Владата донесе Одлука со која го прогласи Аквадуктот за споменик со највисок степен на заштита

Одлуката уследи по усвоениот елаборат за ревалоризација на споменикот, процес  кој долги години беше закочен во надлежнитe институции.

Владата на Македонија, на предлог од Управата за заштита на културното наследство и мислењето на Националниот совет за културно наследство, на денешната седница донесе Одлука за прогласување на споменикот Аквадукт во Скопје за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење.

Одлуката уследи по усвоениот елаборат за ревалоризација на споменикот, процес кој долги години беше закочен во надлежнитe институции.

Со ревалоризацијата на Аквадуктот е опфатено и прашањето за категоризација на доброто според неговото значење, а со тоа и прашањето за режимот на заштита.

Одлуката овозможува трајно зачувување на Аквадуктот и на неговите вредности во културна и историска смисла, како и во однос на заштитата на архитектурата, на социјалниот, едукативниот, туристичкиот и економскиот аспект на локалитетот. Со тоа се овозможува конечно да започне и неговата физичка заштита.

Со донесувањето на Одлуката, Аквадуктот се вбројува во уставната категорија „добра од општ интерес за Република Северна Македонија" и ужива посебна заштита во смисла на Уставот и Законот за заштита на културното наследство.

Со почит,

Министерство за култура

Влада: Идентитетот и јазикот не може да бидат предмет на преговори

 Владата смета дека одвојувањето на Албанија и Македонија не е во ничиј интерес и дека непринципиелноста од страна на ЕУ може да има последици за целиот регион. 

Двете земји треба да одат заедно низ целиот процес на интеграција на Западен Балкан и да се помагаат, изјави денеска владиниот портпарол Душко Арсовски.

Тој истакна дека друга алтернатива освен европската иднина за Македонија и за Западен Балкан не постои и оти аспирација на нашата земја е да стане членка во ЕУ. Но, како што рече, македонскиот јазик и македонскиот идентитет наметнати како прашања од Бугарија воопшто не смеат да бидат тема на разговорите и ангажманот на Брисел. Македонија, нагласи Арсовски, единствено така ќе продолжи да разговара за нејзината европска иднина.

-Премиерот Заев на средбите во Брисел беше јасен. Идентитетот и јазикот не смеат во ниту еден случај да бидат предмет на преговори. Државата ги спроведе сите реформи, нивната имплементација е трната преку процесот за европските стандарди дома, исполнети се сите критериуми на ЕУ за отворање на процесот на преговори за членство. Македонија како никој досега заслужува да биде членка на ЕУ, рече Арсовски одговарајќи на новинарско прашање на редовната прес-конференција.

Според него, доказ за тоа е и што Македонија има покажано европско однесување и вредности и дома и во регионот, но и во односите со самата Унија.

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со реформите кои обезбедуваат модерен образовен систем

ВМРО-ДПМНЕ стои зад повиците за бојкот на наставата и лажните вести за дигитализацијата во образованието.

ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со реформите кои обезбедуваат модерен и ефикасен образовен систем па затоа по секоја цена шири лажни вести, опструира и злоупотребува ученици и родители за партиски цели.

Јавноста се увери дека партијата предводена од Христијан Мицкоски, стои зад повиците за бојкот, лажните вести за дигитализацијата во образованието и измислиците за некакви провизии и тендери.

Апелираме до учениците и нивните родители, да не дозволат да бидат манипулирани и злоупотребени за партиски цели на партијата од Белата палата, бидејќи бојкот на наставата е на штета на учениците.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ 11 години го урнисуваше образованието и со експериментите како Кембриџ програмата и екстерното тестирање остави ученици, кои со своето знаење заостануваат зад врсниците во европските држави.

ВМРО-ДПМНЕ се спротивставува на секој напредок, на сé што е во интерес на граѓаните и на државата. Токму поради таквото деструктивно однесување оваа партија шест пати губи на избори и уште долго ќе остане во опозиција.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ

Суд во Тексас одби барање за стечај на НРА

Федерален суд во Далас, сојузна држава Тексас, синоќа одби барање за стечај поднесено од Националната асоцијација за оружје (НРА) со намера за нејзина реструктуризација.

Од судот изјавија дека барањето за стечај било поднесено поради тоа што НРА сака да добие „нефер предимство во судски процес", алудирајќи на тужбата поднесена против НРА од властите на Њујорк.

НРА е главен застапник на лобито во САД за правото на слободно носење и употреба на рачно оружје како пиштоли и пушки, пропишано во Вториот амандман.

Властите на државата Њујорк лани поднесоа тужба против раководството на НРА за злоупотреби, незаконско трошење на десетици милијарди долари во лична корист и други сомнителни постапки.

Покрај тоа, асоцијацијата настрада од пандемијата откако раководството го откажа годишниот саем на оружје и мораше да отпушти од работа неколку десетици вработени. Како резултат на ова НРА објави дека заминува во стечај со намера за реструктуризација на организацијата и пренесување на седиштето од Њујорк во Тексас.

Отказот на тексашкиот суд да разгледа стечај на НРА овозможува судот во Њујорк да продолжи со процесот против асоцијацијата. Државниот обвинител, Летисија Џејмс, бара обвинетите менаџери на НРА да се изјаснат за виновни за злоупотреби и побара распуштање на организацијата.

притисни ентер