Стојаноска: Македонија на дното на листите според проценката за закрепнување од корона вирусот

Состојбата со корона вирусот наметнува многу прашања, но и дилеми. И, наместо соодветно и навремено справување со ситуацијата, гледаме само задоцнети мерки. 

А, од самиот почеток, уште кога се појави првиот случај на корона вирусот во Македонија, кон крајот на февруари, ВМРО-ДПМНЕ излезе со конкретни мерки кои требаше да се преземат. Предложените мерки се презедоа, но со многу доцнење. А, за тоа цената е висока. Има жртви, а економијата тоне.

Македонија се наоѓа на дното на листите, според проценката за закрепнување од корона вирусот.

Меѓународната ФМ Глобал ја направи можеби првата проценка за тоа, како може да изгледа закрепнувањето на државите, откако вирусот ќе се повлече. Едноставно, процени кои се државите што ќе може полесно да дишат.

Анализирани се и има оценки за 130 земји. На врвот на листата се Данска и Норвешка или тие најбрзо ќе закрепнат.

Македонија е на дното. Таа се наоѓа на 100-тата позиција. Пред нас се сите земји во регионот, Хрватска е на 37-то место, Словенија на 42-то, Србија на 63-то и Босна и Херцеговина на 70-то место.

За појаснување, која земја како ќе закрепнува, се земаат предвид фактори како: политичка стабилност, корпоративно управување, ризик на животната средина, логистика на синџирот на снабдување и транспарентност.

Стигна првата потврда за она што го говори ВМРО-ДПМНЕ: дека ако не се преземат соодветни мерки и навремено, последиците ќе се големи. Сите во регионот економски ќе закрепуваат побрзо од нас. Свестете се, кај нас тешкото допрва претстои.

Деновиве сме сведоци и на несоодветен одговор и за медицинските теми.

И додека министерот за здравство, Венко Филипче вели дека дел од пациентите треба и може да се лекуваат во домашни услови, има случаи кога тие починуваат на пат до болница.

Филипче вели дека има доволно тестирања и резултати навреме, но има случаи кога пациенти умираат чекајќи резултати.

На забелешките пак дека прашањата од епидемиолошката анкета веќе се несоодветни, затоа што вирусот сега се пренесува локално, Филипче вели соодветни се.

И да, додека медицинските работници молат за помош, молат за соодветна и доволно опрема, министерот Филипче на средбата во Куманово секако, со соодветна маска. За останатите доволна е онаа хируршката маска која не штити доволно или е ефикасна кратко време, само час до два најмногу.

Почитувани,

Медицинскиот кадар е десеткуван. Главниот удар допрва се очекува. Сега е време да се заштитат медицинските работници.

Сега е време да се преземат соодветни мерки за економијата. Македонија се наоѓа на дното на листите според проценката за закрепнување од корона вирусот.

Нема време за чекање!

Доста доцневте со мерките! Ако треба помош, ВМРО-ДПМНЕ е тука.

Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

Меси заработува повеќе од сите негови соиграчи заедно

Годишната плата на Лионел Меси во Интер Мајами е 20,4 милиони долари, убедливо највисока во фудбалската лига, според податоците објавени во четвртокот од Здружението на играчи на МЛС.

Всушност, само три од преостанатите 28 тима во американското првенство трошат повеќе пари вкупно за плати отколку што Интер троши за осумкратниот освојувач на Златната топка.

Целата сметка за плати на Интер Мајами е 41,7 милиони долари, што значи дека 36-годишниот Аргентинец заработува повеќе од сите негови соиграчи заедно. Поранешниот соиграч на Меси во Барселона, Серхио Бускетс е вториот најплатен соиграч со по 8,7 милиони долари, додека Жорди Алба и Луис Суарез заработуваат по 1,5 милиони долари по сезона.

Трите клуба кои имаат поголем буџет за плата од платата на Меси се Торонто, Чикаго Фајр и Нешвил. За надомест во Торонто одвојуваат 31,4 милиони долари, во Чикаго - 25,1 милиони и во Нешвил - 21,4 милиони.

Најмал буџет е тој на Сент Луис со 12 милиони долари, додека Солт Лејк и Сан Хозе трошат по 13,6 милиони долари на своите играчи.

Според податоците на Здружението на играчи на МЛС, јасно е дека втора најголема плата по Меси е играчот од средниот ред на Торонто, Лоренцо Инсиње, кој добива 15,4 милиони долари годишно. Трет е Бускетс, а веднаш по него Швајцарецот Џердан Шаќири. Во Чикаго добива 8,15 милиони долари.

Топ 5 го затвора бекот на Остин, Себастијан Дриуси со 6,72 милиони долари. /МИА

Мицотакис: Без почитување на Договорот од Преспа, патот кон Европа ќе остане затворен

 Патот до Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да се ратификуваат во Парламентот, доколку од другата страна нема целосно почитување на Договорот од Преспа.

Патот до Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да се ратификуваат во Парламентот, доколку од другата страна нема целосно почитување на Договорот од Преспа, порача денеска грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Говорејќи пред граѓаните во грчкиот град Верија во северниот дел на Грција, Мицотакис се осврна и на односите со нашата земја, повторувајќи го ставот на Нова демократија за Договорот од Преспа и уште еднаш посочувајќи дека усогласувањето е неопходен услов како за европската перспектива, така и за ратификација на меморандумите за соработка.

- Би сакал од овде, од срцето на Македонија да сум целосно јасен. Нова демократија не го гласаше Договорот од Преспа и изразивме сериозни приговори кога се ратификуваше во грчкиот Парламент. Но, рековме со апсолутна искреност, никогаш не ве измамив, дека штом се изгласа овој Договор, практично не може да се смени и ќе бидеме принудени, и покрај проблемите што ги има, да го почитуваме. И ова го сторивме. Ако некои веруваат дека може од нивна страна да не го почитуваат Договорот, да знаат две работи: прво нивниот пат кон Европа ќе остане затворен и второ, меморандумите што треба да ги ратификуваме, нема да се ратификуваат, сè додека нема апсолутното усогласување. Апсолутно усогласување од новата Влада согласно она што го предвидува Договорот, рече Мицотакис, пренесе МИА.

Во Кавадарци работилница „Соработка на локалната самоуправа со народниот правобранител“

Во Кавадарци работилница „Соработката на локалната самоуправа со народниот правобранител и придобивките од децентрализација за граѓаните".

„Соработката на локалната самоуправа со народниот правобранител и придобивките од децентрализација за граѓаните" е темата на работилницата што денеска се реализира во просторите на Општина Кавадарци. Работилницата е во организација на канцеларијата на Народниот правобранител и е дел од проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.

Народниот правобранител Насер Зибери, рече дека соработката на релација народен правобранител - локална власт е од суштинско значење и игра голема улога, пред се во остварувањето на ефикасна заштита на правата на граѓаните. Таа е, нагласи, од суштинско значење и затоа што токму голем број на ингеренции во сферата на урбанизмот, а кои значат создавање на претпоставки за хуман живот, уредување на просторот, живот во чиста животна средина, управување со отпадот, потоа процесот на образованието, како значајна алка во развојот на децата и низа други работи, се во ингеренции на локалните власти.

- Сосема сум свесен за потешкотиите со кои се соочуват најголемиот број на општини како немањето на доволно средства, но и кадар за справување со проблемите кои ги имаат граѓаните на локално ниво, затоа низ овие средби сакаме да поттикнеме дебата и да утврдиме кои се слабостите и како истите може да ce надминат, ce со цел децентрализацијата навистина да ги даде очекуваните резултати, а со тоа граѓаните да добијат администрација која ќе биде нивен вистински сервис. Како потврда на ова што го кажав се и дел од препораките на народниот правобранител дадени во извештајот за 2022 и 2023 година, истакна тој.

Притоа посочи дека вo делот урбанизам, народниот правобранител препорачува локалните власти благовремено да започнуваат постапка за вработување на градежни инспектори, затоа што практиката за склучување на меѓуопштински договор за соработка во оваа област, се покажала како нецелосно ефикасна и недоволна, за да овозможи професионален одговор на потребите на граѓаните од две општини.

Народниот правобранител, подвлече, исто така препорачува, локалните власти да ангажираат поголем број на човечки ресурси кои ќе работат на предметите за добивање на правен статус на бесправно изградени објекти, затоа што неприфатливо e се уште да има нерешени предмети од 2011 година, имајќи предвид дека законскиот рок за конечно завршување на овој процес изминува за три години.

Во делот животна средина, народниот правобранител препорачува локалните власти, најпрво и веднаш, да преземат ефикасни дејствија во насока на вработувања на доволен број овластени инспектори за животна средина, а стратегиите, акциските планови и програми, кои ги носат за зачувување на здрава животна средина на нивните територии, да започнат фактички и да ги реализираат.

- Што однесува до соработката на народниот правобранител и Општина Кавадарци, со задоволство можам да кажам дека е на високо професионално ниво, поради што оваа Општина е позитивен пример на соработка помеѓу институцијата и локалната власт. Во 2023 година од граѓаните на општина Кавадарци имаше 30 претставки од скоро сите области, од урбанизам, детски права, правосудство, работни односи, полициски овластувања, финансии и така натаму, а во првите четири месеци од оваа година има 17 претставки, доминираат тие од областа граѓански состојби, но се разбира има и од другите области, рече Зибери.

Во изјава за медиумите, тој ги пофали транспарентноста и отчетноста во Кавадарци и го истакна податокот што беше посочен на работилницата, дека од 15 илјади предмети во врска со постапување со бесправно изградени објекти во општината, 14.500 се веќе решени позитивно а останатите се во постапка. И тоа во постапка не поради непостапување на службите, туку поради проблеми во имотно - правните односи на подносители на барања. Тој ги пофали и податоците во областа детски права и образование, лица со попреченост.

Градоначалникот на Општината Кавадарци, Митко Јанчев ја поздрави соработката со канцеларијата на народниот правобранител и нагласи дека секогаш и редовно одговараат на евентуални претставки од граѓани, изнаоѓајќи решенија за евентуални проблеми.

Во дискусијата се вклучија и претставници од невлaдиниот сектор.

притисни ентер