0,156 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и ќе изнесува 25,980 денари.

Како причина за промената на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 0,836 отсто пониската просечна референтна цена на бензинот на светскиот пазар во последните седум дена и за 1,716 отсто повисоката цена на екстра лесното масло, како и за 0,071 отсто повисокиот крус на денарот во однос на доларот.

Димитров: Корупцијата ни е заеднички противник, треба да работиме заедно

Понекогаш знаеме да ги бараме проблемите кај соседите. Но вистинскиот противник не е таму. Вистинскиот противник е заеднички – корупцијата – и во овој поглед потребно е да работиме заедно и обединето.

Ова го истакна денеска шефот на дипломатијата Никола Димитров на онлајн Конференцијата на ОБСЕ на високо ниво посветена на „Доброто владеење и борбата против корупцијата во дигиталната ера", што се одржува денеска и утре во организација на албанското претседавање со Постојаниот совет на Организацијата.

Како што соопшти МНР, во присуство на министри и други високи претставници на земјите членки на ОБСЕ, Димитров ја реафирмираше определбата на Владата за борбата против корупцијата, како клучна за враќањето на довербата на јавноста во правната држава и демократијата.

Тој притоа, истакнувајќи ги постигнувањата во изминатиот период, посебен акцент стави на воспоставување на порталот „Отворени финансии" кој овозможува увид во преку 17 милијарди финансиски трансакции на буџетските корисници на централно и локално ниво, укажувајќи на одличен пример како дигиталната технологија може да придонесе кон зголемување на транспарентноста, интегритетот и доброто владеење.

Дводневната Конференција која, како што се посочува, е посветена на оваа многу значајна тема за сите земји учеснички во ОБСЕ, ја отворија актуелниот претседавач, премиерот и министер за надворешни работи на Албанија, Еди Рама, генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер и албанската министерка за правда Етилда Ѓонај.

Димитров се обрати на панелот на високо ниво, на кој говореа и извршниот директор на Канцеларијата на ОБСЕ за дроги и криминал (УНОДЦ), Гада Фати Валу, шефот на британската дипломатија Доминик Раб, како и други министри за надворешни и за правда.

притисни ентер