ВМРО-ДПМНЕ:Над 550 студенти не добија платежни картички

Над 550 студенти не добија платежни картички, институциите веднаш да одговорат на приговорите на студентите!

Власта на СДСМ не успеа да се справи со пандемијата создавајќи тотален хаос во државата. Без ни малку срам ги извисија студентите за домашна платежна картичка затоа што дел од нив останаа без денар доделен од Владата. Група од околу 550 студенти на УКИМ кои иако ги исполнуваат критериумите не добиле платежни картички.

Како може МОН во време на најмодерна технологија да нема основен регистар со број на студенти во државата?

Наместо постапката на објавување да биде целосно транспарентна за на списокот да не се најдат некои што не требало да се таму очигледно власта свесно пред избори изврши класичен поткуп.

Власта го крши уставното право сите студентите да имаат еднакви можности за добивање финансиска помош од државниот буџет во услови на пандемијата. Со тоа Власта докажа дека платежната картичка за купување домашни производи е класичен поткуп. И претходно апелиравме дека делењето на картички и ваучери е предизборен поткуп на купување гласови.

Институциите веднаш да одговорат на приговорите на студентите и да им овозможат тоа што го ветуваа пред избори.

Власта предводена од СДСМ свесно со поткупот за жал го поткопува образованието.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Обраќање на претседателот Пендаровски на 41. издание на фестивалот „Браќа Манаки"

Претседателот Стево Пендаровски вечерва, во Пациото на НУ Завод и музеј Битола, присуствуваше и се обрати на 41. Издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки".

Продолжувајќи го традиционалното покровителство на оваа значајна манифестација, претседателот Пендаровски истакна дека е добро што и покрај пандемијата на КОВИД-19, „Браќа Манаки" се одржува и годинава во скратена и во изменета форма.

Во продолжение, во целост Ви го пренесуваме текстот од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Дозволете да ве поздравам како покровител на првиот и меѓу стотиците филмски фестивали, еден од само неколкуте во светот, кои се фокусирани на кинематограферите, фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки". Станува збор за еден од најзначајните културни настани во нашата земја, настан во кој е вткаена богата историја, многу ентузијазам и љубов кон филмската уметност. Благодарение на овој фестивал, Битола и нашата држава се препознаени во светот на седмата уметност.

За жал, годинава го нема црвениот тепих и препознатливиот гламур пред Центарот за култура во Битола, ги нема филмските проекции и полната киносала, ги нема драгите гости од светот на филмот. Пандемијата со Ковид-19 ги промени сите планови и предвидената програма за 41. издание на „Браќа Манаки". Сепак, традицијата продолжува, и во скратена и во изменета форма фестивалот и понатаму живее. Годинава го имаме доделувањето на наградата „Златна камера 300" за животно дело или животен опус, чиј лауреат оваа година е полско-американскиот кинематографер Јануш Зигмунд Камински. Исто така ќе биде доделена и наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм", а добитник е режисерот и сценарист Столе Попов.

Сакам да им честитам на добитниците и да им посакам уште многу филмски проекти. Во оваа прилика би сакал да го изразам своето уверување дека сите помагачи на фестивалот, централната и локалната власт, бизнис-заедницата, филмските работници, се и ќе продолжат да бидат и понатаму со фестивалот.

Деновите поминати во карантин, во изолација, во нашите домови за време на полициските часови нè потсетија колку значајно место во нашите животи имаат подвижните слики. Тие беа една од основните преокупации и можност за квалитетно поминување на нашето време. Дали пред телевизиските екрани или пред компјутерите, филмовите даваа ведрина и смисла на нашето потполно изменето секојдневие. Токму деновите на пандемијата ни покажаа колку е важна уметноста и, особено, која е моќта и улогата на филмот. Се разбира дека искуството на гледање филм на големото филмско платно е незаменливо и верувам дека со нормализирањето на состојбата, повторно, со зголемен ентузијазам и со љубопитност ќе се вратиме во кино салите.

Ви посакувам добро здравје и бериќетна работа и да се видиме догодина во нормални околности на 42. издание на „Браќа Манаки", рече претседателот Пендаровски во обраќањето.

Во Данска најголем пораст на бројот на заболени од почетокот на пандемијата

Данска денеска забележа најголем пораст на бројот на пациенти во последните 24 часа од почетокот на пандемијата на коронавирус - 589 , објави Данскиот здравствен институт SSI.

Високите бројки се објаснуваат со зголемениот капацитет за тестирање, иако данските власти изразија загриженост за големиот број локални жаришта на болеста во последните неколку недели, вклучувајќи го и Копенхаген.

Рекордниот број е регистриран во време кога се воведуваат новите ограничувања.

Рестораните и кафулињата мора да се затворат во 20 часот, задолжително е да се носат маски во кафулињата, а најголемиот број луѓе на јавни собири повторно ќе се намали на 50.

Данска потврди околу 22 000 случаи на коронавирус од почетокот на пандемијата и 635 смртни случаи.

Едно лице почина во сообраќајката на автопатот Неготино-Кавадарци

Едно лице почина, а тројца се повредени во сообраќајната несреќа што се случи денеска на автопатот Неготино-Кавадарци.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци во координација со ОВР Неготино, изврши увид на лице место, каде денеска во 13.50 часот возило Опел Корса со скопски регистарски таблички излетало од патот.

Во возилото кое се движело на автопатот Неготино – Кавадарци се превезувале четири лица, членови на едно семејство.

Во близина на село Прждево, од засега неутврдени причини, возилото излетало од патот, по што од здобиените повреди животот го изгубило лице на возраст од 89 години. Возачот и патниците се здобиле со повреди, а поради сериозноста на повредите едно од нив е упатено на лекување во Скопје.

Јавниот обвинител издаде наредба за вршење на сообраќајно техничко вештачење со цел утврдување на причините за случената сообраќајна несреќа.

притисни ентер