Силен земјотрес го погоди западниот дел на Турција, засега нема податоци за штета

Земјотрес со јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала е регистриран вечерва во 21:38 часот, во западна Турција.

Според достапните податоци, епицентарот на земјотресот бил лоциран во областа со географски координати на географска ширина 39,3717 и географска должина 26,3013.

Хипоцентарот на земјотресот, според податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, се наоѓа на длабочина од приближно 6 километри под површината на земјата.

Засега нема извештаи за материјална штета или повредени, а надлежните служби ја следат состојбата.

Влезниците за дуелот со Велс во мундијалските квалификации од 300 до 900 денари

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница ја одреди цената на влезниците за мартовскиот дуел во Скопје против Велс во рамки на 2 коло во групата Ј во квалификациите за пласман на Светското првенство 2030.

Билетите за Источната и Западната трибина на Националната арена „Тодор Проески“ за првиот домашен натпревар на македонската репрезентација од мундијалските квалификации изнесува 300 денари, а 400 денари ќе чинат влезниците за Јужната и Северната трибина. Цената на ВИП влезниците изнесува 900 денари.

Македонија ќе ги стартува мундијалските квалификации на гостински терен против Лихтенштајн на 22 март, пред дуелот против Велс три денови подоцна во Скопје.

Средба на министерката Божиновска со претставници на ММФ

Средба на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ)

Тековните економски состојби и идните проекции во енергетскиот сектор на земјава беа тема на дискусија на денешната средба на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводени од шефицата на мисијата, Анет Кјобе.

На средбата, како што информираат од Кабинетот на Божиновска, министерката ја истакна важноста на соработката со меѓународните финансиски институции во процесот на енергетска транзиција и ги истакна напорите на Министерството во спроведувањето на реформите насочени кон одржлив развој на енергетиката, зголемување на енергетската ефикасност и промоција на обновливите извори на енергија, како што е Ветерниот парк Богданци, кој обезбедува значителен дел од зелената енергија во земјата, се пример за успешна имплементација на обновливи извори. Таа нагласи дека овие активности се клучни за економскиот раст и стабилност на земјата.

Шефот на мисијата на ММФ, Анет Кјобе, ја пофали посветеноста на Министерството во спроведувањето на енергетските реформи и изрази поддршка за понатамошните активности. Таа истакна дека ММФ ќе продолжи да ја поддржува земјава во нејзините напори за постигнување одржлив економски развој.

Двете страни се согласија дека зајакнувањето на билатералната соработка и координацијата меѓу институциите е клучно за успешно справување со енергетските предизвици и постигнување на стратешките цели во оваа област.

Рубио им се заблагодари на ОАЕ за „силните и трајни односи“

Рубио денеска во разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати шеикот Мохамед бин Зајед ал-Нахјан се заблагодари на таа држава за „силните и трајни односи“.

Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска во разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати шеикот Мохамед бин Зајед ал-Нахјан се заблагодари на таа држава за „силните и трајни односи“ обележани со силни економски врски, соработка во областа на одбраната и заедничките интереси на полето на регионалната стабилност, соопшти денеска портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус.

Темите на состанокот ги вклучувале вештачката интелигенција, Појасот Газа, Сирија, Либан и Црвеното Море, кое беше место на напади на јеменските бунтовници Хути додека не беше постигнато примирје во Газа, додаде Брус.

Засега нема официјални изјави од ОАЕ, за што разговарале на средбата Рубио, шеикот Мохамед и шеикот Абдула бин Зајед ал Нахјан, министер за надворешни работи на ОАЕ. /MИА

притисни ентер