Мицотакис: Без почитување на Договорот од Преспа, патот кон Европа ќе остане затворен

 Патот до Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да се ратификуваат во Парламентот, доколку од другата страна нема целосно почитување на Договорот од Преспа.

Патот до Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да се ратификуваат во Парламентот, доколку од другата страна нема целосно почитување на Договорот од Преспа, порача денеска грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Говорејќи пред граѓаните во грчкиот град Верија во северниот дел на Грција, Мицотакис се осврна и на односите со нашата земја, повторувајќи го ставот на Нова демократија за Договорот од Преспа и уште еднаш посочувајќи дека усогласувањето е неопходен услов како за европската перспектива, така и за ратификација на меморандумите за соработка.

- Би сакал од овде, од срцето на Македонија да сум целосно јасен. Нова демократија не го гласаше Договорот од Преспа и изразивме сериозни приговори кога се ратификуваше во грчкиот Парламент. Но, рековме со апсолутна искреност, никогаш не ве измамив, дека штом се изгласа овој Договор, практично не може да се смени и ќе бидеме принудени, и покрај проблемите што ги има, да го почитуваме. И ова го сторивме. Ако некои веруваат дека може од нивна страна да не го почитуваат Договорот, да знаат две работи: прво нивниот пат кон Европа ќе остане затворен и второ, меморандумите што треба да ги ратификуваме, нема да се ратификуваат, сè додека нема апсолутното усогласување. Апсолутно усогласување од новата Влада согласно она што го предвидува Договорот, рече Мицотакис, пренесе МИА.

Понеделник е неработен ден за сите во државава

Министерството за економија и труд им го честита празникот на граѓаните на Република Македонија кои го чествуваат и го слават патронот „Свети Климент Охридски“. 

Министерството за економија и труд денеска соопштува дека, согласно Законот за празниците на Република Македонија - „Службен весник на Република Македонија“, број 21/98 и 18/07, по повод празникот „Свети Климент Охридски“, 8 декември - недела, односно 9 декември - понеделник е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.

Министерството за економија и труд им го честита празникот на граѓаните на Република Македонија кои го чествуваат и го слават патронот „Свети Климент Охридски“.

Обвинетиот за убиство на брат и снаа во Стајковци осуден на дваесет години затвор

Основниот кривичен суд Скопје денеска изрече првостепена пресуда со која Љ.К. од Стајковци го огласи за виновен и го осуди на 20 години затвор за две кривични дела – убиство.

Како што соопштија од Јавното обвинителство, обвинетиот, според обвинението поднесено од Основното јавно обвинителство Скопје во јули годинава, на 14 мај 2024 година, на свиреп начин и при вршење семејно насилство, ги лишил од живот својот брат и снаата.

По вербална расправија, тој со метална шипка ја нападнал жената, нанесувајќи и тешки телесни повреди од кои таа починала на лице место. Потоа, барајќи клуч од гаражата од својот брат, и по неговото одбивање, го удрил со шипката повеќе пати во главата, нанесувајќи му смртоносни повреди.

Оваа пресуда следува по спроведена судска постапка и поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Скопје.

Љутков: Македонија е новиот претседавач со Советот на министри за култура на ЈИЕ

Македонија е новиот претседавач со Советот на министри за култура на ЈИЕ- јакнење на културата во функција на одржливиот равој

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска во Херцег Нови за време на состанокот на Советот на министри за култура на Југоисточна Европа-јакнење на културата во функција на одржливиот равој (КОМОКОСЕЕ), на кој нашата држава и официјално го презеде од Црна Гора претседавањето со ова тело, посочи дека има големи очекувања од регионалната соработка, за која верува дека ќе се продлабочи и ќе се интензивира следната година.

Нашата држава ќе претседава со ова тело во период од една година.

-Верувам дека во годината кога одбележуваме 20 години од потпишувањето на Повелбата на Советот на министри за култура од Југоисточна Европа, ќе успееме да ги завршиме преговорите за формирање на Фондот за културна соработка, за кој сме согласни дека ќе претставува уште еден механизам за зацврстување на регионалното поврзување преку нови идеи и решенија, со што ќе дадеме значаен придонес во обезбедувањето сигурен напредок на културата, порача Љутков.

Како што соопштија од Министерството за култура и туризам, претходно министрите за култура и шефовите на делегациите на земјите членки разговараа за зацврстување на соработката во култура и уметност за одржлив развој во време кога светот се соочува со сериозни предизвици.

Во годината кога се одбележува деценија од усвојувањето на Охридската регионална стратегија за културна соработка во ЈИЕ, Љутков, говорејќи за значењето на состанокот, во своето обраќање ја потенцираше улогата на културата во глобалните процеси, истакнувајќи ја потребата за унапредување на соработката и создавање нови можности преку нејзина интеграција во образовните системи.

-Во време кога светот се соочува со сериозни предизвици, постои потреба сите да работиме на создавање одржливи и инклузивни општества каде што културата ќе има клучна улога во глобалните процеси. Свесни сме за улогата на културата во меѓусебното разбирање и за тоа колку се мали разликите, а колку се големи сличностите меѓу нас, а сето тоа заедно создава простор за нови можности. Затоа, нашата посветеност и одговорност како министри за култура треба да биде во насока на интеграција на културата во образовните системи, односно да создадеме образовни програми кои не само што ќе ги промовираат културните вредности, туку ќе ги поттикнат младите да бидат консуматори на културата, но и нејзини активни креатори и промотори, рече Љутков.

Министерот информираше дека образованието за култура и уметност за одржлив развој во нашата земја добива сè поголемо значење, особено преку интегрирање на уметничките и културните активности во разни инцијативи, програми и проекти.

-Ние сме посветени на создавање нови можности за младите, поттикнувајќи иновации и интеграција на културните вредности во образованието. Во тој контекст, сакам да ги истакнам конкурсите на Министерството за поддршка на стручно усовршување на дефицитарни кадри во областа на културата, со кои ги стимулираме младите и придонесуваме за нивното образование во областите што се од особена важност за културата и уметноста, истакна Љутков.

Тој додаде дека со поддршка од Министерството, институциите од областа на културата континуирано организираат едукативни проекти за подигнување на свеста за важноста на културата и уметноста, а е подобрена и пристапноста и инклузијата на лицата со попреченост и на маргинализираните групи кон програмите и содржините во институциите.

На состанокот во Црна Гора министрите за култура и високите претставници на земјите од ЈИЕ ја усвоија и Декларацијата од Херцег Нови.

притисни ентер