Сиљановска-Давкова: Секој што напишал барем неколку реченици во недовршената македонска армиска приказна, оставил трага во нашата воена историја - Канал 5

Сиљановска-Давкова: Секој што напишал барем неколку реченици во недовршената македонска армиска приказна, оставил трага во нашата воена историја

Претседателката, како Врховна командантка на вооружените сили, денеска се обрати на централната прослава на 18 Август – Денот на Армијата, којашто се одржа во Охрид.

Сиљановска-Давкова: Секој што напишал барем неколку реченици во недовршената македонска армиска приказна, оставил трага во нашата воена историја

Честитајќи го најголемиот македонски воен празник, таа истакна дека армијата растела и зреела, но не се изгубил континуитетот со нејзините почетоци: се стекнувало искуство, се проширувало и продлабочувало знаењето, се менувале генерациите, а секоја од нив давала свој придонес или вградувале свое камче во македонскиот мозаик.

За неа, современата одбрана не се сведува на одговор на веќе настанатите закани, туку на нужноста и способноста за нивно предвидување, подготовка на соодветни капацитети и градење отпорност којашто ќе ја гарантира и зачува функционалноста на државата и тогаш кога условите се најнеизвесни и најнепредвидливи.

Сиљановска-Давкова со Орден за воени заслуги ги одликуваше:

Командата за операции, за особениот придонес за изградбата, развојот, зајакнувањето на капацитетите и за зголемувањето на борбената готовност на македонската Армија како клучен заштитник на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата и

Центарот за одгледување и дресура на кучиња, за исклучителните резултати во извршувањето на своите специфични задачи и за исполнувањето на мисијата како особено значајна структура на македонската Армија.

„Уверена сум дека денешните одликувања, како наша и моја должност, но и радост, ќе бидат потстрек за уште поголема посветеност, заложба и успех во исполнувањето на воените задачи на Армијата.“ - рече таа.

Врз основа на резултатите и оценките постигнати за време на школувањето на Воената академија во периодот од 2022 до 2026 година, им беа доделени плакети на трите најуспешни потпоручници: Марија Недева, Наталија Кочоска и Антонела Јакимовска.

Според Сиљановска-Давкова, не смее да се занемари важноста на придонесот на жените за успехот на македонската армија, кои со своето знаење, креативност и посебна женска енергија ја облагородуваат армиската професија.

Претседателката укажа дека не смееме да заборавиме дека секој што напишал барем неколку реченици во недовршената армиска приказна, оставил трага во воената историја, а оние што денес носат армиска униформа се современи армиски автори.

Во продолжение е интегралниот говор на претседателката.

Почитуван г-дин Африм Гаши, претседател на Собранието,

Почитуван г-дин д-р Христијан Мицкоски, претседател на Владата,

Почитуван Владо Мисајловски, министер за одбрана,

Почитувани пратеници,

Почитуван генерал-мајор Лафчиски, началник на Генералштабот,

Почитувани други генерали,

Почитуван бригаден генерал Ерик Гањон, од Националната гарда на Вермонт,

Почитувани екселенции,

Почитувани претставници на верските заедници,

Драги сограѓани,

Најпочитувани војници,

Не случајно Денот на Армијата се одбележува во Охрид. На овој празник се навраќаме на почетоците на македонската армија и на нејзиниот развој, односно незапирливо чекорење и справување со бројни Сцили и Харибди, но завршуваме со видливите успеси и подготвеноста за соочување со современите предизвици.

Приказната почнува во 1943 година, на Славеј Планина, на 18 август, кога беше формиран баталјонот „Мирче Ацев“, првата регуларна воена единица на Народноослободителната војска на Македонија. Многу пати ја споменувам клучната улога на сопствените партизански сили, коишто броеја 120 000 војници во антифашистичката борба и во формирањето на македонската држава. Тие и денеска заслужуваат вечна почит и слава.

Низ децениите што следеле, македонската армија растела и зреела, но не се изгубил континуитетот со нејзините почетоци. Напротив, се стекнувало искуство, се проширувало и продлабочувало знаењето, се менувале генерациите, а секоја од нив давала свој придонес или вградувала свое камче во македонскиот армиски мозаик.

Распадот на Југословенската Федерација и напуштањето на ЈНА од страна на македонските старешини и војници, го отвори патот за создавање македонска армија како природен елемент на самостојната и независна држава. Во Охрид, меѓу првите коишто зачекориле на воен план, биле Панче Јамандиев и полковникот Јосип Хајба. На 14 април 1992 година во охридскиот гарнизон пристигнал Јамандиев, првиот регрут на новата македонска армија, а на војничката капија го пречекал Хајба, првиот командант на гарнизонот.

Триесет и четири години потоа, со сигурност тврдам дека македонската армија не е почетничка, туку високо организирана воена формација со професионален интегритет, оперативна кредибилност, висока интероперабилност со сојузничките сили, војничка дисциплина и стаменост, што резултира со највисока доверба кај граѓаните и заслужена почит од сојузниците.

Генерации војници, питомци, подофицери и офицери гордо ја носеле униформата во различни времиња и под различни околности, исполнувајќи ги задачите коишто им биле доверени и преземајќи одговорност за нивото извршување.

Почитувани,

Актуелниот конфликтен меѓународен амбиент во којшто ги градиме безбедноста и одбраната, се одвива со непредвидлива динамика што ги менува досегашните перцепции за разбирањето на феноменот „закана“ и начинот на којшто може и треба да се одговори на истата. Војната и покрај ветувањата „никогаш повеќе војна“, како идеја водилка на европските татковци ̶ основачи, повторно се случува на европскиот континент, границите меѓу конвенционалните и хибридните закани се нејасни, беспилотните системи, сајбер-просторот и вештачката интелигенција веќе непосредно влијаат врз начинот на којшто се планира, изведува и поддржува современото војување.

Затоа, логично е, современата одбрана да не се сведува на одговор на веќе настанатите закани, туку на нужноста и способноста за нивно предвидување, подготовка на соодветни капацитети и градење отпорност којашто ќе ја гарантира и зачува функционалноста на државата и тогаш кога условите се најнеизвесни и најнепредвидливи.

Со членството во НАТО, одговорот на тешките безбедносни и одбранбени прашања не го бараме сами, туку заедно со сојузниците, како наш стратегиски избор и темел на колективната безбедност, преземајќи дел од колективната одговорност, но и на одговорноста на секој за секого во Алијансата. Цврсто верувам дека колку е посигурна нашата сопствена одбранбена поставеност, толку е посуштествен нашиот придонес кон заедничката сигурност. Токму затоа, јакнењето на сопствените капацитети е и вистинскиот начин на којшто ја зацврстуваме својата позиција во Алијансата како сериозна и кредибилна членка на којашто може да ѝ се верува и врз која може да се потпира.

Шест години потоа, македонската безбедносна определба доби нова регионална димензија со потпишувањето на Партнерството за безбедност и одбрана со Европската Унија, како прва земја во регионот, со што манифестираше лидерска способност.

Особено значење има прогресот во изградбата на Коридорите 8 и 10, коишто, покрај економското и регионално значење, имаат и специфична, стратешка улога во инфраструктурната проодност и поврзаност, со што видно јакнее мобилноста, отпорноста и способноста за колективната одбрана на Алијансата.

Фаќањето и држењето чекор е важна претпоставка за секоја држава во НАТО, што наметнува обврска за издвојување средства за модернизација на опремата и технологиите, се разбира, во согласност со современите безбедносни предизвици. Оттука, мене ми е јасно дека модерна армија се гради со добро обучен и подготвен кадар, со знаење, организација и способност новите средства да се претворат во реална оперативна моќ.

Најдобра потврда за неспорноста на наведеното тврдење се, не случајно, добиените и највисоки оценки на Лесната пешадиска баталјонска група, зад коишто стои долг и сложен процес во којшто обуката, командувањето, логистиката, комуникациите и медицинската поддршка се поврзале во единствена хармонична оперативна целина. Ем покажавме, ем докажавме дека кон стандардите на Алијансата не се однесуваме и не ги исполнуваме само како формална обврска, туку ги третираме и ги трансформираме во сопствена воена практика.

За одговорната и компатибилна улога со онаа на содружниците во НАТО, во согласност со највисоките стандарди, исто така, гласно говори и сведочи нашата партиципација, за која се говореше, во бројни мировни мисии на Обединетите нации, Европската Унија и НАТО, до денешните ангажмани. Евидентирано е дека припадниците на македонската армија достојно го претставуваат државното знаме во средини во коишто се бара посветеност, храброст, прецизност, одговорност, дисциплинираност и способност и подготвеност за тимска работа и тимско дејствување во мултинационален контекст и засилени безбедносни закани и дилеми. Денес 183 наши припадници се дел од таквите мисии и операции, докажувајќи дека македонскиот придонес кон безбедноста не завршува во рамките на сопствените национални граници, туку ги надминува во мировни цели.

Почитувани,

Уверена сум дека денешните одликувања, како наша и моја должност, но и радост, ќе бидат потстрек за уште поголема посветеност, заложба и успех во исполнувањето на воените задачи на Армијата.

И покрај поширокото образложение во самите акти, како и од страна на координаторот, сепак, лично сакам да истакнам дека Орденот за воени заслуги за Командата за операции е признание за развојот на оперативните способности на нашата Армија, за меѓународниот ангажман, за интеграцијата во НАТО и за највисоките оценки во процесот на сертификацијата.

Со денешното одликување, исто така, на Центарот за одгледување и дресура на кучиња за високото ниво на обученост на неговите тимови и нивната подготвеност за задачи од особено значење, веќе чувме од образложението. Ангажманот по земјотресот во Турција покажа дека оваа специјализирана способност може да биде ставена во функција и на спасувањето и заштитата на човечките животи, во услови што бараат брза реакција, стручност и исклучителна посветеност и дисциплина.

Неодамна, Армијата се збогати со 37 потпоручници и 16 поручници, меѓу кои и питомци од Босна и Херцеговина и Црна Гора. Нивното присуство е потврда за квалитетот и за кредибилитетот коишто Воената академија во Скопје ги стекна во регионот и за местото коешто го зазема во системот на военото образование на Западен Балкан. Тој потенцијал треба да го развиваме преку интензивна и поширока размена на искуства и знаења, со што Академијата ќе има значаен придонес за професионалното поврзување на идните офицери од регионот.

Успешното завршување на македонски кадет на американската воена академија „Вест Поинт“, со поддршка на Владата на САД е уште еден јасен доказ за тоа дека стратешкото сојузништво се докажува низ конкретни примери на можности за развој на идните офицери и продлабочување на заемната соработка низ научен и професионален процес.

Денешниот ден е посветен и на оние што покажаа највисоки резултати во текот на четиригодишното образование на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје. Плакетите коишто се доделија на најдобрите питомци се признание за постигнатото во текот на школувањето и за резултатите со кои се издвоиле во својата генерација. Ме радува што годинава трите најдобро рангирани питомци се млади жени кои верувам дека ќе бидат инспирација и за другите. Впрочем, сè уште верувам во шансите мојата идеја, еден ден, идејата е да формираме регионален центар за извонредност на жените во одбраната и безбедноста, да се реализира со помош на Министерството за одбрана, Воената академија, но можеби и со Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност.

Како жена, морам да го нагласам придонесот на жените во македонската армија. Тие се нераскинлив дел од нејзиниот професионален состав, носејќи со себе знаење, креативност и една посебна женска енергија којашто ја збогатува армиската професија и внесува суптилност во начинот на кој таа одговара на предизвиците.

Почитувани припадници на Армијата,

Не треба да ја романтизираме војната, туку треба да ја избегнуваме и да превенираме, оти највисокиот успех на одбраната е да создаде услови за таа да не се случи. Армијата не ја покажува својата сила само при дејствувањето, туку и со развивањето способности да ја отстрани и да ја одврати опасноста пред таа да прерасне во конфликт.

Највисоката доверба којашто ја ужива Армијата кај македонските граѓани најсилно се потврдува во кризните состојби, кога нејзината помош е најпотребна: при пожари, поплави и други елементарни непогоди, кога, со своите капацитети и човечки потенцијал застанува во поддршка на граѓаните и на цивилните институции.

Им честитам на сите во униформа, но и на оние што ја завршиле воената служба, на ветераните. Не смееме да заборавиме дека секој што напишал барем неколку реченици во недовршената армиска приказна, оставил трага во армиската историја, а оние што денес служат, се нејзини современи автори и писатели.

Како врховна командантка, ви благодарам за службата и за професионалноста со кои ја крепите безбедноста на државава, добивајќи ја граѓанската доверба!

Не случајно Ви се обраќам со „почитувани војници и старешини“, иако војничкиот протокол налага „војници и старешини“!

И сега Ви се обраќам, „почитувани војници и старешини“, здраво на сите!

Нека ни е честит Денот и да имаме уште многу поводи за прослава на славната македонска армија!

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Беше прекрасен татко, но падна во депресија по отказот“- мајка за сопругот кој ги уби нивните две деца

Мајката на две деца чиј татко ги убил фрлајќи ги од покривот на гаража, а потоа извршил самоубиство, проговори за околностите околу нивната трагична смрт!

„Беше прекрасен татко, но падна во депресија по отказот“- мајка за сопругот кој ги уби нивните две деца

Шестгодишната Каролин Линч и нејзиниот брат Џејмс Линч, на осум години, беа пронајдени во вторник, 3 ноември, пред општинска зграда во Маунт Либан, Пенсилванија, со повреди за кои се сомнева дека се предизвикани од падот, објави Пипл.

Нивниот татко, Патрик Линч, исто така е пронајден со слични повреди. Сите тројца починаа во инцидент што полицијата го истражува како убиство-самоубиство, соопшти шерифската служба на округот Алегени.

Според PennLive, Патрик ги фрлил децата од петкатна паркинг гаража. По убиствата, мајката на децата објави на Фејсбук дека Патрик бил депресивен откако неодамна ја изгубил работата.

На снимка од екранот од објавата, која ја споделија Daily Voice, WPXI TV и PennLive, Ана ДеМеј Линч напиша дека Патрик „донел неповратна одлука да ги убие нашите две деца и себеси“, додавајќи дека тој бил „прекрасен татко“.

„Тој беше отпуштен во август и набргу потоа, стана депресивен“, додаде таа во објавата.

На профилот на Патрик на LinkedIn е наведен како научник за податоци, кој работел на машинско учење и вештачка интелигенција, а неговата последна работа завршува во август.

Ана во својата објава на Фејсбук напиша дека успеала да го убеди Патрик да оди на терапија и дека тој имал закажан преглед за следниот ден.

„Еден ден предоцна“, напиша таа. „Никогаш не помислив дека нашата приказна ќе заврши вака“.

За Ана е отворена страница GoFundMe додека се бори со загубата на Каролин и Џејмс и се подготвува за нивните погреби.

Заедницата на Маунт Либан, исто така, се собира за да им оддаде почит на децата, за кои канцеларијата на медицинскиот испитувач соопшти дека починале од „повеќе повреди од тап предмет“.

„Таа беше само мало снопче радост. Ги сакаше луѓето“, изјави Вики Хефелфингер, која го познаваше семејството Линч преку нивното учество во училиштето за пливање.

„Секој пат кога ја гледавме, таа им мавташе на сите. Ги гледаше другите деца и беше едноставно толку храбро мало девојче“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Познато е колку заработува Ламар Одом за една недела на OnlyFans (ВИДЕО)

Поранешната НБА ѕвезда Ламар Одом би можела да заработи повеќе од 180.000 евра благодарение на својот нов профил на платформата OnlyFans. 

Познато е колку заработува Ламар Одом за една недела на OnlyFans (ВИДЕО)

Поранешниот кошаркар на Лос Анџелес Лејкерс заработил повеќе од 45.000 евра за само осум дена, изјавил извор за TMZ.

Месечната претплата за пристап до неговите ексклузивни фотографии и видеа е околу 13,45 евра.

Одом отвори профил на OnlyFans минатиот месец, што го прави првата поранешна НБА ѕвезда што се приклучила на платформата, според медиумските извештаи.

Тој ја објасни својата одлука велејќи дека смета дека времето е вистинско за тоа. Призна дека во текот на својот живот поминал низ многу бурни периоди, но исто така рече дека подготвува уште неколку изненадувања за своите фанови.

„Сите опции се отворени“

Поранешниот кошаркар на Лос Анџелес Клиперс објави дека на неговиот профил ќе има разновидна содржина, вклучувајќи изненадувања што неговите фанови можеби не ги очекуваат.

„Сè уште нема да откривам премногу. Ќе мора да се претплатите за да дознаете. Само знајте дека сум искрен и сите опции се отворени“, рече тој.

Одом рече дека во текот на целиот свој живот често донесувал непредвидливи одлуки и дека сè уште може да ја изненади јавноста. „Отсекогаш сум бил отворена книга, но има поглавја што луѓето сè уште не ги виделе“, изјави тој.

Неговата девојка Рејчел Бредли исто така отвори профил на OnlyFans. Извор близок до двојката откри за TMZ дека постои можност тие да објавуваат содржина заедно во иднина.

Беше во брак со Клое Кардашијан

Одом јавно ја потврди својата врска со Рејчел Бредли во април, кога објави видео на Инстаграм од нив како заедно влегуваат во Crypto.com Arena во Лос Анџелес. Неколку дена претходно, тие споделија и заедничка фотографија со актерот Тери Крус и неговата сопруга Ребека Кинг Крус.

Пред врската со Бредли, Одом беше во долгогодишна врска со Лиза Моралес, со која има две деца, ќерката Дестини (28) и синот ЛЈ (24).

Тој е особено познат на јавноста по бракот со ријалити ѕвездата Клое Кардашијан, со која се ожени во 2009 година. Нивниот брак западна во криза, а во 2013 година решија да се разделат. Разводот официјално беше финализиран во 2016 година.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Фицо тврди: Резултатите од референдумот за пристапување во ЕУ беа фалсификат

Словачкиот премиер Роберт Фицо денес тврдеше дека референдумот за пристапување на земјата во Европската Унија бил наместен и дека немало да има пристапување доколку не било така.

Фицо тврди: Резултатите од референдумот за пристапување во ЕУ беа фалсификат

„Одржавме референдум кој, доколку не беше наместен, немаше да биде успешен. Тоа мора да се каже. Разликата беше толку мала што, според мене, беа направени одредени корекции за да се обезбеди дека исходот е онаков каков што беше потребен за Словачка да го одобри пристапувањето кон оваа организација“, изјави Фицо за телевизијата TA3.

Зборувајќи за атмосферата во Словачка во 2004 година, кога земјата се приклучи кон ЕУ, Фицо оцени дека пристапувањето било проследено со голем ентузијазам од една страна, но дека од друга страна, резултатот од референдумот бил многу тесен.

Референдумот за пристапување кон Европската Унија во Словачка се одржа во мај 2003 година, со излезност од 52 проценти, а мнозинството гласаше позитивно за пристапувањето.

Словачка се приклучи кон Европската Унија во 2024 година.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер