Трамп се закани дека ќе го уништи Иран во говорот пред Обединетите нации - Канал 5

Трамп се закани дека ќе го уништи Иран во говорот пред Обединетите нации

Додека Трамп од говорницата порачуваше дека или Иран ќе стане подобро место за живеење или ќе го снема од светската мапа, американска и иранска делегација во Њујорк веќе преговараа за мировно решение зад затворени врати, прв пат по три месеци.

Трамп се закани дека ќе го уништи Иран во говорот пред Обединетите нации

Веста ги затекна и новинарите во Њујорк, кога им ја пренесе самиот Трамп на средбата со Зеленски.

-Состанокот траеше три часа, заврши пред еден час. Беше многу добар состанок. Знаете дека постојат две можности (за Иран) и ги слушнавте во мојот говор денеска. Едната е многу лоша, другата може да доведе до големи нешта за земјата. , изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Нема детали од средбата одржана со посредство на Катар, освен дека учествувале двоецот Витков – Кушнер од американска и шефот на дипломатијата, Арагчи од иранска страна. Главна тема било деблокирање на Ормутскиот теснец, за што Техеран ги испорачал своите барања - укинување на американската поморска блокада и крај на конфликтот на сите фронтови.

-Присуството на нашата делегација во Њујорк беше искористена јасно да се пренесат овие прашања до американската страна. , изјави Есмаил Багхеин, портпарол на иранското МНР.

Нема конкретен напредок и за војната во Украина, освен заложбата да се дојде до мир пред почетокот на зимата. Зеленски е подготвен да ги прекине нападите врз руските рафинери ако тоа го стори и Путин, откако Трамп алармираше дека уништениот руски енергетски систем е главна причина за рекордните цени на дизелот.

-Ние сме подготвени за секаков формат на енергетски прекин на огнот. Ако ние не напаѓаме енергија, мислам на целата енергија, се. Ова е нашиот предлог. Благодарни сме на американската страна, кој ќе го сподели предлогот со руската страна. Јас не ја знам руската позиција. Дали сте подготвени за средба со Путин? Јас сум подготвен. , изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

-Мислам дека ќе постигнат договор, не би можел да кажам каков. Разговараме многу за тоа, вклучително и со претседателот Путин. Мислам дека нешто ќе се случи. , изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Ставовите на Трамп искажани вчера за повеќе прашања предизвика неколку делегации да ја напуштат салата. Атмосферата ја вжешти и францускиот претседател Макрон кој демонстративно тропна на говорницата, осудувајќи ги фалбите на американскиот колега дека донел мир во појасот Газа.

-Каков кредибилитет имаме ако продолжиме да остануваме неактивни пред ситуацијата во Газа? Некои се фалат со наводен мир, но тој мир не го овозможи повторното отворање на хуманитарниот пристап ниту за една секунда. Дали треба да го гледаме овој спектакл што треба сите да нè засрами?, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

Веста за новата рунда преговори меѓу Вашингтон и Техеран ја намали цената на нафтата од типот Брент, која падна под 100 долари за барел.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Шумската полиција со засилени акции: Запленети над 500 кубни метри дрвна маса и поднесени 140 пријави

Шумската полиција спроведе засилени акции против нелегалната сеча низ целата држава, при што во текот на септември и во почетокот на октомври беа запленети над 500 кубни метри нелегално исечена дрвна маса и поднесени 140 пријави.

Шумската полиција со засилени акции: Запленети над 500 кубни метри дрвна маса и поднесени 140 пријави

Привремено се одземени 13 товарни и 17 патнички возила, девет трактори, како и моторни пили, приколки, секири и други предмети употребени за незаконска сеча и превоз на дрва.

Акциите се спроведуваат паралелно со секојдневните редовни контроли, со посебно внимание на подрачјата каде што поизразено дејствуваат организирани групи на дрвокрадци. Контролите се насочени и кон сузбивање на нелегалното снабдување со дрва на населението и на производствените капацитети, а со кои се нанесува значителна штета на шумскиот фонд.

„Засилените акции ќе продолжат и во наредниот период, на целата територија на државата. Заштитата на шумите е јавен интерес и наша институционална одговорност. Шумската полиција ја има целосната поддршка на Министерството да постапува одлучно и доследно против незаконската сеча, транспортот и трговијата со дрва, во рамките на своите законски овластувања“, порачува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.

Во пресрет на грејната сезона, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство апелира до граѓаните да купуваат огревно дрво само од лиценцирани продавачи и складови. Со набавката на дрва од легални извори активно се придонесува за спречување на нелегалната трговија и за заштита на шумите.

Воедно, граѓаните се повикуваат да пријавуваат сомнежи за незаконска сеча, транспорт и продажба на дрва до Шумската полиција и другите надлежни органи.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ѓорѓиевски: Средба со бордот на директори од ЕБОР - Скопје заслужува големи проекти и резултати што ќе го менуваат животот на граѓаните

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска оствари средба со делегацијата на Бордот на директори на Европската банка за обнова и развој, со цел  продлабочување на соработката за реализација на стратешките инвестиции.

Ѓорѓиевски: Средба со бордот на директори од ЕБОР - Скопје заслужува големи проекти и резултати што ќе го менуваат животот на граѓаните

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска оствари средба со делегацијата на Бордот на директори на Европската банка за обнова и развој, со цел продлабочување на соработката за реализација на стратешките инвестиции што му се потребни на нашиот град. На средбата се разговараше за неколку стратешки проекти кои Градот Скопје ги реализира со поддршка на ЕБОР, како проектот за воведување Брз автобуски превоз (БРТ) и проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Трубарево.

- Мојата определба е цврста. Секој проект мора да решава вистински проблем, а секоја инвестиција да носи конкретна придобивка за скопјани. Посебен акцент ставивме на Брзиот автобуски превоз - БРТ. Веќе е започната постапката за претквалификација на изведувачи за Линија 1, а паралелно продолжуваат активностите за обезбедување стручна поддршка за реализација на проектот. Скопјани заслужуваат побрз, посигурен и поквалитетен јавен превоз. Помалку време во сообраќај, полесно пристигнување на работа и на училиште, помал метеж и почист воздух. Разговаравме и за пречистителната станица за отпадни води во Трубарево, инвестиција од огромно значење за заштитата на водите, животната средина и здравјето на граѓаните. За овие придобивки работам и на нив останувам целосно посветен. Тоа е одговорност и кон генерациите на кои ќе им го оставиме овој град – рече градоначалникот Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски ја потврди и определбата за понатамошна соработка во модернизацијата на инфраструктурата, енергетската ефикасност и реализацијата на Зелениот акциски план за Скопје.

- Довербата што ја добив од граѓаните е мојата најголема обврска. Ќе продолжам да ги придвижувам проектите и истрајно да работам до нивна реализација. Нашиот успех мора да се чувствува во секојдневието на скопјани. За Скопје што оди напред. За град на кој повторно ќе бидеме горди. Заедно продолжуваме да работиме на проекти што ќе остават трајна вредност за Скопје и неговите граѓани – истакна Ѓорѓиевски.

На средбата, градоначалникот Ѓорѓиевски упати искрена благодарност до делегацијата, раководството и тимот на ЕБОР за посетата, долгогодишната поддршка и конструктивната соработка.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945 од Тетово со иницијатива за забрана на здружението ХУТА Тетово

Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945 и граѓаните продолжувачи Тетово денес 14.10.2026 година до Јавното обвинителство поднесе Иницијатива за забрана на работа на организацијата Здружение за култура и заштита на духовно и културно наследство ХУТА.

Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945 од Тетово со иницијатива за забрана на здружението ХУТА Тетово

Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945 и граѓаните продолжувачи Тетово денес 14.10.2026 година до Јавното обвинителство поднесе Иницијатива за забрана на работа на организацијата Здружение за култура и заштита на духовно и културно наследство ХУТА Тетово, која работи и делува во Тетово и е сопственик на веб страна со домен: https://www.tetovamuzeuvirtual.org/, a на социјалната мрежа facebook е активна со своја официјална страна https://www.facebook.com/tetovomuseum именувана како Muzeu Virtual i Tetovës / Виртуелен Музеј на Тетово.

Иницијативата ја поднесуваме врз основ на член 66 ст 1, а во врска со чл. 65.ст.1 од Законот за здруженија и фондации и бараме надлежниот јавен обвинител поради постоење на причини за забрана на работата на Здружението ХУТА да достави предлог за забрана на работењето на Здружението ХУТА до надлежниот Основен суд во Тетово.

Законот за здруженија и фондации јасно определил ЗАБРАНА ЗА РАБОТА на организација ако: поттикнува агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза и нетрпеливост, презема активности кои се спротивни на Уставот и законот, има програма, цели, дејности кои предизвикуваат нетрпеливост, нетолеранција, омраза, или се форма на поддршка, односно одобрување на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот – рајх.

Здружението ХУТА во последната своја објава го оспорува значењето на државниот празник 11 Октовмри – Ден на востанието и го претставува во негативно светло, славејќи и величајќи ги окупаторите и нивните соработници, споделувајќи слика од озогласениот фашистички батаљон Љуботен како со карактеристичниот нацистички поздрав салутира на фашистот Гајур Дерала, а притоа го велича и злосторникот Џемо Хаса. Во многу нивни објави се врши историски ревизионизам, народно-ослободителната војна на македонскиот народ и народностите се негира, а за сметка на тоа се афирмира наследството на негативните личности како Џафер Сулејмани, Шаип Камбери, Гајур Дерала, Џемо Хаса, Роберто Паријани, и многу други фашисти.

Постапувајќи на овој начин подолг временски период исполнети се условите за отпочнување на законска постапка за забрана за работа на ваквата организација. Нејзиното понатамошно постоење и функцинирање штети на уставно-правниот поредок, ги повредува чувствата, правата и слободите на граѓаните и создава непоправлива штета врз меѓуетничките односи кои се особено значајни и мора да се негуваат како посебна вредност на нашето општество. Македонија и Тетово мора да се развиваат растеретени од поединци, групи и организации кои свесно и намерно внесуваат немир, спроведуваат агенди и нео-фашистички политики кои покрај тоа што го прекршуваат законот имаат за цел да го фрагментираат општеството и вештачки да создаваат високо ниво на конфронтираност.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер