Состанок ФФМ - УЕФА поврзан со организацијата на Суперкупот 2017

Висока делегација на УЕФА од вторникот се наоѓа во официјална посета на Фудбалската федерација на Македонија поврзана со организацијата на УЕФА Супер Купот во Скопје, натпревар кој ќе се одигра помеѓу победникот на Лигата на Шампионите и Европа Лигата во 2017 година.

Во рамки на посетата денес беше одржан и состанок на кој присуствуваа генералниот секретар на ФФМ, менаџерот на ТАВ аеродромите и претставник на Националната Арена „Филип Втори“, под водство на раководителот на УЕФА секторот за организација на настани - Даниел Рибеиро. На состанокот беше објаснета рамката за планирање и организација на супер купот, како и временската рамка за имплементација на проектот.

- Ние веќе работиме на составување работна група во која ќе бидат вклучени претставници на ФФМ, Град Скопје, Национална Арена и Влада на Република Македонија. Сметаме дека овој натпревар е многу важен од аспект на унапредување на целокупната инфраструктура на Националната Арена од сите аспекти. Но она што е уште поважно како придобивка е фактот дека Скопје ќе биде на мапата на фудбалска Европа и ќе се зборува за нас во следните 23 месеци на подготовка. Наша главна цел е да покажеме и докажеме дека сме зрели и подготвени за организација на натпревар од ваков ранг и повторно да се покажеме како добри домаќини, изјави Филип Поповски, генерален секретар на ФФМ.

Од УЕФА се задоволни од првичниот впечаток за инфраструктурата и капацитетите кои ќе бидат вклучени во одржувањето на Суперкупот.

- Задоволни сме од она што го видовме досега од аспект на аеродромска инфраструктура, хотелски капацитети, стадионот и планот за негово унапредување. Имаме речиси две години пред нас, период во кој ќе бидат дефинирани сите понатамошни чекори во пресрет на настанот. Она што сакам во моментов да го истакнам е дека стандардниот брендинг на Супер Купот ќе биде персонализиран со спецификите на градот, и истиот многу брзо ќе почне да се дистрибуира низ сите комуникациски канали на УЕФА, изјави Рибеиро. /МИА

Во голема полициска акција во Албанија запленет имот вреден над 4,5 милиони евра

Во голема полициска акција, во содејство со Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција (СПАК), спроведена во повеќе градови во Албанија, запленет е имот вреден над 4,5 милиони евра.

- Пронајдени и одземени како материјални докази се 2.996.760 евра готовина; значителни количини злато и скап накит; часовници од скапи марки со приближна вредност од 500.000 евра; огнено оружје; прилагодени регистарски таблички; луксузни возила (од кои пет блиндирани возила во вредност од над 500.000 евра); системи за надзор со камера, покер маса и слично, објави Министерството за внатрешни работи.

Се додава дека во рамки на оваа мега-операција, биле погодени седум структурирани криминални групи со значителна моќ и географски опфат на нивните криминални активности во некои од поголемите градови во земјата, како што се Тирана, Драч, Валона, Лежа, Фуш Круја и Решен, а биле издадени 43 налози за апсење.

Уапсени се 20 лица, а по останатите, меѓу кои и поранешен пратеник и четворица високи полициски раководители се трага./МИА

Додик: Односите меѓу Бања Лука и Сараево можеби се на најлошо ниво

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик изјави денеска дека односите меѓу Бања Лука и Сараево можеби се на најлошо ниво и дека мирот е единствената вредност за која се залага.

Додик истакна дека ситуацијата во БиХ е катастрофална, пренесе новинска агенција на Република Српска.

Тој рече дека претседавачот со Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, кажува лаги за Република Српска и дека со него не може да се отвори дијалог. /МИА

Во Иран обесени седум луѓе осудени на смрт, меѓу кои и две жени

Невладината организација „Иран Хјуман рајтс“ денеска соопшти дека од почетокот на годинава во Иран биле егзекутирани 223 лица и го осуди отсуството на фер судење.

Седум лица, меѓу кои две жени, беа обесени денеска во Иран, бидејќи Исламската Република ја зголемува употребата на смртната казна за политички цели, соопшти организацијата со седиште во Норвешка, објави „Фигаро“.

Парвин Мусави (53), мајка на две деца, беше обесена во затворот Урмија во северозападен Иран со пет мажи, од кои сите беа осудени за трговија со дрога, се вели во соопштението на организацијата.

Фатемех Абдулахи (27) е обесена во Нишапур на истокот на земјата поради убиство на нејзиниот сопруг, кој воедно и бил братучед.

Огранизацијата соопшти дека забележала 223 егзекуции годинава, вклучително и најмалку 50 само во мај, по крајот на персиската Нова година и Рамазан во април.

Иран е една од земјите каде што се извршуваат најмногу егзекуции заедно со Кина и Саудиска Арабија. Егзекуциите се вршат со бесење./МИА

притисни ентер