Таравари: Добрата дигитализација направила револуција и огромни заштеди во здравството

Добрата дигитализација направила револуција и огромни заштеди во здравството во други држави.

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска ја посети Клиничка болница Тетово, при што направи на состојбата на установата по невремето. Тој најави дека се размислува за уште поголема дигитализација во здравството со цел да се избегнат манипулации со препишувањето лекови и користењето медицински услуги за да не се повторуваат ситуации како со Клиниката за онкологија.

- Јас мислам дека една од нашите цели програмски цели е децентрализација, односно регионализација на здравството. Планираме четири клинички центри да функционираат во државата, еден од нив можеби и најбитна е тетовската клиничка болница. Јас добивам информации дека овде релативно добро е опремена со апарати, меѓутоа недостасуваат човечки ресурси. Тие што се со договор, а имаме информации дека има огромен број на луѓе, вработени медицински работници коишто се со договор што поскоро треба да им се дадат решенија и да се вработат дополнително и да се планира долгорочно тие специјализации коишто се дефицитарни да ги планираме и како министерство и како медицински факултет заедно за да во следните години не се случува одредени одделенија да не функционира, рече Таравари.

На новинарски прашања за состојбите со одредени клиники во скопскиот клинички центар, Таравари рече дека денес д-р Игор Стојковски е назначен за директор на Клиниката за Онкологија.

- За економскиот директор на Токсикологија, комисијата за ревизија беше таму и наскоро ќе би дадам официјален извештај за да не шпекулирам. Покрај ова, за директорката на Кардиохирургија од заменик министерката добив информација дека добила допис од ДКСК дека треба да ја врати и добро постапила. Меѓутоа ќе видиме дали има други неправилности во работењето. Ако има, веднаш ќе постапиме и повторно ќе го смениме без никаков проблем. Начелно мислам дека заменик министерката за здравство добро постапила, рече Таравари.

Според него, за Онкологија се работи на изнаоѓање среднорочно и долгорочно решение.

- Зборувам за дигитализација, можеби и за кодирање на сите лекови коишто ќе доаѓаат во Македонија. Меѓутоа дајте ми време да се консултирам и со ИТ инженери и со луѓе коишто се разбираат, ова има во држави каде што добрата дигитализација направила револуција и огромни заштеди во здравството. Ние се повикуваме нонстоп на борба против корупција и криминалот. Ќе инсистирам што поскоро да започнеме во Македонија да дигитализираме. Јавна тајна е дека некои луѓе ги земаат лековите со упат од матичен доктор ги носат во приватните аптеки и ги продаваат. Онкологија е еден пример што го фатиме, онкологија има можеби и во повеќе болници и клиники. Меѓутоа не сакам да имам предрасуди, сакам да поставиме стандарди за да спречуваме секаква злоупотреба. Ако еднаш пациентот се снимал со магнетна не смее по втор пат за шест месеци повторно да се направи, освен во одредени случаи кај што е неопходно, рече Таравари.

При невремето во неделата, дел од подрумските простории на тетовската болницата во Ургентниот центар биле поплавени, но немало оштетувања на поскапите апарати.

Демонстрантите и полицијата се судрија во германскиот град Есен

Демонстрантите и полицијата се судрија во германскиот град Есен, каде што се одржува дводневниот конгрес на екстремно десничарската германска партија „Алтернатива за Германија“, јави ДПА.

Поголема група демонстранти се обиде да го пробие полицискиот кордон во просторот на салата каде што ќе се одржи партискиот настан.

Полицијата употреби палки и бибер спреј за да ги спречи демонстрантите.

На конгресот учествуваат околу 600 делегати на крајнодесничарската партија. Партиските лидери Алис Вајдел и Тино Крупала се борат за реизбор пред германските парламентарни избори следната година./МИА

Њујорк тајмс го повика Бајден да се откаже од претседателската трка

Редакцијата на американскиот весник „Њујорк тајмс“ синоќа го повика претседателот на САД Џо Бајден да се повлече од претседателската трка, еден ден по неговиот слаб настап во дебатата против Доналд Трамп, пренесоа светските агенции.

Иако посочува дека 81-годишниот Бајден е „претседател за восхит“, весникот истакнува дека на дебатата тој изгледал како „сенката на голем јавен службеник“ и дека би се впуштил во „непромислена авантура“ доколку ја продолжи кампањата.

„Нема причина партијата да ги ризикува стабилноста и безбедноста на земјата со тоа што ги принудува гласачите да избираат меѓу недостатоците на г-дин Трамп и оние на г-дин Бајден“, пишува весникот.

„Премногу голем залог е да се надеваме дека Американците ќе ги игнорираат или минимизираат годините и слабоста на г-дин Бајден, кои тие ги гледаат со свои очи“, се додава во њујоршкото издание.

„Ако ризикот од втор мандат на Трамп е толку голем како што тој вели - а ние се согласуваме со него дека опасноста е огромна - тогаш неговата посветеност на оваа земја ги остава него и неговата партија само со еден избор“, посочува „Њујорк тајмс“.

Статијата беше објавена два часа откако Бајден пристигна во Њујорк на дводневна турнеја за собирање средства за неговата кампања./МИА

Швајцарија и Италија ја отвораат осминафиналната фаза на ЕП 2024

Со два натпревари в сабота, на 29 јуни, во Германија ќе продолжи 17. издание на Европското фудбалско првенство.

По два дена одмор по завршувањето на групната фаза, осминафиналните битки почнуваат со мечот меѓу Швајцарија и актуелниот освојувач на трофејот Италија во 18 часот по наше време, а вечер од 21 часот домаќините и Данска ќе излезат на терен.

На „Сигнал Идуна Парк“ во Дортмунд, бундестимот ќе бара пласман во четвртфиналето, но најпрво треба да го совлада цврстиот тим на Данска. Избраниците на Јулијан Нагелсман ја завршија групната фаза без пораз по двете комфорни победи над Шкотска и Унгарија и ремито со Швајцарија, а замената Никлас Филкруг го обезбеди првото место на Германците во групата А со доцното израмнување против Швајцареците. Токму мечот со „крстоносците“ ги покажа првите загрижувачки знаци во играта на „панцирите“ од почетокот на турнирот, но треба да се земе предвид и фактот дека тимот веќе беше квалификуван за елиминациите. Нагелсман и компанија ќе бараат место во осминафиналето против „црвениот динамит“ на Каспер Хулманд.

Скандинавците, полуфиналисти на ЕП 2020, ги поминаа групите со три ремија против Словенија, Англија и Србија, завршувајќи на второто место во групата Ц само поради нивниот подобар пласман по европските квалификации над Словенците. Данците тешко постигнуваат голови, но подеднакво тешко му даваат голови на Каспер Шмајхел, па ќе се обидат повторно со дисциплина да ги изненадат домаќините уште пред четвртфиналната фаза.

Во раниот натпревар на Олимпискиот стадион во Берлин, Италија ќе бара да ја продолжи одбраната на титулата против добро организираниот тим на Швајцарија. Избраниците на Лучано Спалети едвај стигнаа до осминафиналето, откако ја совладаа Албанија со 2-1 на отворањето, губејќи тесно од Шпанија со 0-1, а потоа им требаше задоцнет гол од замената Матија Џакани против Хрватска за да завршат на второто место во групата. .

Мурат Јакин покажа далеку подобро лице, победи против Унгарија со 3-1 и ремизираше со Шкотска и Германија, но во двата меча имаа свои шанси за освојување на 3 поени. Сега, „крстоносците“ се подготвени да го продолжат својот марш на Евро 2024 со исфрлање на досега неубедливите шампиони.

Победникот од двојката Швајцарија-Италија ги чека Англија или Словачка во четвртфиналето, додека Германците или Данците во осминафиналето ќе се сретнат со Шпанија или Грузија. /МИА

притисни ентер