Светски ден на физичката активност

Промовирање на физичката активност и нејзината улога во одржување добра здравствена состојба, е целта на Светскиот ден на физичката активност што се одбележува денеска.

Апели за редовна физичка активност по тој повод упати Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) укажувајќи на придобивките.

- Физичката активност е дефинирана како „секое телесно движење произведено од мускулно-скелетниот апарат, кое троши енергија“ и е важно за подобрување и одржување на општата здравствена состојба на секој поединец. Физичката активност е битна за многу форми на управување со болката. Повеќето упатства за акутна мускулно-скелетна болка се фокусираат на совети за зголемување на физичката активност. Најефективните третмани за постојаната мускулно-скелетна болка се однесуваат на физичката активност или онаму каде што таа е доминантна компонента - на пример, аеробни вежби, или каде што има поголема употреба на психолошки принципи. Неколку биолошки механизми може да бидат одговорни за тоа, како физичката активност може да ја намали болката, или да спречи повторување на болка. На пример, рутинската физичка активност може да го подобри составот на телото, преку намалени маснотии во пределот на стомакот и поголема контрола врз телесната тежина, појаснуваат од ИЈЗ.

Како што нагласуваат од Институтот, активниот начин на живот ги зголемува силата, флексибилноста и аеробната кондиција, учествува во намалување на системското воспаление - на пример намалување на циркулирачките воспалителни медијатори како што е Ц-реактивниот протеин.

- Може да ги подобри психолошката благосостојба - преку намалување на стрес, анксиозност и на депресија, како и квалитетот на сонот. Исто така, може да ја подобри самоефикасноста, по пат на управување на болката и зголемување на способноста за движење, додаваат од ИЈЗ.

Но, постојат и митови околу физичката активност и болката.

- Вообичаено, луѓето веруваат дека движењето е опасно кога некој има болка и треба да чекаат болката да се намали пред да се активираат. Овие митови треба да се отфрлат и да се поттикнат луѓето што побрзо да се вратат на физичката активност. За намалување на болката, ниту еден вид физичка активност не е посупериорен во однос на друг. На пример, пешачењето, возењето велосипед, јогата и така натаму, имаат слични ефекти врз нивото на болката и инвалидитетот. Клучниот фактор е придржувањето - па затоа е многу важно секој поединец да избере активност во која ужива. Секаков вид физичка активност е корисно, но, таа не е широко прифатена во нега на клиничката болка, истакнуваат од ИЈЗ.

Оттаму додаваат дека кампањата „Во движење“ (On the move), на Европската федерација за болка, има широка примена и е преведена на повеќе од 10 јазици, со цел да им укаже на луѓето, за важноста на редовната физичка активност.

Светскиот ден на физичката активнсот првпат е одбележан во 2002 година од Светската здравствена организација (СЗО), со цел да се подигне свеста за придобивките од физичката активност за севкупното здравје и да се охрабрат луѓето да усвојат поактивен начин на живот.

Шоу во тајванскиот парламент- пратеник го украде законот, сите го бркаат, снимката е хит(ВИДЕО)

Тајвански пратеник стана хит на социјалните мрежи откако се обиде да го спречи усвојувањето на закон на бизарен начин: го грабна законот и истрча од Претставничкиот дом.

Инцидентот се случил денеска, непосредно пред новоизбраниот претседател Лаи Чинг-те да ја преземе функцијата, пренесе Јутарњи лист.

Утринската седница веќе била напната, пратениците викаа и се туркаа, уште пред да се донесе законот. Ситуацијата ескалирала кога пратеникот, кој го добил прекарот „Бил бандит“ го грабнал законот и истрчал кон излезот, додека останатите го бркале.

Видеото споделено на социјалната мрежа Х, собра повеќе од девет милиони прегледи, а во коментарите има и шеги на сметка на пратеникот.

„Тој ги зеде работите во свои раце! Вакви ситуации гледаме само во филмовите“, напишал еден во коментар, додека други шпекулираат дека Тајван ги произведува повеќето компјутерски чипови во светот, но судејќи според видеото, можеби немаат фотокопири.

Европска пчеларска асоцијација: На пазарот од 46 до 88% од медот е фалсификат

Европскиот пазар е преплавен со лажен мед, а во зависност од државите, тие сочинуваат од 46 до дури 88 отсто од продадениот мед.

Ова алармантно предупредување го издаде Европската пчеларска асоцијација по повод Светскиот ден на пчелите, 20 мај, во која се наведува дека се одбележува во „најтешкото време за пчеларството овој век“.

- Пазарот на мед е преплавен со фалсификати од 46% до 88%, во зависност од која држава во Европа доаѓа. Потрошувачите имаат сѐ помалку можност да добијат вистински мед, а пчеларите имаат сѐ помалку можност да ги пласираат добиените пчелни производи поради ваквата нелојална конкуренција. Во некои региони пчеларите веќе масовно го напуштаат пчеларството поради неподносливата финансиска состојба. Се плашиме дека тоа нема да стане генерален тренд доколку итно не се промени моменталната состојба. Откажувањето на пчеларите од пчеларството доведува до непроценливи штети на приносите во земјоделството. Затоа што нема пчели без пчелари. Поради климатските промени пчелите не можат сами да преживеат – пишува во соопштението објавено на сајтот на Европската пчеларска асоцијација.

Од ова здружение предупредуваат дека мора итно да се работи на отстранување на фалсификуваниот мед од пазарот.

- На потрошувачите на мед мора да им се обезбеди вистински пчелен мед со сите придобивки што ги носи за виталноста и здравјето на луѓето. Фалсификатите се само шеќер и ништо друго, дури можат да содржат и материи штетни за здравјето - нагласуваат во Европската пчеларска асоцијација.

Посочуваат и дека потрошувачите имаат највисока гаранција за квалитет кога медот го купуваат директно од пчеларите од нивниот крај, а доколку го купат во продавница треба да внимаваат на земјата на потекло.

На сајтот на Европската пчеларска асоцијација пишува дека лажниот мед може да содржи неколку штетни материи опасни по здравјето на луѓето.

- Фалсификуваниот мед може да содржи дури и натриум хидроксид (каустична сода), вештачки ензими (кои се додаваат и во таканаречениот вегански „мед“ кој всушност не постои, бидејќи нема мед без пчели), вештачки вкусови, вештачки бои и ниско квалитетни шеќери, кои се додаваат при фалсификување и можат да претставуваат ризик за здравјето на луѓето. Во ваквиот лажен мед нема ни најмала биолошка вредност што пчелниот мед му ја дава на човечкото тело – пишува на веб-страницата на Европската пчеларска асоцијација.

Авион со запален мотор принудно слета во Индија- 179 патници и екипажот во шок (ВИДЕО)

Авион на „Ер Индија“ со 179 патници и членови на екипажот принудно слетал откако избувнал пожар во еден од моторите на авионот.

Како што објави „Дејлимејл“, се работи за лет од Бангалор до Кочи, а инцидентот се случил минатиот викенд.

Набрзо по полетувањето избувнал пожар на еден од моторите на авионот. Чудо е што никој не е повреден при овој инцидент. За проблемот била известена контролата на летање, била издадена тревога и пожарот бил изгаснат 20-тина минути по неговото избувнување.

На социјалните мрежи е објавен клип снимен од еден од патниците во авионот, кој седел на десната страна. Во позадина се слушаат гласовите на преплашените патници.

„Ве молам, останете на вашите места. Сè е под контрола“, се слуша преку системот за јавно обраќање откако некои од преплашените патници се обиделе да го напуштат запалениот авион.

Набрзо бил активиран и воден топ, кој брзо го изгаснал пожарот.

"Сите бевме исплашени. Плачевме. Персоналот беше професионален, ни помогна и бевме безбедни за една минута. Многу сме им благодарни", рекол еден неименуван патник.

Во соопштението на „Ер Индија“ се наведува дека пожарот го зафатил десниот мотор на авионот, поради што е извршено итно слетување, при што соодветните служби за итни случаи го изгаснале пожарот и ги евакуирале патниците:

„Жалиме за предизвиканите непријатности и работиме на алтернативни аранжмани за нашите клиенти што поскоро да стигнат до својата дестинација“, се вели во соопштението.

притисни ентер