Субвенции од државата за плати досега побарале 12.380 компании

За мерката за финансиска поддршка за исплата на плати за април и мај во износ од најмногу 14.500 денари за која аплицирањето почна на 1 мај досега во Управата за јавни приходи (УЈП)  се пристигнати над 12.380 апликации. 

Тоа е охрабрувачка бројка ако се знае дека до крајот на рокот остануваат уште три дена. Се очекува дека за мерката ќе аплицираат голем процент од компаниите што ги исполнуваат условите, рече денеска на прес-конференција Фатмир Битиќи, советник на премиерот.

Тој ги повика сите компании што се уште не аплицирале да го направат тоа што побргу преку системот за е-даноци на УЈП. Апликациите за користење субвенции за април треба да се достават најдоцна до 7 мај.

Како што потецира Битиќи, Уредбата за финансиска поддршка за исплата на платите овозможи компаниите коишто од 11 март до крајот на април отпуштиле одреден број работници сега да можат да ги вратат и на тој начин да ги искористат придобивките од оваа мерка. Тоа, потецираше, им дава голема шанса на работниците што во првиот налет на кризата ги изгубија работните места повторно да се вратат на нивните работни позиции.

-Станува збор за околу 2 000 работници во март и околу 7 000 работници во април. Тоа е апсолутно далеку од бројката од 100 илјади изгубени работни места со која што ВМРО-ДПМНЕ манипулира и ја дезинформира јавноста со намера да даде лажна слика за бројот на отпуштени работници, нагласи Битиќи.

Претставувајќи ги досегашните ефекти од бескаматните кредити за помиш на стопанството од државата соопшти дека со линијата Ковид 1 досега се одобрени 631 кредитна апликација за исто толку компании со 5 588 вработени. По структура од вкупно одобрените кредитни апликации микро компаниите до 10 вработени учествуваат со 76 отсто, малите компании до 50 вработени со 22 отсто, а средните компании до 250 вработени со еден отсто. За втората линија бескаматни кредити Ковид 2 заклучно со вчера се примени 1.260 апликации. Повикот е објавен на 29 април, а ќе трае до 12 мај 2020 година. Ги повика компаниите да аплицираат и за овие, како што нагласи, поволни кредити за поддршка на нивната ликвидност.

Како што најави Битиќи, наскоро преку комерцијалните банки ќе биде пласирана и линија со исклучително поволни кредити во износ од 51 милион евра.

-Економските политики на Македонија во последните три години покажаа дека мерките носеле и ќе носат резултати. За тоа зборуваат и проекциите на Светска банка, според кои се проценува дека Македонија најдобро ќе се справи со економскиот удар од кризата од сите земји во регионот, рече Битиќи.

Меѓу мерките што ги презела Владата за помош на стопанството ги наброја и повратот на ДДВ, по којоснов, како што рече, од почетокот на годината заклучно со април фирмите добиле 145 милиони евра, за 16,7 отсто повеќе во однос на претходната година. Само за април повратот на ДДВ кон компаниите е 38 милиони евра или за 23 отсто повеќе во однос на истиот месец лани. Во однос на 2018 година повратот на ДДВ за периодот јануари – април е зголемен за 19,4 отсто, додека во однос на 2017 година за високи 67,6 отсто повеќе.

Битиќи укажа дека со владината Уредба со законска сила за примена на Законот за данокот на личен доход за време на вонредна состојба се предвидува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход за месеци март, април и мај година. Заедно со поволностите од Уредбата која обезбедува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данок на добивка за март, април и мај 2020 година придобивките од тие две уредби ги искористиле околу 1.200 компании.

Од носењето на првата Уредба со законска сила за Законот за социјална заштита, пак, од 3 април во центрите за социјална работа има 970 нови барања за остварување на правото на гарантирана минимална помош и тие, потенцира Битиќи, се решаваат тековно.

-Во тек се преговори со СБ за нов проект за брзо дејствување против последиците од кризата Ковид 19. Проектот е во износ од 90 милиони евра и се состои од две компоненти. Првата компонента се однесува на зајакнување на здравствените капацитети, а втората компонента е за поддршка на домаќинствата и се однесува на обезбедување поддршка за трансфери за ранливи домаќинства погодени од коронавирусот и паричен надоместок за оние што ги изгубиле работните места како резултат на кризата. За дополнителна поддршка на ранливите семејства е и мерката со која околу 30 илјади домаќинства корисници на социјална помош добиваат по илјада денари енергетски додаток, освен за април и мај се до септември, односно и надвор од грејната сезона, рече Битиќи.

Зградата на Еврокомисијата осветлена во чест на 20-годишнината од големото проширување на ЕУ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пак, потенцира дека со одбележувањето на 20 години од зголемувањето на европското семејство, ЕУ слави и две децении единство и напредок. 

Палатата „Берлемон“ во Брисел во која се наоѓа седиштето на Европската комисија минатата ноќ беше осветлена во чест на 20-годишнината од т.н. големо проширување на ЕУ, кога на 1 мај 2004 година во членство во Унијата беа примени 10 земји од Источна Европа.

- Со проширувањето во 2004 година, ЕУ стана поголем политички, економски и културен ентитет, создавајќи повеќе можности за граѓаните низ нашата Унија, наведе Европската комисија во објава на Икс.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пак, потенцира дека со одбележувањето на 20 години од зголемувањето на европското семејство, ЕУ слави и две децении единство и напредок.

- Историското проширување во 2004 година донесе нови можности и поголем просперитет за граѓаните низ нашата Унија, објави Фон дер Лајен на Икс.

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел пак оцени дека со проширувањето во 2004 година го означи и повторното обединување на поделениот континент.

На 1 мај 2004 година во членство во ЕУ беа примени Естонија, Кипар, Малта, Летонија, Литванија, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка, со што Унијата од дотогашните 15 се зголеми на 25 члена, поради што приемот на овие 10 членки уште се нарекува и големо проширување. /МИА

Првомајски штрајк и протести во Грција

Денешниот штрајк го организираат синдикатите на вработените во приватниот и државниот сектор и синдикатот на Комунистичката партија, а учествуваат и Здруженијата на новинарите.

Најголемите грчки синдикати денеска закажаа штрајк и протести за одбележување на Денот на трудот, иако официјално со министерска одлука првомајскиот празник е поместен за следниот вторник поради Велигден, јави дописничката на МИА од Атина.

Денешниот штрајк го организираат синдикатите на вработените во приватниот и државниот сектор и синдикатот на Комунистичката партија, а учествуваат и Здруженијата на новинарите, со што Грција од пет часот утрово ќе биде без вести и информативни емисии.

Штрајкот ќе создаде проблеми и во поморскиот сообраќај во земјата, со оглед на тоа што бродовите 24 часа ќе останат закотвени на пристаништата.

Возовите ќе сообраќаат со намален возен ред, а проблеми ќе има и во јавниот превоз во Атина, бидејќи автобусите, тролејбусите, трамвајот и метрото ќе имаат неколкучасовни прекини на работата.

Паралелно, синдикатите закажаа и протести во Атина, традиционално, како и секоја година за одбележување на Денот на трудот. /МИА

Шмит: Силна економија е можна само со социјална заштита и работнички права

Првомајска порака на еврокомесарот Шмит.

На 1 мај кога го славиме Меѓународниот ден на трудот, размислуваме за напредокот што ЕУ го постигна во текот на изминатата година во унапредувањето на правата и можностите на работниците во Европа, наведува еврокомесарот за работни места и социјални права Николас Шмит во пораката по повод Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај.

- Европската година на вештини поттикна револуција во вештините, привлекувајќи го вниманието на креаторите на политики, компаниите и поединците кон важноста од континуирана обука за да се задоволат потребите на пазарот на трудот во ЕУ кој е во развој. Преку иницијативи. како Пактот за вештини, кој обезбеди обука за 3,5 милиони работници само во 2022-2023 година, градиме партнерства за инвестирање во работната сила за иднината. Како што Европската година на вештини официјално го се приближува до својот крај, мораме да го задржиме вниманието на вештините, наведува Шмит.

Еврокмесарот натаму се осврнува на новите правила на ЕУ со кои се отвора простор за подобрување на работните услови, заштита на работничките права, гарантирањето на социјалната заштита или можносите за стажирање на младите.

- Земјите членки бележат напредок во спроведувањето на Директивата за соодветни минимални плати, чиј краен рок за имплементација е ноември оваа година, наведува Шмит, потсетувајќи дека ЕК започна и косултација со социјалните партнери за регулирање на онлајн работењето, со цел да се обезбеди рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот и да се гарантира заштита на менталната и физичката благосостојба на работниците.

Шмит натаму во пораката потенцира дека клучна карактеристика на европската социјална пазарна економија е социјалниот дијалог, во чии рамки е ревидирана директивата на Европскиот совет за работа со што се зголемува улогата на работниците во процесот на консултации за значајни одлуки и е изработен Акциски за справување со недостигот на работна сила и стручно оспособени работници.

- Силна, флексибилна и конкурентна економија е можна само кога е придружена со силна социјална заштита и вклученост. Во текот на изминатите пет години, за време на мандатот на оваа Комисија, ние систематски ги вклучивме работничките права, правичноста и социјалната димензија во сите политики на ЕУ. Иако останува да се направи уште повеќе, можеме да бидеме горди на напредокот што го постигнавме. На сите Ви посакувам се најдобро на овој Ден на трудот, додава Шмит во пораката по повод 1 Мај. /МИА

притисни ентер