Силјановска Николиќ: Вишиот управен суд потврди картел на веледрогериите Д-р Пановски и Фарма Т - Канал 5

Силјановска Николиќ: Вишиот управен суд потврди картел на веледрогериите Д-р Пановски и Фарма Т

 Вишиот управен суд потврди картел на веледрогериите АД Д-р Пановски и Фарма Трејд, следува институционална координација.

Силјановска Николиќ: Вишиот управен суд потврди картел на веледрогериите Д-р Пановски и Фарма Т

Во тек е известувањето до Јавното обвинителство и Управата за финансиска полиција откако Вишиот управен суд ја потврди одлуката дека АД Д-р Пановски и Фарма Трејд склучиле забранет картел при јавна набавка на инсулин во 2016 година, изјави за МИА претседателката на Комисијата за заштита на конкуренција, Малинка Силјановска Николиќ. По ова, како што дополни, следува институционална координација за понатамошната постапка.

Силјановска Николиќ информираше дека иницијативата за предметот била покрената по барање на фармацевтската компанија Зегин, а Комисијата утврдила дека наведените претпријатија, меѓусебно, усогласено се однесувале, се договарале однапред кој која ставка да ја добие на начин што и двете доставиле понуди за двете ставки, но, на електронската аукција не ги намалиле цените, со цел едниот да ја добие едната ставка, а другиот другата ставка од набавката иако на претходно објавен јавен оглас имало значително намалување на цената при електронската аукција.

-Со ваквото усогласено однесување, односно договор, наведените претпријатија меѓусебно го поделиле тендерот во однос на набавката на овој лек, го добиле тендерот со повисока цена со што се сторила штета на државниот буџет, рече таа.

Дополни дека пресудата следува по три обиди во Управниот суд, а стигнува до Вишиот суд по жалбите на фармацевтските компании.

-Имаше управна постапка. Првично имавме поднесено решение, беше вратено, потоа Комисијата донесе решение за продолжување на постапката, кое повторно беше вратено од Управен суд и при третиот обид, Управниот суд го потврди решението од Комисијата. На тоа потврдување од Управен суд имаше жалба од фармацевтските компании и следствено предметот отиде на одлучување во Виш управен суд кој ја потврди одлуката на Комисијата, образложи таа.

Во однос на прашањето на што се однесувало враќањето на предметот, таа одговори дека тоа е одлука на судот и дека Комисијата нема одреден број на управни постапки кои можат да ги водат.

-Некогаш самите судови си носат одлука на кој основ, дали ќе ја уважат или не, меѓутоа, ние како институција имаме можност повеќе пати да го враќаме решението. Нема одреден број на управни постапки колку можеме да ги водиме, рече таа.

Со пресудата од Виш управен суд е потврдено решението на Комисијата со кое за учество во предметниот картел Комисијата изрекла прекршочни санкции глоба и тоа на АД Д-р Пановски во износ од 1.061.000 евра и на Фарма Трејд ДООЕЛ Скопје 721.000 евра. Висината на наведената глоба, како што информираа, е во корелација со штетата која е нанесена на буџетот на државата.

Компанијата АД Д-р Пановски вчера излезе со демант, наведувајќи дека не примиле пресуда и дека Управниот суд во претходните две постапки веќе утврдил дека не сториле никаков прекршок.

-Во интерес на објективно информирање на јавноста, сметаме дека е неопходно да потенцираме дека Управниот суд во две претходни постапки, два пати правосилно утврди дека АД „Д-р Пановски“- Скопје нема сторено никаков прекршок и со тоа ги отфрли наводите дека наводно била нарушена деловната конкуренција за посочената јавна набавка. Оттука, крајно сме изненадени и зачудени како е возможно за ист предмет, ист суд, да одлучи поинаку во трета постапка, стои во соопштението од компанијата.

Од комапнијата посочуваат и дека целосно е невозможно кои било фармацевтски компании тајно или јавно да договараат цени на лекови, бидејќи, според нив, тие се регулирани исклучиво од Министерството за здравство. Тоа значи, се додава понатаму, дека за споменатата јавна набавка АД „Д-р Пановски“ понудил цени во висина која предходно ја определиле ресорните надлежни институции.

-Согласно горе наведеното, нашиот правен тим се подготвува да ги искористи сите вонредни правни лекови пред домашните судови, но и да се обратиме пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, за правно вознемирување. Во меѓувреме ќе се обратиме и до претставниците на меѓународниот фактор во земјава, кои ќе ги информираме за оваа нарушена правна сигурност и загрозено владеење на правото, што практично ги отежнува околностите за нашето деловно функционирање, а со цел да се заштитат правата, интегритетот и деловната репутација на компанијата, посочуваат од „Др. Пановски“.

Вишиот управен суд ја потврдил одлуката на Управниот суд и тужениот орган, оценувајќи дека фактичката состојба била правилно утврдена и дека биле применети соодветните законски прописи.

Според пресудата објавена во мај, годинава, АД Д-р Пановски и Фарма Трејд усогласено дејствувале при јавната набавка, фиксирајќи цени, што претставува прекршување на принципот на слободна конкуренција.

Судот ја отфрлил жалбата на компаниите, оценувајќи дека нивните наводи за недостиг на докази и застареност на постапката се неосновани. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Скандал во Франција: Протекоа податоци од Министерството за внатрешни работи

На 9 ноември бил извршен претрес во седиштето на „Национален собир“ во рамките на истрага за наводно протекување информации од Министерството за внатрешни работи.

Скандал во Франција: Протекоа податоци од Министерството за внатрешни работи

Францускиот министер за внатрешни работи, Лоран Нуњез, денеска го повика на разговор раководителот на департманот Лоара, Иг Муту, по наводите дека доверливи информации од Министерството за внатрешни работи биле пренесени на партијата „Национален собир“.

Нуњез додаде дека ситуацијата би била исклучително сериозна доколку наводите се потврдат.

Како што објави денеска телевизијата БФМ, на 9 ноември бил извршен претрес во седиштето на „Национален собир“ во рамките на истрага за наводно протекување информации од Министерството за внатрешни работи.

Иг Муту, поранешен високорангиран функционер во француското Министерство за внатрешни работи и актуелен раководител на департманот Лоара, е осомничен дека учествувал во доставувањето доверливи информации до „Национален собир“ во врска со истрагите што се водат против оваа партија.

Во изјава за телевизијата БФМ и радиото РМЦ, Нуњез потврди дека го повикал Муту на разговор.

„Доколку фактите се потврдат, тоа, се разбира, е многу сериозна работа“, изјави францускиот министер за внатрешни работи.

Тој напомена дека во моментов се води судска истрага.

„Утрово ќе се сретнам со предметното лице, но во овој момент немам други информации што би можел да ги соопштам“, рече Нуњез.

Извор: Б92

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Селекторот на кошаркарите Берокал го избра составот за ноемврискиот ФИБА „прозорец“

Селекторот на машката сениорска репрезентација на Македонија, Жозеп Марија Берокал, го објави списокот на кошаркари на кои ќе смета за претстојниот ноемвриски ФИБА „прозорец“.

Селекторот на кошаркарите Берокал го избра составот за ноемврискиот ФИБА „прозорец“

Селекторот на машката сениорска репрезентација на Македонија, Жозеп Марија Берокал, го објави списокот на кошаркари на кои ќе смета за претстојниот ноемвриски ФИБА „прозорец“, во кој продолжуваат натпреварите од втората фаза на претквалификациите за пласман на Европското првенство во 2029 година.

Според календарот на натпреварување, нашата најдобра селекција во овој циклус ќе одигра еден натпревар. Македонија ќе биде домаќин на репрезентацијата на Кипар, во дуелот од второто коло на групата „Ф“, закажан за 26 ноември (четврток), со почеток од 18:00 часот, во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во Скопје.

Подготовките на репрезентацијата ќе се реализираат во Скопје и ќе започнат на 23 ноември, во спортската сала „Лазар Лечиќ“, со почеток од 11:30 часот.

Селекторот Берокал и неговиот стручен штаб го објавија следниот список на кошаркари за овој репрезентативен собир.

СПИСОК НА КОШАРКАРИ

Ненад Димитријевиќ

Виктор Ташовски

Виктор Ефремовски

Војдан Стојановски

Лука Стојановски

Адем Мекиќ

Стојан Ѓуроски

Лејсон Зеќири

Валмир Какруки

Резарт Мемед

Тома Стојаноски

Андреј Маслинко

Петар Бошалески

Андреј Андоноски

Мозес Рајт

Селектор: Жозеп Марија Берокал

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Спасовски: СДСМ со 225 амандмани за Буџетот, за 600 евра минимална плата, поголем студентски оброк и поддршка за граѓаните

Пратеничката група на СДСМ и Коалицијата има поднесено 225 амандмани на Предлог-буџетот за 2027 година, со конкретни решенија за подобрување на животниот стандард, поддршка на младите, унапредување на здравството, образованието ....

Спасовски: СДСМ со 225 амандмани за Буџетот, за 600 евра минимална плата, поголем студентски оброк и поддршка за граѓаните
Пратеничката група на СДСМ и Коалицијата има поднесено 225 амандмани на Предлог-буџетот за 2027 година, со конкретни решенија за подобрување на животниот стандард, поддршка на младите, унапредување на здравството, образованието и социјалната заштита, како и рамномерен развој на општините.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната прес - конференција, посочи дека амандманите се одговор на потребите на граѓаните, наспроти буџетот на власта кој не нуди развој, туку продолжува со погрешни економски приоритети.
Спасовски, рече дека клучен приоритет на СДСМ е зголемувањето на минималната плата на 600 евра, вклучително и обезбедувањето средства за зголемување на платите на вработените кај буџетските корисници. СДСМ предлага и конкретна финансиска поддршка за студентите, младите и образовните институции.
„Меѓу клучните амандмани коишто ги поднесе СДСМ и Коалицијата е амандманот којшто се однесува на минималната плата на вработените кај буџетските корисници. Во образованието побаравме средства за зголемување на студентскиот оброк за 2.500 денари месечно, зголемување на стипендиите од 6.050 на 8.000 денари, финансиска поддршка на студентите, за регионалните центри за стручно образование и за врсничкото насилство во училиштата“, рече Спасовски.
Тој додаде дека со дел од амандманите се бара и повеќе средства за тековно одржување на основните и средните училишта, посочувајќи дека недостигот од средства веќе предизвикува сериозни проблеми во образованието.
„И секако за тековното одржување на основните и средните училишта, заради тоа што се покажува дека имаме сериозен недостаток на средства коишто се однесуваат на блок-дотациите. Впрочем, она што се случуваше изминатиот период, исклучување на струјата на факултетите, на Ректоратот, на некои од училиштата, не смееме како држава да го дозволиме“, рече Спасовски.
Меѓу амандманите се и мерки за поголема заштита на жртвите на семејно насилство преку воведување електронски нараквици за следење на сторителите, поддршка на културните институции и културното наследство, како и зајакнување на здравствената заштита.
„Во областа на МВР, за воведување електронски нараквици за следење на сторителите на семејно насилство, со цел поголема заштита на жртвите и превенција од насилството. Во културата, за поддршка на проектите од културата, заштита на културното наследство, реконструкција на безистенот и објектот Парк во Битола, поддршка за целосна реконструкција на театарот во Куманово, Агенцијата за филм и подобрување на материјалниот статус на вработените во културата и судството, како и целосно опремување на истражните центри при јавните обвинителства. Амандмани за унапредување на здравствената заштита, вклучително и обезбедување средства за набавка на мамографски апарати и проширување на можностите за рано откривање на малигните заболувања преку мамографски прегледи“, рече Спасовски.
Дополнително, СДСМ предлага електронска апликација за проверка на возраста и родителска контрола на пристапот на децата до социјалните мрежи, како и поддршка за лицата со попреченост, борците, жртвите на семејно насилство, малите и средните претпријатија и научно-истражувачката дејност.
Посебен дел од амандманите се однесува на општините. СДСМ поднесува 161 амандман за конкретни инфраструктурни проекти, изградба на старечки домови, детски градинки, катни гаражи, спортски објекти, локални патишта, водоводни и канализациски мрежи, паркови и зелени површини.
Спасовски посочи дека предложениот Буџет за 2027 година не носи развој и не одговара на реалните потреби на граѓаните. Наместо инвестиции и економски раст, повторно се планираат доминантно тековни расходи, што отвора простор за нови ребаланси и дополнително задолжување.
YouTube video

Скопје, 20.11.2026

СДСМ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер