Судот издаде налог за апсење на поранешниот претседател на Боливија- бил во врска со девојче

Боливискиот суд денеска издаде налог за апсење на поранешниот претседател на земјата, Ево Моралес, откако тој не се појави пред суд поради наводна врска со малолетничка и трговија со луѓе.

„Издадена е потерница за негов претрес и апсење“, рече судијата Нелсон Рокабадо, пренесе Гардијан.

Обвинителите поднесоа обвинение против Моралес во средината на декември, на што тој одговори тврдејќи дека тоа е стратегија за блокирање на неговата претседателска кандидатура, наведувајќи дека тој е „жртва на брутална судска војна“ организирана од Луис Арсе, актуелниот претседател на Боливија.

Моралес беше претседател на Боливија од 2006 до 2019 година и е првиот претседател на земјата што ги претставуваше домородните народи.

За време на мандатот на Моралес, Боливија доживеа период на економски напредок и намалување на сиромаштијата. Во 2019 година се кандидираше за трет последователен мандат, што е спротивно на Уставот, а тоа предизвика масовни протести.

Под притисок на војската, Моралес поднесе оставка и побегна од земјата. Иако Врховниот суд на Боливија пресуди дека Моралес не може да се кандидира на изборите во август 2025 година, Моралес инсистира дека тој ќе се кандидира.

Средба на министерката Божиновска со претставници на ММФ

Средба на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ)

Тековните економски состојби и идните проекции во енергетскиот сектор на земјава беа тема на дискусија на денешната средба на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводени од шефицата на мисијата, Анет Кјобе.

На средбата, како што информираат од Кабинетот на Божиновска, министерката ја истакна важноста на соработката со меѓународните финансиски институции во процесот на енергетска транзиција и ги истакна напорите на Министерството во спроведувањето на реформите насочени кон одржлив развој на енергетиката, зголемување на енергетската ефикасност и промоција на обновливите извори на енергија, како што е Ветерниот парк Богданци, кој обезбедува значителен дел од зелената енергија во земјата, се пример за успешна имплементација на обновливи извори. Таа нагласи дека овие активности се клучни за економскиот раст и стабилност на земјата.

Шефот на мисијата на ММФ, Анет Кјобе, ја пофали посветеноста на Министерството во спроведувањето на енергетските реформи и изрази поддршка за понатамошните активности. Таа истакна дека ММФ ќе продолжи да ја поддржува земјава во нејзините напори за постигнување одржлив економски развој.

Двете страни се согласија дека зајакнувањето на билатералната соработка и координацијата меѓу институциите е клучно за успешно справување со енергетските предизвици и постигнување на стратешките цели во оваа област.

Рубио им се заблагодари на ОАЕ за „силните и трајни односи“

Рубио денеска во разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати шеикот Мохамед бин Зајед ал-Нахјан се заблагодари на таа држава за „силните и трајни односи“.

Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска во разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати шеикот Мохамед бин Зајед ал-Нахјан се заблагодари на таа држава за „силните и трајни односи“ обележани со силни економски врски, соработка во областа на одбраната и заедничките интереси на полето на регионалната стабилност, соопшти денеска портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус.

Темите на состанокот ги вклучувале вештачката интелигенција, Појасот Газа, Сирија, Либан и Црвеното Море, кое беше место на напади на јеменските бунтовници Хути додека не беше постигнато примирје во Газа, додаде Брус.

Засега нема официјални изјави од ОАЕ, за што разговарале на средбата Рубио, шеикот Мохамед и шеикот Абдула бин Зајед ал Нахјан, министер за надворешни работи на ОАЕ. /MИА

СЗО: Масовната вакцинација на децата во Газа против детска парализа ќе продолжи во сабота

Светската здравствена организација (СЗО) денеска објави дека во сабота ќе продолжи масовна кампања за вакцинација против детска парализа во Појасот Газа, со цел да се вакцинираат повеќе од половина милион деца.

„Сегашната средина во Газа, вклучително и пренатрупаноста во засолништата и сериозно оштетената водоводна и санитарна инфраструктура и инфраструктурата за одржување хигиена, што го олеснува фекално-оралниот пренос, создава идеални услови за понатамошно ширење на полиовирусот“, се вели во соопштението на СЗО.

Се додава дека големите движења на населението поради сегашниот прекин на огнот најверојатно ќе го влошат ширењето на инфекцијата со полиовирусот.

Детската парализа е многу заразна вирусна болест која примарно ги погодува децата на возраст под пет години и може да предизвика неповратна парализа на екстремитетите.

Вирусот, категоризиран како тип еден, тип два и тип три, се шири преку контаминирана вода или храна и го напаѓа нервниот систем. /МИА

притисни ентер