„Да бидам искрен, премногу земји се движат во погрешна насока, а вирусот останува јавен непријател број еден“, рече лидерот на СЗО, Тедрос Аданом Габриезус, од седиштето на Обединетите нации во Женева.
„Ако не се почитуваат основите, оваа пандемија само ќе се влошува“, додаде тој.
Денеска бројот на коронавирусни инфекции во светот надмина 13 милиони, со повеќе од половина милион смртни случаи.
Тедрос исто така посочи дека од 230.000 нови случаи забележани во неделата, 80 проценти доаѓаат од 10 држави и 50 проценти од само две држави - Бразил и САД, кои се најпогодени земји од пандемијата, а претседателот Доналд Трамп е чест критичар на СЗО.
„Во блиска иднина, нема да има враќање во старата нормала. Останува уште многу за што да се грижиме“, предупредува Тедрос.
Шефот за вонредни состојби на СЗО, Мајк Рајан изјави дека нивниот тим пристигнал во Кина за да го испита потеклото на вирусот и во моментов се наоѓаат во карантин, стандардна процедура, по што ќе започнат да работат со кинеските научници.
Тедрос откри дека СЗО сè уште нема добиено официјално американско барање да се повлече од таа организација, како што објави Трамп. Американскиот претседател смета дека на почетокот на кризата СЗО отишла на помош на Кина, каде е забележан првиот случај на инфекцијата.
Трамп, кој за време на викендот за прв пат е виден во јавноста со заштитна маска, честопати е мна удар на критичарите кои сметаат дека тој не ја сфаќа пандемијата доволно сериозно, што републиканецот го отфрла.