Учениците, родителите и наставниците во очекување како и кога ќе почне учебната година

Како и кога ќе почне учебната година? Родителите, учениците и наставниците сѐ уште чекаат да се изјаснат Министерството за образование и здравствените експерти.

Фактот дека сѐ зависи од епидемиолошката состојба и ситуацијата со пандемијата ги прави состојбите неизвесни.

И додека се чека на конечната одлука, Елбан Исмаилоски од Долненското село Житоше дојде во Прилеп на своето прваче да му купи ранец за на училиште. Смета дека првачињата, со ригорозни протоколи, треба да седнат во училницата зашто е незаменлива.

– Сметаме дека децата треба да одат на училиште и да си учат. Нека дадат протоколи како што треба за децата. Ако нема да биде часот 45 минути, нека е 30 минути, битно е да биде во интерес на децата и за убаво, вели таткото Исмаилоски.

И прилепчанката Матилда Дупјачанец сака да го прати првачето во училишната клупа и покрај стравувањата од пандемијата и потребата за заштита.

– Училишната настава не може да ја замени домашната. Се надевам дека Министерството и Комисијата за заразни болести ќе најдат оптимално решение. Факт е дека тешко може да се контролира децата да не контактираат блиску, да се запазат мерките за заштита кај малите деца. Тие не ги сфаќаат ситуациите. Ама очекувам дека ќе се најде решение, дали на двапати, на трипати, да се поделат одделенијата, но училиштето е првото сознание, најмногу за првачињата, вели Дупјачанец.

Средношколците веќе имаат искуство од пролетната настава на далечина. Имаше проблеми, особено со платформите, тоа треба да се отстрани овој период, но за да се стигне, според најавата, до комбинирана настава потребни се многу расчистувања на ситуациите. Особено што најбитно е, според Унијата на средношколците, училиштата мора да бидат подготвени за сите протоколи за да ги отворат вратите на училиштата. Сашо Здравески, претседател на училишниот парламент при прилепската гимназија „Мирче Ацев", нагласува дека наставата на далечина не даде одговор за тестирањата на учениците.

-Оваа година ни е потребна програма и, пред сѐ, ни се потребни обучени професори кои ќе се снајдат со програмата за настава на далечина. Во меѓувреме, тоа поделување по групи и комбинираното, се надевам дека ќе биде доволно безбедно за да не се појави ново жариште и младината да не предизвикува ново жариште, вели Здравески.

Наставничката Наташа Мирческа која води одделенија до петто, со искуството од пролетната настава од далечина, смета дека сѐ уште немаат ниту наставна програма, ниту план за работа. А без чисти и подготвени училишта не може да се седне во училишните клупи.

-Не секој од нас, наставниците, умее да работи со електронските алатки кои треба да ни донесат благодат. За жал, овој период не го искористивме да ја подобриме ситуацијата. Ако, и само ако, се исчистат и се оспособат училиштата за работа во здравствено, одлични, хигиенски услвои. Инаку, ништо нема да направиме, смета наставничката Мирческа.

Со непознаницата се „борат" и триесетина ученици во Прилеп, вклучени во дуалното образование. А без практичната настава, која воопшто и не се спровела досега, овој вид образование нема смисла.

Дуалното образование во прилепското средно електромашинско училиште „Ристе Ристески Ричко" почна минатата учебна година. Поточно 2019/2020 година. Учениците од прва година летово требаа да одржат феријална практична настава во три прилепски компании: „Вик", „Гентерм" и „Витаминка". Станува збор за ученици од електротехничката и од машинската струка. Според директорката на училиштето Билјана Трајкоска, летово со делегациајта на германската стопанска комора, со наставните институции и со компаниит еимале видеко-конференциски состаноци. Феријалнаат летна пракса мора да се одржи но кога, прашање е на договор.

– Се согласивме дека летово нема можности во трите компании да се одвива феријалната практична настава на учениците во компаниите. Иако без тоа не може да запишат втора година кога ги очекува еден ден во неделата практична настава. Сепак, со Министерството се согласивме тие ученици условно да бидат запишани во втора година, а феријалната практична настава да се одржи во текот на првото полугодие, или, евентуално, во зимскиот распуст, објаснува Трајкоска.

Од компанијата „Витаминка" нагласуваат дека имаат предлози за практичната настава.

-Нашата идеја е тие осум работни часови да ги распределиме. Да бидат во два или три дена, со запазувањето на сите заштитни мерки. Во секој случај, нашата одлука ќе биде идентична со комисијата на Германско-македонската стопанска соработка, вели орде Ѓорѓиески, директор на правниот сектор на прилепската прехранбена индустрија „Витаминка".

Професорката Гордана Насеска при средното електро-машинско училиште „Ристе Ристески Ричко" смета дека имаат солидно искуство на наставата од далечина и дека во ова училиште со многу ученици да продолжи наставата на далечина иако физичкото присутво е најбитно за квалитетно образование.

– Физичкото присутво дава оптимални резултати во квалитетното образование. Но, во училиштето се голем број ученици, тешко е да се намалат класовите и да се организира повеќесменска настава. Затоа сметам дека треба да има настава на далечина, вели Насеска.

Неизвесноста за почетокот на учебната година продолжува. Според министерот за образование Арбер Адеми, ако има влошување на состојбата со коронавирусот и ако нема функционално Собрание, тогаш може да дојде до пролонгирање на учебната година. Не прецизира колку би траело задоцнувањето.

За кој било модел за кој ќе се определиме од овие три, неопходно е да имаме законски измени во Законот за основно и за средно образование. За да имаме измени мора да имаме функционално Собрание, што значи дека може да дојде до пролонгирање на учебната година. Ако немаме функционално Собрание и ако имаме влошување на епидемиолошката состојба може да се пролонгира учебната година, вели министерот Адеми.

Без разлика на политичките и епидемиолошките опсервации на новата учебна година кај нас, и по анализите како е во соседството. наставата за учениците виси „на конец". Министерството споменува законски промени, Комисијата за заразни болести бара објаснувања, а учениците, родителите и наставниците бараат издржан, здравствено подготвен план за почетокот на учебната година. Се чини, никој не сака да ги преземат обврската и одговорноста за последиците од почетокот на учебната година. Ама, генерациите трпат заедно со образовниот процес.

Балканци прават скара на вулкан- лавата врие, тие пеат (ВИДЕО)

На TikTok профилот „bata.osovina“ неодамна беше објавено видео кое привлече внимание кај корисниците од оваа област.

Авторот покажа како тој и неговиот пријател прават скара, пеат и уживаат во близина на активен вулкан.

Од нивниот говор е јасно дека момчињата се по потекло од Балканот, а нивната авантура не остана незабележана во медиумите, особено од Босна и Херцеговина.

@bata.osovina #viral ♬ original sound - Bata Osovina

Снимката од скарата, додека вулканот исфрла лава и чад, собра повеќе од 1,1 милион прегледи, а гледачите во голем број ја коментираа сцената.

„Честитки, какви императори“, „Цел свет доаѓа, се слика и бега кога има ерупција, само Балканот прави скара и слуша музика“, „Нам Балканците ни лава не ни може ништо“ , пишува во дел од пораките.

Во меѓувреме, авторот објави уште едно видео и објасни што се случува:

„Ова не е прв пат да правиме вечера на вулкан, печевме колбаси, пици, јајца... Беше опасно, но не бевме единствените таму. На сите им препорачувам да купат билет, да дојдат на Исланд и да го посетат вулканот. Не толку блиску како што сме ние, затоа што е опасно. Вакво нешто гледате само еднаш. Но, внимавајте, ќе треба да го оставите автомобилот на час и 20 минути од вулканот и да дојдете пешки“, вели момчето.

@bata.osovina Odgovor korisniku @Leo Freeze #iceland #srbija #bosna #hrvatska ♬ original sound - Bata Osovina

Меѓу многуте коментари го забележавме следново: „Да имаше активен вулкан на Балканот, околу него ќе печевме свињи и јагниња“, „Ова не се карамелизирани туку вулканизирани ќебапи“, „Балканска скара во близина на активен вулкан. Ништо необично“.

@bata.osovina #viral ♬ original sound - Bata Osovina

Има и такви кои веруваат дека се работи за монтажа, па ви оставаме да ја погледнете снимката и сами да процените.

Лондонскиот аеродром Хитроу за летово предвидува најголем промет во историјата

Лондонскиот аеродром Хитроу (LHR) денеска соопшти дека сезоната на летни одмори ќе биде „најпрометната досега“ .

Лондонскиот аеродром Хитроу (LHR) денеска соопшти дека сезоната на летни одмори ќе биде „најпрометната досега“ и дека вработените ќе вложат големи напори аеродромот да работи непречено „дури и ако има повторување на штрајковите на персоналот“ кои ја одбележаа минатата година .

Бројот на патници кои го користат аеродромот се очекува оваа година да надмине 82,4 милиони. Тоа би била најпрометната година досега, за 1,5 милиони патници „поуспешно“ од 2019 година, кога низ аеродромот поминале 80,9 милиони патници, пишува британскиот дневен весник „Гардијан“.

Ова го потврди комерцијалниот директор на аеродромот, Хавиер Ечав, бидејќи Хитроу се соочува со неизвесна иднина, а предложената продажба на најголемиот британски аеродром во вредност од 6 милијарди фунти се уште е доведена во прашање.

Намерата на шпанската компанија Ferrovial да го купи аеродромот заедно со австралиската инвестициска компанија Macquarie е „на чекање“, откако фирмата од Сиднеј одлучи да се откаже од својот удел од 35% во Хитроу. Во меѓувреме, нема други понудувачи. Покрај нив, за преземање на 25% удел во сопственоста на аеродромот беа заинтересирани и Државниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија и француската приватна инвестициска компанија Ардијан.

На почетокот на овој месец, аеродромските власти ја повикаа владата да го укине воведувањето на нова наплата од 10 фунти за транзитните патници, предупредувајќи дека тоа ќе влијае на бројот на патници и ќе ги стави аеродромите во Британија во неповолна положба во однос на европските конкуренти. Хитроу го повтори овој повик во средата, а истовремено ги повика министрите да ја разгледаат „анти-развојната“ туристичка такса, што значи дека туристите плаќаат ДДВ за набавките.

Девојка скока во базен од огромна височина, снимката има над 39 милиони прегледи (ВИДЕО)

Џени Ван Кавијк се занимава со нуркање, а неодамна изведе трик на крузерот „Harmony of the Seas“, четвртиот по големина во светот.

На почетокот ја гледаме на скокалницата, додека покажува кон „малиот“ базен. Признаваме дека ни се заврти од висината, додека девојката „уживаше во сѐ“.

Неколку моменти подоцна таа скокна, изведе неколку акробации и се втурна во водата, токму онаму каде што „нишанеше“.

Клипот дефинитивно не е за секого, а собра повеќе од 39,6 милиони прегледи.

„Вие сте фантастични! Не би имал храброст да се искачам на скала, а камоли да скокам“, напишал еден корисник.

Друг додаде: „Стомакот ми се преврте додека го гледав ова“.

притисни ентер