УЕФА: Сите европски натпревари почнуваат со минута молчење

Сите европски натпревари одиграни оваа недела ќе започнат со едноминутно молчење во спомен на загинатите во стампедото на индонезискиот стадион во Маланг, објави УЕФА.

Оваа одлука на УЕФА се однесува на натпреварите од Лигата на шампионите, Лигата на Европа и Европската конференциска лига, како и за квалификациите за Светското првенство за жени.

Повеќе од 125 лица загинаа во стампедото што се случи на фудбалскиот натпревар во Маланг. Кога гневните навивачи на поразената домашна екипа упаднаа на теренот во Маланг, провинцијата Источна Јава во неделата вечерта, полицијата употреби солзавец во обид да ја контролира ситуацијата, предизвикувајќи стампедо во кое многумина се задушиле.

Инцидентот е една од најтешките катастрофи на стадионите во светот. Според полицијата, загинале 125 лица, додека Одделот за здравство на градот Маланг соопшти дека бројот на загинати е 131. Според други извори, бројот на загинати надминал 170, а 180 лица се повредени.

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2023

Во Собранието денеска продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2023 година. Поднесени се 263 амандмани од сите политички партии, а досега се прифатени повеќе предложени амандмани.

Согласно проекциите во Предлог-буџетот вкупните приходи се планирани на ниво од 282,1 милијарда денари и се за 14,8 отсто повисоки во однос на 2022 година, додека расходите се планирани на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е проектиран на ниво од 4,6 отсто од планираниот БДП или на 42,7 милијарди денари, додека вкупните расходи на 324,8 милијарди денари што е за 36,3 милијарди денари повеќе во однос на Буџетот за 2022 година.

Северна Кореја истрела неколку артилериски проектили

 Северна Кореја денеска истрела повеќе артилериски проектили во морето како одговор на вежбите на Јужна Кореја долж границата, јави новинската агенција КЦНА.

Ова следува еден ден откако Северна Кореја соопшти дека истрелала повеќе од 130 проектили во морето, од кои некои паднале во тампон зоната меѓу двете Кореи.

Сеул тврди дека ова е кршење на меѓукорејскиот договор за деескалација од 2018 година.

Јужнокорејските и американските трупи од вчера спроведуваат воени вежби во близина на границата, велејќи дека тие се неопходни за одвраќање на Северна Кореја, која тестира рекорден број проектили оваа година и ги продолжува подготовките за првата нуклеарна проба од 2017 година.

Пјонгјанг накратко ги критикуваше заедничките вежби како провокативни и доказ за непријателската политика на Сеул и Вашингтон.

Ковачевски на Самитот Западен Балкан-ЕУ во Тирана

На Самитот е предвидено земјите од Западен Балкан со ЕУ да потпишат декларација за зајакнување на соработката во повеќе сегменти со што се обезбедува подобри услови и бенефиции за граѓаните од земјите од Западен Балкан.

Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со лидерите од Западен Балкан, денеска ќе учествува и ќе говори на Самитот за Западен Балкан-Европска Унија во Тирана, Албанија, посветен на справување со последиците од руската инвазија врз Украина, зајакнување на безбедноста и градење отпорност кон странското мешање, одговор на предизвиците од миграцијата, борбата против тероризмот и организираниот криминал.

Ова е прв самит меѓу Унијата и Западен Балкан што се одржува во земја која не е членка на Унијата.

Учесниците на Самитот ќе ги пречека премиерот на Албанија Еди Рама, а најавено е присуство на високите европски претставници, претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел и претседателката на Европската комисија Урсула Фон Дер Лаjен, како и премиерите на Белгија, Луксембург и други европски земји.

На Самитот е предвидено земјите од Западен Балкан со ЕУ да потпишат декларација за зајакнување на соработката во повеќе сегменти со што се обезбедува подобри услови и бенефиции за граѓаните од земјите од Западен Балкан.

Премиерот Ковачевски на Самитот во Тирана ќе учествува и на две панел дискусии на кои фокусот ќе биде европската перспектива на земјите од Западен Балкан, обезбедувањето на демократија, мир и слобода, како и тесната соработка помеѓу земјите во заедничкото справување со предизвиците наметнати од економската и енергетската криза.

Во состав на владината делегација предводена од премиерот Ковачевски во Тирана се и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Вчера албанскиот премиер Еди Рама изјави дека самитот Западен Балкан – Европска Унија во Тирана го покажува зголемениот геостратешки интерес на ЕУ за тој регион за време на војната меѓу Русија и Украина.

Според Рама, војната во Украина потсетува на ранливоста на регионот и ѝ даде поттик на ЕУ да ги внесе нациите од Западен Балкан во ЕУ. Додава дека блокот треба особено да работи „тесно со Србија“, која не се приклучи на воените санкции на ЕУ за Русија за време на војната.

Во рамки на Самитот, телекомуникациските оператори од земјите од ЕУ и Западен Балкан ќе потпишат Декларација со која ќе се овозможи намалување на цените за роаминг меѓу ЕУ и регионот во 2023 година.

Како што најави Советот за регионална соработка (СРС), ова ќе придонесе за намалување на оперативните трошоци на бизнисмените, ќе го поттикне бизнисот надвор од матичните граници и ќе даде дополнителен поттик на туризмот во регионот на Западен Балкан.

Откако стапи во сила регионалниот договор за намалување на цените на роаминг, со кој беше укинат роамингот во Западен Балкан од јули 2021 година, СРС тесно соработува со Европската комисија, операторите од Европската унија и од Западен Балкан, како и со властите од регионот да ги намалат цените на роаминг меѓу ЕУ и регионот, се наведува во соопштението.

СРС потсетува и дека лидерите од Западен Балкан потпишаа три важни договори на почетокот на ноември како дел од Акцискиот план за заедничкиот регионален пазар на Берлинскиот процес – за слобода на движење со лична карта, за признавање на високообразовните квалификации и за признавање на стручни квалификации за доктори по медицина, стоматолози и архитекти.

притисни ентер