Уапсени се три лица за перење пари, кривична за уште тројца и три фирми- проневериле над 2 милиони евра - Канал 5

Уапсени се три лица за перење пари, кривична за уште тројца и три фирми- проневериле над 2 милиони евра

Сузбиена криминална група, поднесена кривична пријава за шест физички и три правни лица, лишени од слобода три лица за перење пари, проневера во службата и несовесно работење во службата, проневериле над два милиони евра.

Уапсени се три лица за перење пари, кривична за уште тројца и три фирми- проневериле над 2 милиони евра

На 02/03.09.2026 од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со ОСПО—ЕБР, а под раководство на ОЈО за ГОКК, спроведена е полициска акција, при што сузбиена е криминална група инволвирана во извршување на кривични дела „проневера во службата“, „перење пари и други приноси од казниво дело” и „несовесно работење во службата”.

Во рамки на акцијата, врз основа на претходно обезбедени наредби од Основен кривичен суд, извршени се претреси на повеќе локации во Скопје, при што лишени од слобода се С.С., Ш.С. и З.Ѓ., а при извршените претреси пронајдени и одземени се околу 27.735 евра, 38.500 денари, 750 швајцарски франци и 100 долари, повеќе телефонски апарати и две патнички моторни возила.

Денеска (03.09.2026) Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал криминал до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против шест физички и три правни лица, и тоа: С.С. (49)- сопственик на правно лице од с.Кучевиште и неизвршен член на одбор на директори во осигурително брокерско друштво, Ш.С. (29)- извршен член на одбор на директори во осигурително брокерско друштво и З.Ѓ. (58)- извршен член на одбор на директори во осигурително брокерско друштво за „проневера во службата” (чл.354 ст.5 во врска со ст.1) и „перење пари и други приноси од казниво дело” (чл.273 ст.1) од КЗ, против Д.М. (54)- вработен во правно лице од с. Кучевиште како раководител на станица за технички преглед за „проневера во службата” (чл.354 ст.5 во врска со ст.1) од КЗ, против Т.М. (64)- вработена во Јавно претпријатие за државни патишта како помошник директор за „несовесно работење во службата” (чл.353-в ст.1, 2 и 3) од КЗ, против М.Д. (40)- вработен во друштво за книговодствени услуги за „проневера во службата” (чл.354 ст.5 во врска со ст.1), „перење пари и други приноси од казниво дело” (чл.273 ст.1) во врска со „помагање“ (чл.24) од КЗ, сите од Скопје и против правно лице од Скопје и правно лице од с. Кучевиште. за „перење пари и други приноси од казниво дело” (чл.273 ст.1) од КЗ и правно лице од Скопје за „перење пари и други приноси од казниво дело” (чл.273 ст.1) во врска со „помагање“ (чл.24) од КЗ.

С.С. во својство на управител на правно лице од с. Кучевиште, кое од 2011 година имало овластувања за вршење на технички преглед на возила, во периодот од 01.01.2021 - 20.01.2026 со намера за себе да прибави противправна имотна корист во износ од 138.877.419 денари изготвувал и доставувал лажни извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила до Јавното претпријатие за државни патишта, Црвен Крст, Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Mинистерство за животна средина и општините. При изготвување на извештаите и лажирање на податоците, С.С. дејствувал заедно со Д.М., кој бил овластен за изготвување и потпишување на фактури и доставување на извештаи до надлежните институции. Прикривањето на паричните средства на наплатените парични средства било преку осигурително брокерско друштво, на чии сметки биле наплаќани предвидените надоместоци, иако согласно закон на сметка на брокерското друштво требало да се наплаќа само полисата за осигурување. Како извршни членови на Одборот на директори и овластени лица во критичниот период биле Ш.С. и З.Ѓ., кои знаеле дека дел од приходите потекнуваат од наплата на надоместоци, а не од дејноста на осигурување и заедно со С.С. како неизвршен член на Одборот на директори понатаму го прикриле потеклото на парични средства со префрлање од една на друга сметка на правните лица и мешање на истите со приходите од редовното работење по различни основи (во најголем дел позајмици), а со цел со дел од криминално стекнатите паричните средства да се купуваат недвижности во корист на правното лице.

Т.М. во својство на помошник директор за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта иако имала обврска да го следи уплатениот надоместок и да врши проверка на доставуваните извештаи, односно споредба на наплатените средства со пресметаните надоместоци во извештаите врз основа на кои се исплаќале фактури за провизија за извршена услуга на правното лице, како и да бара навремено наплаќање на пријавениот надоместок од утврдените разлики, истата пропуштила должен надзор и го известувала Д.М. за наплатениот износ на сметката на ЈПДП наместо правното лице од с.Кучевиште да доставува месечни извештаи до нив, на кој начин на С.С. му овозможиле да се стекне со противправна корист во износ 48.434.406 денари по однос на надоместок за патна такса.

М.Д. како овластен сметководител во правно лице од Скопје во сметководствената документација евидентирал невистинити податоци кои се разликувале од реалната документација од работењето и воедно поднесувал даночни пријави и во Годишните сметки кои што не ја прикажувале реалната финансиска состојба на правното лице од с. Кучевиште. На овој начин на С.С. му овозможиле да се стекне со противправна корист во износ 138.877.419 денари по однос на надоместоци кои се наплаќале при регистрација на возила.

Со наведените дејствија лицата се стекнале со имот-парични средства во износ од 138.877.419 денари (2.258.169 евра), а на штета на Буџетот на Р.С.Македонија, односно на штета на Јавното претпријатие за државни патишта износ од 48.434.406 денари, Црвен Крст износ од 1.485.926 денари, Министерство за животна средина 5.585.098 денари, Буџет и Комунална такса за Општините износ од 83.371.988 денари, соопшти МВР.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Петрушевски: Филипче и СДС со притисокот кон НБРМ и Алта банка, создаваат терен бизнисмен близок до нив да ја купи банката за ниска сума

Филипче и СДС со притисокот кон НБРМ и Алта банка, создаваат терен бизнисмен близок до нив да ја купи банката за ниска цена.

Петрушевски: Филипче и СДС со притисокот кон НБРМ и Алта банка, создаваат терен бизнисмен близок до нив да ја купи банката за ниска сума

Откриен е планот на Филипче и СДС.

Тоа што со месеци го правеа не беше поради некаков српски свет, туку поради бизнис интереси на Филипче и неговиот ментор Заев.

Целта на Филипче и СДС во случајот со Алта банка е да создадат паника и хаос во банкарскиот свет, дека банката е пред распаѓање и дека е неликвидна, за утре ден, близок бизнисмен до Филипче и Заев да ги откупи акциите за багателна цена.

Еден од неколкуте докази што ја поткрепуваат оваа информација е вчерашната прес-конференција на генералниот секретар на СДС, Александар Димитријевиќ, кој побара ПИОМ да не ги исплаќа пензиите на корисниците на Алта банка, со што прави кривично дело според член 315 од КЗ.

Прочитани се. Освен криминал, пари и корупција ништо друго не ги интересира.

Затоа, им порачуваме на граѓаните, да бидат спокојни. Се додека премиер е претседателот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ власт, плати и пензии ќе има, а банки нема да пропаѓаат.

Бране Петрушевски, заменик генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник

YouTube video

https://www.swisstransfer.com/dl/01a1a131-b418-707e-bc18-11e28bd56a29

Со почит,

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ВРЕДИ: Вучиќ падна, време е да се разоткријат врските на семејството Ахмети со Алта банка

Оваа недела во регионот се затвори едно поглавје. 

ВРЕДИ: Вучиќ падна, време е да се разоткријат врските на семејството Ахмети со Алта банка

На 25 октомври Александар Вучиќ ги изгуби изборите во Србија.

Шест дена подоцна, Народната банка на Србија ја одзеде дозволата на Алта банка, банката на неговиот близок соработник Давор Мацура.

Денес сакаме да кажеме две работи јасно.

Прво: проектите на Вучиќ во Македонија доаѓаа со поддршка од ДУИ.

ДУИ сега вика „српски свет“. Но фактите покажуваат кој му ја отвори вратата:

Во јули 2021 година српската компанија МТЕЛ влегува на нашиот пазар. Тогаш ДУИ е во Владата, а Бујар Османи е министер за надворешни работи.

Османи имаше најмалку 11 средби со српски функционери. Записниците од тие средби до денес не се објавени.

На 24 октомври 2024 година, АС Сењак, фирма на сватот на Али Ахмети, доаѓа до акции на Стопанска банка Битола од фирма поврзана со Сашо Мијалков.

На 9 јуни 2025 година, фирма во која АС Сењак е сосопственик подигнува кредит од 5 милиони евра од Алта банка Белград.

На 17 септември 2025 година акциите се продадени на Алта банка. Шест дена подоцна, општина водена од ДУИ му дава на АС Сењак два договори вредни 90 милиони денари.

Ова не е случајност. Тоа е синџир што од Белград води до ДУИ, а од ДУИ назад до Белград. Истата партија што им зборуваше на Албанците за патриотизам правеше бизнис со луѓето на Вучиќ.

Второ: паѓа Вучиќ, паѓаат и неговите сателити во ДУИ.

Што се гради врз туѓа моќ, паѓа заедно со неа. Вучиќ ја изгуби власта, а Алта банка остана без дозвола. Сега се отвораат тајните во Белград, а со нив и сметките.

ВРЕДИ го кажува ова уште од септември 2025 година. Документите ги доставивме до Државната комисија за спречување на корупцијата. Али Ахмети и ДУИ молчат веќе 13 месеци. Тој молк сега нема да им помогне.

Затоа бараме:

Државната комисија за спречување на корупцијата и Јавното обвинителство итно да ги истражат трансакциите на АС Сењак со Мијалков и со Алта банка, кредитот од 5 милиони евра и тендерите од општините на ДУИ.

Надлежните институции да побараат податоци од српските органи за сите врски на Алта банка со фирми од Македонија.

ДУИ да ги објави записниците од средбите на Османи и Ахмети со Вучиќ и со српски функционери.

Али Ахмети лично да објасни зошто фирмата на неговиот сват купувала од Мијалков, се задолжила кај Алта и продавала на Алта.

Албанците во Македонија заслужуваат политика што не се продава на Белград. Вучиќ падна. Редот е на неговите сателити.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Обраќање на претседателот Гаши на Дебата со средношколци и пратеници

Ќе започнам со едно прашање што многу често ми го поставуваат во изминативе две години: Кој е најголемиот предизвик да се биде претседател на Собранието? 

Обраќање на претседателот Гаши на Дебата со средношколци и пратеници

Почитувана амбасадорке на Обединетото Кралство, Ваша Екселенцијо, г-ѓа Маја Сивањанам,

Почитувани претставници на Институтот за комуникациски студии,

Почитувани пратеници,

Драги млади,

Ќе започнам со едно прашање што многу често ми го поставуваат во изминативе две години: Кој е најголемиот предизвик да се биде претседател на Собранието? Секогаш велам дека одговорот на ова прашање не е едноставен, бидејќи оваа одговорност подразбира бројни предизвици, но несомнено еден од најголемите е поврзан со начинот на кој нашите постапки и изјави се комуницираат, толкуваат и перципираат во јавниот простор.

Во време кога вниманието на јавноста сè почесто го привлекуваат негативните вести, кога една изјава може да биде извадена од контекст, да биде протолкувана поинаку од она што навистина било кажано, па дури и да биде искривена, станува сè потешко граѓаните да направат јасна разлика меѓу објективните информации и нивните толкувања, како и меѓу фактите и обидите за манипулација.

Се разбира, не го започнав ова обраќање за да зборувам за моите предизвици како претседател, туку за да ја истакнам важната улога што ја има точното и објективно информирање во разбирањето на реалноста и во развојот на демократијата.

Затоа што денес се соочуваме со еден парадокс: имаме повеќе информации на располагање од кога било досега, но тоа не значи дека поседуваме и повеќе знаење, будност и способност за критичко расудување. Младите се особено изложени на влијанието на дигиталниот простор, бидејќи социјалните мрежи одамна не се само средства за комуникација и забава, туку и важни извори на информации и обликување на нивните ставови. Затоа, заштитата од дезинформации, во суштина, е заштита на демократијата и на нашата слобода да расудуваме независно.

Токму тука започнува значењето на медиумската писменост и суштината на денешната дебата. Целта не е да им кажеме на младите што да мислат, туку да ги оспособиме самостојно да размислуваат; да не им определуваме кому да веруваат, туку да ги оспособиме како да ја проценуваат веродостојноста на една информација.

Една од првите поуки во оваа насока ја наоѓаме во учењето на кинескиот филозоф Конфучие: „Да не им веруваме на зборовите без претходно да ги провериме и да не заземаме страна пред внимателно да размислиме”.

Драги млади,

Вие кои сакате да го промените светот, системот и општествените неправди, запомнете: не можеме да промениме нешто за кое не сме целосно свесни, а целосна свесност стекнуваме единствено преку целосното информирање. Во духот на Џон Лок: „Оној што суди без да биде информиран од сите можни извори, неизбежно е да донесе погрешни заклучоци“.

Затоа, не ја мерете вистината според бројот на позитивните реакции, не ја мешајте популарноста со веродостојноста и не дозволувајте брзината на информациите да ја замени длабочината на вашето размислување. Застанете, прашувајте, проверувајте и барајте аргументи. Дури и разумното сомневање, кога нè води кон вистината, е знак на слободен ум. Затоа што на едно демократско општество не му се потребни граѓани кои веруваат или критикуваат сè, туку граѓани кои знаат правилно да расудуваат и критички да размислуваат.

Собранието, во оваа насока, има важна улога. Како дом на сите граѓани и институција во која тие се претставени, тоа треба да биде пример за транспарентност, аргументирана дебата и отчетност.

Исто така, сметам дека Собранието треба да биде отворена врата за општеството, особено за младите, кои не се само носители на иднината, туку и активни чинители на сегашноста.

Токму затоа, особено ми е драго што заедно со Британската амбасада, Институтот за комуникациски студии и Клубот на млади пратеници, преку овој настан придонесуваме оваа способност да се негува, да се заштитува и да стане дел од нашата демократска култура.

Нашата заедничка обврска е да создадеме услови младите да стекнуваат знаења, да развиваат критички пристап и да имаат доверба во сопственото расудување. На нашата држава ѝ се потребни млади луѓе кои знаат да ги преиспитуваат работите, одговорно да дејствуваат во општеството и да имаат капацитет да придонесуваат кон позитивни промени и напредок на државата.

Ќе го завршам моето обраќање со цврсто уверување дека:

„Вистинската слобода не се состои само во правото да го изразиме тоа што го мислиме, туку и во способноста слободно да размислуваме пред да поверуваме во она што ни се кажува и да станеме робови на дефиницијата на реалноста што ни ја наметнува некој друг“.

Ви благодарам и ви посакувам плодна дискусија!

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер