Ставрески: Банките повеќе да го поддржат приватниот сектор

Банкарскиот сектор да даде поголема поддршка на приватните фирми, банките се стабилни и ликвидни и нема причина да не дојде до заздравување на кредитната активност, а особено, поголема поддршка треба да дадат неколкуте најголеми банки во земјата, порача вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешниот ФИНЕСКОП 2003 година.

- Порастот на кредитите од 4-5 проценти можеби не е доволен, но не е лош за оваа фаза, но еден од проблемите е што најголемите банки се со понизок раст од овој, а растот го генерираат главно средните банки во Македонија. Треба да се преиспитаат политиките на овие неколку најголеми банки и тие да дадат придонес за раст на приватниот сектор, рече Ставрески.

Според него, долгорочно и среднорочно треба да се избалансира економскиот раст со поголемо учество на приватниот сектор.

- Економскиот раст во услови на криза во Европа е таков каков што е, односно базира на глобални инвестиции и извоз од компании што работат во зоните, но долгорочно гледано потребно е поголема поддршка на банките на приватниот сектор, рече Ставрески.

Банкарскиот сектор годинава, како што оцени претседателот на Здружението на банкари при Стопанска комора на Македонија Ѓорѓи Јанчевски, добро се движи, има доволна ликвидност и за поддршка на проектите од фирмите и за купување на државни и благајнички записи.

- Воопшто не штети на кредитирањето на фирмите бидејќи има пари и за двете страни. Државата има една милијарда евра во државни записи и обврзници од кои 582 милиони се на банките. Тоа не пречи на кредитирањето на фирмите бидејќи има доволна ликвидност. Тие се краткорочни средства и може да се пренаменат доколку има добар проект, рече Јанчевски.

Посочи дека од јули има придвижување кај кредитирањето на фирмите. Вкупно кредитите бележат раст од 4 проценти, кај населението растот е 8 проценти, а кај претпријатијата 0,4 проценти.

Јанчевски очекува во следната година да се засили кредитната активност на банките. Смета дека во услови на рецесија не може банките да имаат засилена кредитна активност и оти е потребно циклусот да се сврти и банките понатаму ќе поддржуваат добри проекти. /Извор: МИА/

Кејн: Можеме да извлечеме многу позитивни елементи од ремито со Реал

Напаѓачот на Баерн, Хари Кејн се осврна на синоќешното реми со Реал Мадрид.

Баерн на домашен терен одигра 2:2 со фаворизираниот Реал во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите.

- Ова се големи натпревари. Атмосферата денеска беше неверојатна. Сигурен сум дека и следната недела ќе биде исто. Сакам да бидам дел од овие големи натпревари и нема ништо поубаво од тоа. Можеме да земеме многу позитиви работи од денешниот натпревар. Има неколку мали детали што треба да ги поправиме бидејќи се виде дека лесно можеме да бидеме казнети и за најмали грешки. Позитивниот став мора да го пренесеме и на реваншот, изјави Кејн.

Возвратниот натпревар ќе се игра на 8 мај на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид.

Во втората полуфинална пресметка на елитното фудбалско натпреварување ќе се соочат Борусија Дортмунд и Пари Сен-Жермен. Првиот натпревар се игра вечер од 21 часот во Дортмунд. /МИА

Народна банка: Да се провери дизајнот на предната и задната страна на евро монетата

Народна банка на Македонија посочува на разликите меѓу оригиналните и фалсификуваните евра за да се намали ризикот на нашите граѓани, кои патуваат во странство и кои можат да дојдат во контакт со фалсификувани ковани евра.

-Фалсификуваните евро монети можат лесно да се препознаат, доколку внимателно се провери дизајнот на предната и задната страна на монетата и нејзиниот раб: Дизајнот на фалсификуваните монети често изгледа заматен, со доста нерамнини и гребнатини, а формата им е неправилна. Натписите на рабовите на оригиналните евро монети се остри, заради полесно препознавање од лицата со оштетен вид, додека кај фалсификуваните се нејасни и непрепознатливи, а се разликува и растојанието помеѓу поединечните симболи и зборови, се вели во соопштението.

Преку употреба на магнет, наведуваат дека може релативно лесно и едноставно да се утврди фалсификувана кована пара.

- Централниот дел на монетите е изработен од посебен безбедносен материјал кој е поседува слаби магнетни својства, додека надворешниот прстен не поседува магнетни својства. За разлика од оригиналните, фалсификуваните монети имаат изразено силни магнетни својства или пак воопшто ги немаат, стои во соопштението од Народна банка.

Судири во Истанбул меѓу полицијата и демонстрантите кои го одбележуваат 1 Мај

Турската полиција интервенираше за да спречи групи кои сакаат да стигнат до плоштадот Таксим во Истанбул за да учествуваат во демонстрации по повод Меѓународниот ден на трудот, 1 Мај, кои се забранети од властите, објави турскиот весник „Хуриет“.

Дојде до судирите меѓу полицијата и демонстрантите и дел од нив се приведени.

Турските власти претходно оваа недела објавија дека ги забрануваат првомајските демонстрации на централниот плоштад Таксим во Истанбул и предупредија на планирани терористички напади во метрополата за празникот.

Во различни делови на Турција вчера беа приведени 58 осомничени откако беше утврдено дека учествувале во подготовка на провокации по повод Денот на трудот, а денеска следуваа серија нови апсења на 41 лице во акција против Исламската држава.

Во рамки на мерките за 1 мај, од утрото се затворени патиштата кон централниот истанбулски плоштад Таксим. Властите идентификуваа вкупно 40 места во Истанбул за одржување настани по повод Денот на трудот, чие обезбедување ќе го следат над 42.000 полицајци. /МИА

притисни ентер