Спасовски за акцијата во Крушопек: Важни се резулатите од акцијата, а сензационализмот не е основа за водење истраги

-Воопшто не е важно колку време, кога, во кое време се водела каква било истрага. 

Воопшто не е важно во кое време и колку време се водела каква било истрага, важен е кредибилитетот со кој се прави тоа и крајните резултати, а сензационализмот не е основа за водење истраги, порача денеска премиерот Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали во акцијата во Крушопек бил вклучен и негов тим додека тој беше министер за внатрешни работи.

-Воопшто не е важно колку време, кога, во кое време се водела каква било истрага. Важно е со каков кредибилитет тоа ќе се прави и да знаете дека сензационализмот не е основа за водење на истраги и спроведување на акции. Во секоја истрага мора да има сериозна кредибилност и кредибилитет и лична одговорност на оној кој раководи со органот во делот на истрагите. Врвен приоритет е да се заврши и тоа што сте го завршиле да го кажете пред јавноста. Не е важно веднаш во ист момент да излезете во јавноста и да кажете имам сензација, а со тоа да се загрози истрагата, рече денеска Спасовски, на заедничката прес-конференција со претседателот на парламентарната група „Renew Europe", Дациан Циолос.

Нагласи дека не смее и не треба во ниту еден момент истрагите да се водат во јавност и преку медиумите и додаде дека е потребно да завршат, да се обезбедат докази, а оние кои направиле кривично дело да завршат таму каде што им е местото.

Еден килограм запленет кокаин, кој бил дел од многу голема количина дрога, чија крајна дестинација била нашата земја, приведени четири лица, отворање финансиска истрага за правното лице во чии простории е пронајдена дрогата, истрага за евентуална вмешаност на други физички и правни лица, се резултатите од полициската акција во селото Крушопек во скопски Сарај.

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев вчера на серијата прашања од страна на новинарите на прес-конференцијата не откри за колкава количина дрога станува збор, ниту со кои други земји соработувале, во кој временски период се водела , а се, како што рече, во интерес на истрагата.

Медиуми од нашата држава, но и од Албанија, Србија, Словенија, Црна Гора излегоа со написи дека вкупно пратката содржела 1,3 тон кокаин, по потекло од Колумбија.

Чулев информира дека кокаинот е пронајден во магацин за овошје – банани на правното лице Банекс компани ДООЕЛ. Операцијата се спроведувала од 17 до 19 февруари, а Единицата за специјални операции вршела претреси во магацинот на Банекс компани ДООЕЛ, која во 120 наврати извршила увоз на овошје во најголем дел од Колумбија, а во помал обем и од Еквадор.

По објавата за заплената на еден килограм кокаин во скопското село Крушопек, скриен во пратка со банани од марката „Дерби", се огласи сопственикот на овој бренд, словенечката компанија „Растодер", која тврди дека била „цел на злоупотреба од страна на криминален картел".

Словенечките медиуми посочуваат дека кокаинот бил скриен меѓу банани увезени од Јужна Америка, чија крајна цел била Италија, но транзитирале преку неколку балкански земји. Агенцијата СТА наведува дека пратката со банани од Јужна Америка со брод стигнала во Црна Гора, од каде потоа дел биле пренесени во Албанија и Македонија, додавајќи дека крајна цел на откриената дрога во Крушопек бил нарко пазарот во земјава. Компанијата „Растодер" во својата реакција истакнува дека уапсените од страна на македонската полиција во врска со овој случај, не се поврзани со неа. /МИА

Бербок повика на брзо прифаќање во ЕУ на земјите кандидати за членство од Западен Балкан

Шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок повика на брзо прифаќање во Европската унија на земјите кандидати од Западен Балкан по повод прославата на 20-годишнината од проширувањето на Европската унија со десет земји во 2004 година.

-Политичките и географските „сиви зони“ на Балканот или во источниот дел на ЕУ се крајно опасни. Не можеме да си дозволиме такви „сиви зони“, бидејќи за (рускиот претседател Владимир) Путин тие се покана за интервенција, за дестабилизација, напиша Бербок во авторскиот текст објавен по повод годишнината.

ЕУ го заостри визниот режим со Етиопија поради „несоработка“ во реадмисијата на азиланти

Советот на ЕУ денеска реши времено да суспендира одредени одредби од одлуката со кој се регулира издавањето визи за државјаните на Етиопија.  

Со денешната одлука се укинува ослободувањето од обврската за поднесување на доказите што треба да ги достават апликантите за виза, се забранува издавањето на повеќекратни визи и се укинува ослободувањето од обврската за плаќање визната такса за имателите на дипломатски и службени пасоши.

Дополнително, како што јави дописникот на МИА од Брисел, рокот за одговор на поднесената апликација за виза се продолжува од досегашните 15 на 45 календарски дена.

Ваквата одлука на Советот на ЕУ е донесена врз основа на оценката на Еврокомисијата дека „соработката на Етиопија на полето на реадмисија на нејзините државјани кои илегално престојуваат во ЕУ е недоволна“.

Според ЕК, има недостиг на одговори од страна на етиопските власти во однос на барањата за реадмисија и постојат потешкотии со издавањето на итни патни документи и со организација на враќањето на одбиените баратели на азил.

Одлуката за суспензија е привремена, но нема конкретен краен рок на нејзината важност, туку тој ќе зависи од понатамошната оценка на Комисијата за постигнатиот напредок во соработката за реадмисија од страна на Етиопија.

Европската комисија редовно ја оценува соработката на трети земји во процесот на реадмисија на илегалните мигранти и одбиените баратели на азил. Врз основа на овие оценки, ЕК може да заклучи дека соработката на одредена трета земја при реадмисијата е „недоволна“ и може да ја суспендира одлуката за визна либерализација или да го заостри постојниот режим за издавање визи.

Во случајот на Етиопија, Еврокомисијата процени дека има „особено ниска стапка на реадмисија“ и се издадени мал бројот на патни документи врз основа на барањата за враќање на етиопските државјани во нивната матична земји, што во целост е оценето како „ниско ниво на соработка“. /МИА

Иран ги отфрли шпекулациите дека соработува со Северна Кореја во врска со нуклеарни прашања

Иранското Министерство за надворешни работи денеска по пристигнувањето на севернокорејската деловна делегација во Техеран, ги отфрли шпекулациите за соработка со Пјонгјанг во врска со нуклеарни прашања.

„Делегацијата, предводена од министерот за надворешни економски односи Јун Јонг Хо, отпатува во иранската престолнина минатата недела на економска конференција. Секоја поврзаност со соработка за нуклеарни прашања е „неоснована“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи, Насер Канаани.

Во Јужна Кореја имаше шпекулации дека за време на посетата може да се разговара за воена соработка меѓу Северна Кореја и Иран.

Двете земји - и двете се соочија со строги меѓународни санкции и изолација на дипломатската сцена поради нивните нуклеарни активности - постојано беа обвинувани за активна соработка, особено во областа на ракетната технологија.

Контроверзната иранска нуклеарна програма е предмет на обновен интерес во последните месеци по избувнувањето на војната во Газа. /МИА

притисни ентер