Сто и осумнаесет години од загинувањето на Гоце Делчев

Во Македонија денеска се одбележуваат 118 години од смртта на револуционерот и борец за слобода Гоце Делчев.

Делегации на државни институции, здруженија и граѓани во чест и сеќавање на Делчев ќе положат цвеќе на неговиот гроб во црквата „Свети Спас" во Скопје.

Револуционерот Делчев на денешен ден во 1903 бил убиен од турската војска во селото Баница, на пат кон Сер.

Визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола.

Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.

По убиството во 1903-та, неговите посмртни останки се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас" во Скопје.

Од утре вицепремиерот Димитров на Делфи форумот во Грција

Вицепремиерот Димитров ќе учествува на две панел-дискусии.

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, на покана на основачот и претседателот на Delphi Economic Forum (DEF), утре и задутре ќе учествува на шестиот по ред Економски форум Делфи, кој што годинава поради пандемијата се одржува во Атина во периодот од 10 до15 мај, а под покровителство на Претседателката на Република Грција, Катерина Сакеларопулу.

Вицепремиерот Димитров ќе учествува на две панел-дискусии и тоа, утре 13 мај (четврт​ок) со почеток во 10:15 часот (по македонско време), заедно со кипарскиот МНР Христодулидес и грчкиот заменик МНР за ЕУ, Варвициотис, ќе се обрати на темата „Дипломатијата на малите држави во комплексниот поредок".

На 14 мај (петок) со почеток од 9:30 часот (по македонско време), вицепремиерот Димитров заедно со Еврокомесарот за добрососедска политика и проширување, Оливер Вархеји, ќе учествува на панелот посветен на ЕУ и Западниот Балкан, насловен „Остварување на долгоочекуваното ветување".

На маргините на Форумот, предвидено е вицепремиерот Димитров да оствари и повеќе билатерални средби, меѓу кои со МНР на Грција – Никос Дендиас, МНР на Кипар – Никос Христодулидес, специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград- Приштина, Мирослав Лајчак, како и со министерот за дигитализација на Грција - Кирјакос Пјеракакис. Димитров, како дел од делегацијата на Македонија предводена од премиерот Заев, ќе го придружува и на средбата со грчкиот премиер Мицотакис, како и други значајни средби од агендата на претседателот на Владата.

Целта на овој настан е преку обединување на светските лидери да се продлабочи разбирањето на меѓусебно зависните прашања и предизвици кои влијаат на глобалната заедница, Европската Унија, поширокиот Медитерански регион и на Југоисточна Европа, како и да се испорачаат и промовираат иновативни идеи за одржлив и конкурентен раст на Европа.

Билатерална средба на министерот Нуредини со неговиот грчки колега Скрекас

Една од главните теми за разговор беше алармантното ниво на водите во Преспанското Езеро за што беше договорена посебна трилатерална тематска средба на високо ниво помеѓу Република Албанија, Република Грција и Република Македонија,.

При посетата на министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на Атина, во рамки на Делфи Економик Форумот, тој оствари билатерална средба со неговиот грчки колега, министерот за животна средина и енергија на Република Грција, Костас Скрекас.

На средбата беа отворени клучните прашања од областа на животната средина од заеднички интерес, при што двајцата министри се заложија за посебна поддршка на општините во прекуграничниот регион за ефикасно искористување на прекуграничните ЕУ програми при аплицирање со конкретни заеднички проекти.

Една од главните теми за разговор беше алармантното ниво на водите во Преспанското Езеро за што беше договорена посебна трилатерална тематска средба на високо ниво помеѓу Република Албанија, Република Грција и Република Македонија, односно отпочнување на работата на Преспа Парк комитетот во средината на јуни. Номинираните лица од трите земји во работните групи на техничко ниво до тогаш ќе ги обезбедат потребните податоци за нивно разменување и анализа на планираната средба.

Покрај Преспанското Езеро, беше разговарано и за подобро заедничко управување со водите на Дојранското Езеро и унапредување на користењето на водите за земјоделските потреби, како и планираните заеднички проекти за реката Вардар.

Грчкиот Министер изрази подготвеност за поддршка во подготовката и хармонизацијата на нашето законодавство со барањата на ЕУ, како и остварување на заеднички проекти во областа на управувањето на отпадот и примена на принципот на циркуларност.

Ин Мемориам: Почина македонски композитор, аранжер и хармоникаш, Тодор Трајчевски

Oд компликации предизвикани од Ковид–19 почина познатиот македонски композитор, аранжер и хармоникаш, Тодор Трајчевски.

Трајчевски е роден 1954. година во Штип. Студирал на факултетот за музичка уметност во Скопје, се вработил во 1983 во Народниот оркестар на МРТ, а потоа станал и негов раководител во 1988 година.

Автор е на повеќе од 200 песни од различни жанрови, има над 400 аранжмани, како и на инструментални композиции за голем народен оркестар („Фолк загатка“, „Чие е она девојче“, „Изникна ми бадем дрво“,„Кинисала Роса“, „Повардарско оро“ и др.), инспирирани од фолклорното наследство на Македонија.

притисни ентер