Украински претставник: Офанзивата врз Курск има три цели

Неименуван украински безбедносен претставник изјави дека повеќе илјади војници учествувале во упадот во руската покраина Курск.

Според него целта на упадот е да се дестабилизира Русија и да се потиснат руските сили со лесни и брзи напади.

Русија тврди дека неколку стотици украински војници го извршиле ненадејниот напад на 6 август, но според неименуваниот украински претставник бројот на украински војници бил многу поголем, „многу повеќе … илјадници и илјадници“.

- Ние сме во офанзива. Целта е да се развлечат позициите на непријателот, да се нанесат максимални загуби и да се дестабилизира ситуацијата во Русија, посочи украинскиот претставник.

Русија вчера призна дека Украинците навлегле 30 километри во областа Курск.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски на 10 август првпат потврди дека Киев почна офанзива со која „ја турка војната на територијата на агресорот“.

На годишнината од нападот на Хамас, Херцог го повика светот „да го поддржи Израел во борбата“

На годишнината од нападот на Хамас, Херцог го повика светот „да го поддржи Израел во борбата против неговите непријатели“.

Претседателот на Израел, Јицак Херцог, на првата годишнина од невидениот смртоносен напад на палестинската група Хамас на израелска територија, денеска го повика светот „да го поддржи Израел во борбата против неговите непријатели“, пренесуваат француските медиуми.

„7 октомври 2023 година остава белег на човештвото, белег на лицето на Земјата и светот мора да го сфати и разбере ова за да го промени текот на историјата“, рече Херцог во изјавата објавена од неговата прес канцеларија.

„За мир и подобра иднина на регионот, светот мора да го поддржи Израел во неговата борба против неговите непријатели“, се додава во изјавата на Херцог.

Тој денеска ќе претседава со комеморативната церемонија во Сдерот, еден од градовите најтешко погодени од крвавиот напад на Хамас, јавија претходно француските медиуми.

Во нападот на палестинските милитанти, што ја поттикна војната во Појасот Газа, а потоа и воените дејствија во Либан, Во Израел беа убиени над 1.200 лица, а 251 беа земени како заложници.

Извозот намален за 5,7 отсто, трговскиот дефицит 2 151,2 милиони евра

Според Државниот завод за статистика (ДЗС), трговскиот дефицит е 2 151,2 милиони евра, а покриеноста на увозот со извоз 70,7 отсто.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија во периодот јануари – август 2024 година изнесува 5 190,2 милиона евра и бележи пад од 5,7 отсто во однос на истиот период лани, додека вредноста на увeзената стока е 7 341,3 милиони евра, што е за 0,6 проценти повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Според Државниот завод за статистика (ДЗС), трговскиот дефицит е 2 151,2 милиони евра, а покриеноста на увозот со извоз 70,7 отсто.

-Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за превоз на лица, наведува ДЗС.

Во периодот јануари - август 2024 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, земјава најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија.

„Јон Вардар против галаксијата” премиерно прикажан во Шпанија

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата” ја имаше својата светска премиера на 57-мото издание на „Ситџес фантастик филм фестивал“.

Филмот во режија на Гоце Цветановски и во продукција на Алан Кастиљо од „Линкс студио” беше прикажан во фамилијарната секција.

Режисерот Цветановски инфомора дека на премиерата имал кусо обраќање, при што на шпански јазик им кажал на децата во публиката дека се првите во светот кои ќе го гледаат филмот.

Цветановски по настанот изјави дека фестивалскиот живот на „Јон Вардар против галаксијата” почна возбудливо, најавувајќи уште многу убави вести наскоро.

- Премиерата ги оправда очекувањата. Ми беше драго што и децата и нивните родители уживаа во филмот и се смееја на глас. Во публиката запознав и Македонци од Барселона кои допатуваа во Ситџес за да го проследат филмот. Ви благодарам многу што бевте дел од овој настан. Факт е дека со Јон Вардар напишавме историја, и верувам дека имаме производ со кој можеме да се гордееме. Одиме натаму, со нетрпение ја очекувам македонската премиера во ноември, рече режисерот Цветановски.

Во рамки на фестивалот во Ситџес, анимираниот филм ќе има уште една проекција следната сабота.

„Јон Вардар против галаксијата” е хумористична приказна „за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу, многу, мнооооогу вонземјани кои се на мисија да ја спасат Галаксијата од самите себеси“.

Арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.

Анимираниот филм е изработен со поддршка од Агенцијата за филм, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска.

Филмот од 1 ноември ќе се прикажува во кино-салите низ Македонија.

притисни ентер