Соопштение Уставен суд: Појаснување во врска со извршувањето на одлуките на Уставниот суд - Канал 5

Соопштение Уставен суд: Појаснување во врска со извршувањето на одлуките на Уставниот суд

Соопштение Уставен суд: Појаснување во врска со извршувањето на одлуките на Уставниот суд

Во врска со соопштението на Судскиот совет на Република Македонија и Здружението на судии, Уставниот суд упатува на член 112 став 3 од Уставот, според кој „Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни“, како и на член 89 став 2 од Актот на Уставниот суд, кој уредува дека „Одлуките со кои Судот утврдил повреда на слободите и правата утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, ги извршува органот или субјектот што врши јавни овластувања што го донел поединечниот акт, односно го презел дејствието кое Уставниот суд со одлука го забранил“. Дополнително, согласно со член 85 став 2 од Актот на Судот, „Одлуките на Уставниот суд се извршуваат без никакво одлагање“.

Во оваа насока е и член 91 од Актот: „Врз основа на претходно добиени податоци и известувања, Уставниот суд може да донесе посебно решение со кое ќе утврди дека неговата одлука не е извршена и ќе го извести надлежното јавно обвинителство, како и органот што го именувал или избрал раководителот на органот или телото што не ја извршило одлуката на Судот“.

Уставниот суд во 2025 година со Одлука (https://ustavensud.mk/2025/09/%d0%b1%d0%b7%d1%81%d0%bf-%d0%b1%d1%80-8-2025/) утврди повреда на слободата на јавно изразување на мислата на Наташа Стојановска, сторена со пресуди на Основниот граѓански суд во Скопје и Апелациониот суд Скопје. Странката од истиот суд побарала извршување на Одлуката на Уставниот суд за заштита на својата слобода, но Одлуката на Уставниот суд не е извршена од страна судија на Основниот граѓански суд во Скопје. Следствено на ова, странката се обрати до Уставниот суд со барање Судот да ги искористи правните механизми за извршување на неговите одлуки.

Уставниот суд го усвои барањето на странката и донесе посебно Решение (https://ustavensud.mk/2026/07/%d0%b8-%d0%b1%d1%80-1-2026/) со кое утврди дека Одлуката на Уставниот суд за повреда на уставно загарантираната слобода на странката не е извршена и за тоа ги извести Јавното обвинителство и Судскиот совет. Токму на овој начин Уставниот суд придонесува кон владеењето на правото – принципот за кој во своето соопштение се залагаат и Судскиот совет и Здружението на судии.

Поради јавниот интерес поврзан со одлуката на Уставниот суд и ставот на Судскиот совет и Здружението на судии, Судот укажува на следниве неспорни уставно-правни факти, како и на одредени уставно-правни противречности во споменатото соопштение:

1. Уставниот суд има посебна уставна положба и не подлежи на начелото на поделба на власта

Суштинската разлика меѓу Уставниот суд и органите на законодавната, извршната и судската власт е фактот што Уставниот суд, како орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста и не подлежи на начелото на поделба на власта, има надлежност да ги обезбедува темелните вредности на поредокот, односно да биде и контролор на овие власти и истовремено да ја обезбедува нивната независност.

Уставниот суд безрезервно ја почитува и ја штити и, со своите одлуки, застанувал на страната на институционалната и материјалната независност на судската власт (https://ustavensud.mk/2026/04/%d1%83-%d0%b1%d1%80-21-2025-%d0%b8-%d1%83-%d0%b1%d1%80-52-2025-3/ ). Но, независноста при судиското одлучување не може да се толкува како можност конечните и извршните одлуки на Уставниот суд да бидат ставени под повторна оценка, релативизирани или нивното правно дејство да биде одложено.

2.Судската независност не може да биде оправдување за непочитување на Уставот

Правењето на паралела меѓу независноста на судството и владеењето на правото во предметното соопштение е противречно на начинот на кој е поставена.

Имено, судската независност на ниеден начин не може да оправда ниту, пак, да релативизира неисполнување на уставната должност, односно да се одлучува врз основа на Уставот. Неспорен факт, утврден од Уставниот суд, е дека судија на Основниот граѓански суд, наместо да ја исполни уставната должност да одлучува врз основа на Уставот, законите и меѓународно-ратификувани меѓународни спогодби, одлучил дека Законот за парнична постапка не предвидува експлицитен основ дека одлука на Уставниот суд не претставува основ за повторување на постапката, и со тоа дал предност на Законот наместо на Уставот, во кој јасно е определен правниот карактер на одлуките и правното дејство на одлуките на Уставниот суд.

Ниту еден закон не е над Уставот. Законот и неговите празнини, недоречености, треба да се толкуваат низ призмата на целовитоста на Уставот, смислата, словото и духот на Уставот, а не обратно. Пропуштањето на Законодавецот ова прашање да го уреди во Законот за парнична постапка на ниту еден начин не значи и не може да биде основ за игнорирање на уставно определените карактеристики на одлуките на Уставниот суд, нивната извршност, конечност и општа задолжителност.

Почитувањето и извршувањето на одлуките на Уставниот суд не е прашање на избор, на толкување или пак, согласност на кој било орган или кое било службено лице. Извршувањето на одлуките на Уставниот суд е еден од фундаменталните принципи на владеењето на правото. Оттука, какво било ограничување на Уставниот суд во остварувањето на ефективна заштита на слободите и правата, на владеењето на правото и на неговата должност да се грижи неговите одлуки да се почитуваат и извршуваат би претставувало повреда на уставно утврдената положба, функциите и надлежностите на Уставниот суд.

3. Извршувањето на одлуките на Уставниот суд значи постапување во согласност со Уставот

Противречност и уставно-правна апсурдност има во ставот дека „функцијата на судовите не се состои во извршување на одлуки на други државни органи, туку во самостојно и независно судење врз основа на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори“ во паралела со признавањето на уставната поставеност на Уставниот суд и неговите одлуки.

Уставниот суд очекува од сите органи и носители на трите власти, законодавната, извршната и судската, да постапуваат во согласност со Уставот. Односот на Уставниот суд кон останатите власти не е однос на надреденост, туку одржување на состојбата на уставноста, и оттука извршувањето на неговите одлуки не претставува извршување на одлука на државен орган, туку претставува постапување во согласност со Уставот.

Почитувањето на уставната поставеност на Уставниот суд и на уставно уреденото правно дејство на неговите одлуки не се демонстрира само декларативно, како во конкретниов случај. Вистинското почитување на Уставот и неговите темелни определби, заштитата на слободите и правата и владеењето на правото, не се прават со институционална воздржаност и внимателност во постапувањата, туку со одлучност и решителност во заштитата на уставноста.

4. Неправосилноста на одлуката не ја суспендира конечноста и извршноста на одлуката на Уставниот суд

Фактот дека решението не е правосилно и против него е изјавена жалба за која треба да одлучува надлежниот второстепен суд, на ниеден начин не можат да ја променат фактичката состојба дека судија на Основниот граѓански суд не извршил одлука на Уставниот суд.

Не само што не ја извршил одлуката на Уставниот суд, со неговото постапување ја игнорирал и практиката на Европскиот суд за човекови права на која всушност се темели одлуката на Судот. Со неговото постапување ја игнорирал и веќе воспоставената судска практика врз која Судот изминатиот период ја втемелил праксата на ЕСЧП во своите одлуки во кои утврдил повреда на слободите и правата на човекот и граѓанинот (https://ustavensud.mk/2026/04/%d0%b1%d0%b7%d1%81%d0%bf-%d0%b1%d1%80-17-2025/).

Секое поинакво толкување би водело кон уставно-правно неодржлива ситуација во која друг орган, преку сопствено постапување или преку механизмите на редовната судска постапка, практично би можел да го одложува или неутрализира дејството на конечна и извршна одлука на Уставниот суд. Игнорирањето и релативизирањето на постапувањето на Уставниот суд не дава придонес во напорите за градење на правна држава во која ќе владее правото.Уставниот суд останува решителен во заштитата на уставноста и законитоста и слободите и правата на граѓаните на нашиот уставно-правен поредок и на тој пат и во иднина ќе постапува одлучно и бескомпромисно.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„AfD“ ја менува стратегијата: Нов план за Европската унија

Крајно десничарската партија „Алтернатива за Германија“ (AfD) сè повеќе се оддалечува од идејата за напуштање на ЕУ и го насочува својот фокус кон нејзино реформирање, со цел да го зајакне своето влијание, како во Европа, така и во самата Германија.

„AfD“ ја менува стратегијата: Нов план за Европската унија

Крајно десничарската партија „Алтернатива за Германија“ (AfD) – која се појави како опозиција на политиките на Европската унија за време на кризата со еврото – сè повеќе се преориентира кон реформирање на ЕУ, наместо да се залага за нејзино напуштање.

По историската победа на регионалните избори во Саксонија-Анхалт во септември, „AfD“ – која според анкетите на јавното мислење моментално е најпопуларната партија во Германија – е поблиску од кога било до можноста да стане дел од сојузната влада.

Во рамките на партијата расте уверувањето дека зајакнувањето на десничарските позиции и растечкото влијание на политичките движења со слични ставови низ Европа, го прават реформирањето на Унијата одвнатре поповолен пат отколку нејзиното напуштање.

„Од крајот на Втората светска војна, изгледите за реформирање на ЕУ во согласност со нашата визија никогаш не биле подобри“, изјави Себастијан Минценмајер, пратеник на „AfD“ во Бундестагот.

Прашањето за напуштање на еврозоната – што беше клучен приоритет за многу од основачите и раните поддржувачи на партијата – се покажа како посложено за решавање, пренесува Ројтерс. Помладите членови на партијата, како што е 29-годишниот Жан-Паскал Хом – шеф на младинското крило на„ AfD“, „Генерација Германија“ – предупредуваат дека тврдокорниот став на партијата кон Европа би можел да го попречи нејзиниот најреален пат до власта: идна соработка со Христијанско-демократската унија (CDU) под водство на Фридрих Мерц. Засега, „CDU“ ја отфрла секоја можност за коалиција со „AfD“.

Минатиот месец, во Европскиот парламент во Стразбур, копретседателката на „AfD“, Алис Вајдел – заедно со сојузниците од парламентарната група „Европа на суверени нации“ (ESN) – претстави стратешки документ насловен „Нов договор за Европа“.

Наместо да се залага за излез од еврозоната и од ЕУ, документот предлага преговарање за нови договори со цел создавање на полабава форма на Унија. Се предлага воведување механизам за „исклучување“ (opt-out) за земјите-членки кои не прифаќаат заеднички политики – на пример, во однос на трошоците за одбрана или миграцијата – при што истовремено се повикува на построго спроведување на буџетските правила. Ова ја остава отворена можноста еврото да остане заедничка валута.

Доколку овие реформски напори не успеат, документот предлага идниот европски правец на Германија да се одреди преку референдум.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

СДСМ: Додека Црна Гора проверува, кај нас сè е докажано - Балканскиот картел се распаѓа - Мицкоски остана сам

Додека Црна Гора започнува проверки на врските меѓу медиуми, телекомуникации и Алта банка, во Македонија сè е одамна докажано и документирано.

СДСМ: Додека Црна Гора проверува, кај нас сè е докажано - Балканскиот картел се распаѓа - Мицкоски остана сам

ВМРО-ОКГ е директно врзана за медиуми, телекомуникации и банка.

Орбан контролира околу 40 проценти од медиумскиот простор. Нови медиуми на Вучиќ влегоа на пазарот: Ало група, Информер и Euronews.

Телекомуникациската поддршка доаѓа од Орбановиот 4iG и од Вучиќевиот Телеком Србија - државен ресурс користен како приватен.

Алта банка служи како финансиер на системот, преку маркетинг агенции од ВМРО, примарно за Алфа ТВ и за порталите финансирани од Орбан.

Конкретен пример: истрагата за перење пари преку Словенија со фиктивни рекламни услуги, која Мицкоски ја блокираше во обвинителството.

Телеком Србија е сопственик на Euronews лиценцата. 4iG обезбедува телекомуникациска поддршка за пласирање на медиумските содржини.

Управувањето со сите овие медиуми се врши преку палката на БИА, човекот за Македонија, „началник“ Латас и Ивона, уредничка на Euronews и Алфа ТВ. Тоа е македонската верзија на српскиот Информер.

4iG на Орбан и Телеком Србија ги плаќаат истите лоби куќи во Америка за Мицкоски и за Вучиќ. 4iG е поврзан и со трговија со оружје и со потребата за рудник на антимон.

Во Унгарија веќе три министри се уапсени. Обрачот се стеснува околу Орбан.

Во Србија Вучиќ падна. Почнаа апсења и истраги. Целиот правосуден систем почна да работи, а новата влада сè уште не е формирана.

Уапсени се главни луѓе во полицијата. Ова е само почеток на крајот на една голема организирана криминална група - балканскиот картел.

Мафијашки синдикат во кој е Христијан Мицкоски, а ВМРО е сестринска партија на СНС.

Сите коцки се сложија a картелот се распаѓа. Паѓаат како домино. Мицкоски остана сам да ја чува касата.

СДСМ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ВМРО-ДПМНЕ: Кривогаштани тоне во долгови, населените места се соочуваат со проблеми со водата за пиење

Нова патна инфраструктура не се гради, старата не се одржува.

ВМРО-ДПМНЕ: Кривогаштани тоне во долгови, населените места се соочуваат со проблеми со водата за пиење

По девет години локална власт на СДС во општина Кривогаштани, граѓаните се уште со основни проблеми од секојдневниот живот, како исправна вода за пиење, функционални училишта, неодржувана инфраструктура и чиста животна средина.

Еден од најсериозните проблеми е водоснабдувањето. Голем дел од населените места се соочуваат со чести прекини, дефекти на водоводната мрежа и проблеми со исправноста на водата, додека околу 40 проценти од населението воопшто не добива вода од општинскиот водовод.

И покрај предизборното ветување на актуелниот градоначалник за носење вода од Студенчица, досега јавноста нема добиено конкретен план, временска рамка или информации за реализација на проектот, дополнително, и населените места кои се снабдуваат од овој систем во текот на летото се соочуваа со сериозни проблеми во водоснабдувањето.

Загрижувачка е и состојбата во општинските училишта, при што намалувањето на бројот на ученици, иселувањето и неповолните демографски движења создаваат дополнителен финансиски притисок врз образовните институции. Ситуацијата е до толку загрижувачка што за првпат имаме училишта со блокирани сметки, додека општината не презема доволно мерки за рационализација на трошоците и долгорочно одржливо функционирање.

Наместо сериозен пристап кон финансиското стабилизирање на училиштата, обезбедување непречено функционирање и квалитетен образовен процес за учениците, локалната власт предводена од СДС гледа само како да издејствува согласности за нови партиски вработувања.

Градоначалникот на СДС на општина Кривогаштани бара служба за итна помош, а заборава да каже дека токму неговиот партиски претседател, Венко Филипче ја укина во период кога раководеше со министерството за здравство.

Дополнително загрижува и финансиската состојба на самата општина која е со блокирана сметка и каде само тужените побарувања надминуваат 35 милиони денари, а вкупните долгови се значително повисоки. Овие состојби бараат транспарентност и одговори од градоначалникот, а граѓаните имаат право да знаат колкави се вкупните долгови, по кои основи се создадени и како општината планира да ги сервисира.

Проблемите не завршуваат тука, локалната инфраструктура, полските патишта и јавните површини бараат сериозно внимание и континуирано одржување. Владината поддршка за изградба на улици е добредојдена, но таа не може да биде замена за обврските и одговорностите на локалната самоуправа.

Особено загрижувачка е и состојбата со животната средина, горењето на депонијата кај Кривогаштани, загадувањето на почвата, водата и воздухот, како и нерешените проблеми со одводните системи и пречистителните станици, се прашања кои бараат конкретни институционални решенија, а не молк и одложување.

Локалната власт и градоначалникот треба да одговорат и за состојбата со сточниот пазар, јавната чистота, уличното осветлување и другите комунални услуги кои се во надлежност на општината.

Одговорноста на локалната власт е да ги решава проблемите на граѓаните, да управува домаќински со општинските средства и да создава услови за подобар живот, тоа го заслужуваат и жителите на општина Кривогаштани.

ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер