Јавна расправа за Законот за семејството – нови решенија за пристап до податоците за посвојување - Канал 5

Јавна расправа за Законот за семејството – нови решенија за пристап до податоците за посвојување

Со јавната расправа претседаваше членката на Комисијата, Олга Лозановска.

Јавна расправа за Законот за семејството – нови решенија за пристап до податоците за посвојување

Комисијата за социјална политика, демографија и млади, во рамките на денешната 26. Седница, одржа Јавна расправа по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за семејството, поднесен од пратениците Весна Бендевска, Даниела Белимова, Павле Арсоски, Бобан Карапејовски и Даниел Стојчевски.

Со јавната расправа претседаваше членката на Комисијата, Олга Лозановска, а Предлог-законот го образложи потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, во име на предлагачите. Во дискусијата учествуваа експерти од областа, претставници на здруженија, граѓански организации и институции, како и претставници на Министерството за социјална политика, демографија и млади, кои изнесоа свои мислења, забелешки и предлози во однос на предложеното законско решение.

Со Законот за семејството се уредува посвојувањето како и правата и обврските кои произлегуваат од него. Согласно постојното законско решение, податоците за посвојувањата претставуваат службена тајна. Целта на Предлог-законот е уредување на пристапот до податоците и списите на предметите за посвојување, преку воспоставување механизам за остварување на правото на полнолетниот посвоеник на увид во списите на предметот за неговото посвојување. Се уредуваат и постапувањето и одлучувањето по барањата за пристап, пристапот до податоци од медицински причини поврзани со здравјето на малолетниот посвоеник, како и пристапот на крвните сродници на полнолетниот посвоеник под условите утврдени со закон.

Потребата од законските измени произлегува и од пресудата на Европскиот суд за човекови права во предметот „Митревска против Северна Македонија“, со која е утврдена повреда на членот 8 од Европската конвенција за човекови права. Судот констатирал дека при одлучувањето по барањето на посвоеникот за пристап до информации за неговото потекло не била воспоставена соодветна рамнотежа меѓу различните интереси. Посочена е и потребата од предвидување исклучоци од начелото на тајност на податоците, особено во случаи кога пристапот до одредени информации е неопходен од медицински причини.

Во широка дискусија беше истакната сложеноста и чувствителноста на прашањето, како и потребата предложените решенија внимателно да се разгледаат од правен и практичен аспект. Учесниците посочија дека конечните законски решенија треба да бидат јасни и применливи, со прецизно утврдени правила и критериуми, кои ќе овозможат соодветно постапување и одлучување во зависност од околностите на секој конкретен случај.

Терминот за продолжување на оваа јавна расправа ќе биде дополнително утврден.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Министерот Клековски ги прими новоименуваните директори на три универзитетски клиники

Министерот за здравство Сашо Клековски, денес ги прими новоименуваните директори на три јавни здравствени установи.

Министерот Клековски ги прими новоименуваните директори на три универзитетски клиники

Министерот за здравство Сашо Клековски, денес ги прими новоименуваните директори на три јавни здравствени установи — Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија, Универзитетската клиника за дигестивна хирургија и Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија.

За директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за гастроентерохепатологија е именуван вонр. проф. д-р Владимир Андреевски, специјалист интернист и супспецијалист гастроентерохепатолог, раководител на одделот за ендоскопија при Клиниката и генерален секретар на Македонското здружение за гастроентерохепатологија. Автор е на над 120 рецензирани труда во домашни и меѓународни списанија, со експертиза во интервентната ендоскопија и ЕРЦП.

За директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија е именуван асс. д-р Панче Караѓозов, специјалист по дигестивна хирургија, со стручно усовршување по лапароскопска хирургија во Виена и Истанбул и активно учество на меѓународни конгреси од областа на колопроктологијата и хепатобилијарната хирургија.

За директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за пластична и реконструктивна хирургија е именуван асс. д-р Благоја Србов, специјалист по пластична и реконструктивна хирургија, асистент на Катедрата по хирургија при Медицинскиот факултет во Скопје и еден од основачите на Македонската асоцијација за реконструктивна микрохирургија (MARM).

Министерот Клековски им честиташе на именуваните и им посака успешна работа, нагласувајќи ја очекуваната одговорност во водењето на трите клиники — стабилно и предвидливо работење, воведување нови методи и постапки, скратување на листите на чекање и зголемена доверба на пациентите.

Претходно денес министерот Клековски ги прими и досегашните директорки — проф. д-р Мери Трајковска и прим. д-р Јасмина Ѓорѓиевска-Павловска, на кои лично им се заблагодари за соработката и за постигнувањата во водењето на клиниките. Благодарност упати и до досегашниот директор на Клиниката за дигестивна хирургија, проф. д-р Огнен Костовски. Проф. д-р Костовски и прим. д-р Ѓорѓиевска-Павловска со своите тимови беа на првата линија во справувањето со последиците од трагедијата во Кочани, а под раководство на проф. д-р Трајковска на Клиниката за гастроентерохепатологија беа воведени четири нови методи на лекување.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Од 15 ноември до 15 март задолжително е поседувањето на зимска опрема во возилата

Согласно одредбите од Правилникот за задолжителна опрема на возилата, во патниот сообраќај на возилата е забрането поставување на пневматици со клинци.

Од 15 ноември до 15 март задолжително е поседувањето на зимска опрема во возилата

Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека од 15 ноември до 15 март, согласно одредбите од “Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата“(Сл.весник на Р.М. бр. 169/15, 226/15, 55/16, 11/18, 83/18, 191/18, 70/19 и 98/19 и „Службен весник на Република Македонија“бр. 302/20, 122/21, 33/24, 208/24, 193/25, 258/25, 58/26, 79/26 и 148/26), возилата кои учествуваат во јавен сообраќај на патиштата задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема.

Согласно одредбите од Правилникот за задолжителна опрема на возилата, за безбедно учество во сообраќајот на патиштата. (Службен весник бр. 31 од 2010 година), како зимска опрема на моторните возила се подразбира:

За моторни возила кои не надминува 3.500 кг.:

- зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од четири милиметри;

- пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина, со минимум од најмалку 4 мм., ако возилото во приборот поседува синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

За моторни возила со погон на четири тркала (4x4):

- зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 мм;

- пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина со минимум од најмалку 4 мм., ако возилото во приборот поседува синџири за снег и во случај кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина.

За моторни возила кои надминува 3.500 кг:

- зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 мм.

- пневматици со летен профил на сите четири тркала, со длабочина на шарите на нагазниот слој, по обем и широчина со минимум 4 мм, ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала;

- автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат - лопата.

Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака „MS”, “M+S”, “M & S” и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.

Согласно одредбите од Правилникот за задолжителна опрема на возилата, во патниот сообраќај на возилата е забрането поставување на пневматици со клинци.

Апелираме до возачите да се придржуваат кон законската обврска за поседување на зимска опрема, бидејќи така овозможуваме непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата во зимски услови.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер