Вицепремиерот Меџити на координација со министрите од коалицијата „Вреди“

Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити одржал координација со министрите за здравство, европски прашања, економија, добро владеење, труд, демографија и млади, кои се избрани на предлог на коалицијата „Вреди“.

- Во насока на обезбедување висок степен на ефикасност во спроведувањето на нашите програмски заложби, првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити почнува пракса на редовна координација со министрите за здравство, европски прашања, економија, добро владеење, труд, демографија и млади, кои се избрани на предлог на Коалицијата ВРЕДИ, се наведува во денешното соопштение испратено од БЕСА.

Ваквиот тип на координација, како што се посочува во соопштението, ќе се прошири и со замениците министри и другите избрани и именувани кадри на ВРЕДИ во извршната власт.

- Остануваме целосно посветени на спроведување на предизборните ветувања и спроведување на политики кои ќе ги решаваат проблемите на граѓаните, ќе го подигнат животниот стандард и ќе обезбедат сигурна иднина. Фокусирани сме на динамизирањето на ЕУ перспективите, борбата против корупцијата, економскиот развој и децентрализацијата на власта кон општините како прв непосреден сервис за граѓаните. Имаме план и визија за испорачување на резултати во прецизно утврдени рокови. Заедно со претседателот на Собранието и пратениците од владејачката коалиција ќе предлагаме и усвојуваме соодветни законски решенија, се вели во соопштението.

Демонстрации во Франција по објавувањето на прелиминарните резултати од парламентарните избори

 Демонстрации против француската крајнодесничарска партија Национален собир, повикани од крајната левица, доцна синоќа се претворија во судири со полицијата и немири во центарот на Лион, јавија француските медиуми.

Левицата повика на демонстрации откако беше обкавено дека Националниот собир води во првиот круг од парламентарните избори со околу 34 отсто освоени гласови.

Демонстрации имало и во Рен и Рије-ле-Папу, а се известува и дека имало немири во париското предградие Бобињи.

Вториот круг од вонредните парламентарни избори ќе се одржи на 7 јули.

Соработникот на Трамп, Стив Банон, денеска мора да се пријави за издржување казна затвор

Поранешниот советник и близок соработник на Доналд Трамп, Стив Банон, денеска е повикан да се јави во федералниот затвор во државата Конектикат на отслужување на четиримесечната затворска казна.

Поранешниот советник и близок соработник на Доналд Трамп, Стив Банон, денеска е повикан да се јави во федералниот затвор во државата Конектикат на отслужување на четиримесечната затворска казна изречена поради непочитување на поканата во истрагата на Конгресот за нападот врз Капитол Хил на 6 јануари 2020 година.

Судијата што го води неговиот случај му дозволи да остане на слобода во текот на двегодишниот жалбен процес, но денеска, откако советот на Апелациониот суд ја потврди неговата осуда за непочитување на Конгресот и Врховниот суд ја отфрли неговата последна жалба, и му нареди да веднаш да се пријави за издржување затворска казна.

Поротата го прогласи Банон за виновен по две точки од обвинението за непочитување на Конгресот: првото за одбивање да сведочи пред комисијата на Претставничкиот дом во врска со настаните од 6 јануари 2020 година и второто за одбивање да предаде документи поврзани со неговата вмешаност во обидите на поранешниот претседател Трамп да го оспори изборниот пораз кој во 2020 година му го нанесе кандидатот на Демократската партија Џозеф Бајден.

Мустафа: РФМ одлично го организира Мундијалот

Претседателот на Светската ракометна федерација (IHF) Хасан Мустафа упати пофални зборови за Ракометната федерација на Македонија која беше домаќин и организатор на 24. Светско јуниорско првенство во женска конкуренција.

- Одлично поставените организациско-инфраструктурни капацитети, пријателскиот прием на ракометарките, тренерите и официјалните лица, како и верните ракометни навивачи, се пример за страстна ракометна нација, но и за способност да се испорача спортско доживување од светски калибар. Другарството и спортскиот дух, се најверодостоен доказ за инклузивниот дух на спортот што нé обединува сите нас“, истакна д-р Мустафа, потенцирајќи благодарност во свое лично и во име на IHF, до домаќините на уште едно успешно реализирано светско првенство.

Ракометната Федерација на Македонија за целите на организација на овој настан вклучи бројни човечки ресурси: 110 волонтери, 32 водичи на селекциите, 27 скаути, 7 одговорни лица на сали, 10 професоналци од РФМ, 10 офицери за допинг-контрола, 18 медиумски работници, технички лица за спроведување на натпреварите, лица задолжени за забавниот дел, како и лица задолжени во делот на техничка поддршка и опрема.

Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, упати посебна благодарност до Светската ракометна федерација, за полната доверба која оваа институција ја довери на Федерацијата за менаџирање на спортски настани од највисок организациски ранг.

- Би сакал да се заблагодарам на сите кои беа вклучени во овој проект: вредните волонтери, бројните спортски работници, тимот во Федерацијата, партнерите од доверба, медиумите, нашите поддржувачи - сите кои веруваа дека можеме да се износиме со уште еден ваков голем проект. Се надевам дека оваа заемна доверба, соработка и силното спортско партнерство, ќе продолжат да се надградуваат и во иднина, истакна Мукаетов.

На Мундијалот во Скопје шампионскиот трофеј го освои Франција која вчеравечер во финалето ја совлада Унгарија со 29:26. Во дуелот за 3. место, Холандија беше поуспешна од Данска со 34:28.

притисни ентер