Што значи за човештвото откритието на НАСА на вода на Месечината?(ВИДЕО) - Канал 5

Што значи за човештвото откритието на НАСА на вода на Месечината?(ВИДЕО)

НАСА вчера објави дека пронашле молекули на вода на осветлената страна на Месечината и истакна дека ова е многу важно откритие.

Што значи за човештвото откритието на НАСА на вода на Месечината?(ВИДЕО)

Факт е дека научниците сега пронајдоа траги од H20 во делови од Месечината каде што претходно не ги забележале, и излезе дека вода може да има насекаде - можеби доволно за да се снабди првата човечка населба на Месечината.

Астрофизичарот Пол Хејн и неговите колеги од Универзитетот во Колорадо користеле слики и мерења на температурата од вселенското летало на НАСА „Lunar Reconnaissance Orbiter“ за да ги мапираат ладните региони на Месечината кои се во постојана сенка. Овие места се интересни за научниците бидејќи тие веруваат дека поради не-пробивањето на сончевите зраци, најверојатно ќе има таканаречени „ладни стапици“, односно замрзната вода.

Иако експертите претходно пронашле докази за постоење вода на Месечината, тие верувале дека таа најмногу се наоѓа на темното дно на длабоките мали кратери. Но, Хејн и неговиот тим забележале микро-ладни стапици на осветлениот дел од површината на Месечината, во внатрешноста на огромниот кратер Клавиус (еден од најголемите кратери на Месечината). Овие микро ладни замки се со големина помеѓу милиметар и еден метар, се наоѓаат во трајна сенка и содржат замрзната вода. Тие би можеле да бидат многу подостапни за астронаутите отколку замрзнатата вода што лежи во темните длабочини на помалите кратери.

Експертите проценуваат дека ладните длапки зафаќаат околу 40.000 квадратни километри или, подобро кажано, околу 0,1 процент од површината на Месечината, пишува New Scientist.

"Забележавме милијарди и милијарди ладни длапки во размер што не сме ги виделе порано. Тие се многу подостапни за собирање мраз. Тоа е револуционерно откритие во однос на идните мисии на Месечината", објасни Хејн.

Посебна студија дополнително потврдила дека мразот повеќе отколку хидроксилот е присутен во овие области, што претходните набљудувања не успеале да ги разликуваат. Геофизичарот Кејси Хонибал и нејзините колеги од Центарот за вселенски летови Годард на НАСА откриле спектрален потпис уникатен само за молекулите на водата со помош на телескопот Sofia, вграден во леталото.

"Водата е клучна за нашите животи, но е скапа за транспорт во вселената. Пронаоѓањето на достапна вода на Месечината значи дека ќе можеме да ги користиме залихите таму, наместо да ги носиме со нас", рече Хонибал.

Но, откривањето на молекулите на вода на површината на Месечината не значи дека таа тече таму низ водопади или дека е лесно да се собере како да паѓа од лунарните фонтани.

За споредба, Сахара има 100 пати повеќе вода отколку количината што ја откри Sofia на Месечината, според НАСА. Дополнително, сè уште не е познато колку е стабилна водата во оваа форма за долги периоди.

"Астронаутите би можеле да имаат големи потешкотии да извлечат вода на Месечината. На пример, за да наполнат едно шише, можеби ќе треба да преработат илјадници килограми карпи", рече планетарниот научник од Институтот за истражување во Болдер.

И покрај фактот дека биле откриени мали количини вода, НАСА верува дека ова е важно откритие. Имено, американската вселенска агенција планира да ја испрати првата жена на Месечината до 2024 година, и да ја формира првата постојана база на неа до крајот на оваа деценија.

„Проектот вклучува и употреба на локалните ресурси - особено вода“, изјави за БиБиСи планетарниот научник Хана Сарџент од Отворениот универзитет во Милтон Кинс.

„Ако поставиме база некаде на Месечината, тоа ќе биде таму каде што има вода. Претходно сме биле на Месечината, но ова откритие ни нуди повеќе можности и ја прави уште повозбудливо место“.

Експертите веруваат дека замрзнатата вода може да биде основа на идната економија на Месечината, бидејќи е многу поевтино да се прави ракетно гориво на Месечината отколку да се носи од Земјата. Значи, кога идните истражувачи на Месечината ќе сакаат да се вратат на Земјата или да патуваат на други дестинации, како што е Марс, тие би можеле да ја трансформираат водата во водород и кислород што обично се користат за напојување на вселенските летала.

НАСА планира да испрати луѓе на Марс во 2030-тите и дополнително да ги подобри истражувањата на вселената. Со овие амбициозни планови, многу би значела базата на Месечината, попатна станица каде тие би го напојувале со гориво леталото. Затоа не е изненадувачки што научниците и љубителите на истражувањето на далечната вселена го сметаат откритието на вода на површината на Месечината за големо откритие.


YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Најмалку три лица загинаа во руски напад на Украина

Три лица загинаа, а четворица други се повредени во руските напади врз Украина во текот на ноќта, соопштија денес локалните власти.

Најмалку три лица загинаа во руски напад на Украина

Вршителот на должноста шеф на Воената администрација на Запорожјето, Михаил Семикин, во објава на Телеграм изјави дека маж и жена се убиени во напад врз автомобил во Новотавриске, Запорожје, пренесува Укринформ.

„Непријателот удрил автомобил што минувал низ селото. Автомобилот се запалил, при што загинале маж и жена“, рече Семикин.

Тој рече дека уште едно лице загинало, а четворица други се повредени во нападот на руските трупи врз Комишувас, Запорожје.

Семикин додаде дека една куќа е уништена во нападот врз селото, а неколку други во близина се оштетени.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Швајцарија денеска гласа за забрана за соработка со НАТО и за санкциите

Швајцарците денес на референдум одлучуваат за уставните измени, кои драстично би ја заостриле политиката на неутралност. 

Швајцарија денеска гласа за забрана за соработка со НАТО и за санкциите

Предлогот би ѝ забранил на земјата соработка со НАТО и воведување економски санкции кои не биле одобрени од Советот за безбедност на ОН. Иако Швајцарија е меѓународно призната како неутрална земја од 1815 година, начинот на кој владата ја спроведува таа политика не е прецизно дефиниран со уставот, што отвори простор за различни толкувања, пишува Ројтерс.

Иницијативата за референдумот ја покрена десничарската Швајцарска народна партија (SVP). Тие веруваат дека владата во Берн ја прекршила традиционалната неутралност кога вовела санкции против Русија за нејзината инвазија на Украина. Кампањата била придружена со постери со бели гулаби кои повикуваат на гласање за неутралност и против војната.

Сепак, анкетите покажуваат дека предлогот веројатно ќе биде отфрлен. Според едно од најновите анкети, 68 проценти од испитаниците се противат на него, додека 31 процент го поддржуваат.

Мислењето на експертите и јавноста

Фабио Васерфален, професор по европска политика на Универзитетот во Берн, вели дека Швајцарците ја поддржуваат неутралноста, но и начинот на кој владата моментално ја спроведува. „Тие исто така генерално ги поддржуваат санкциите кон Русија поради војната во Украина и не сакаат тоа да се промени“, додаде Васерфален.

Што носи предлогот?

Иницијаторите на иницијативата бараат уставна одредба според која Швајцарија не треба да се придружи на никаков воен или одбранбен сојуз, освен ако не биде директно нападната. Исто така, би ѝ било забрането да воведува какви било санкции против други држави, освен оние одобрени од Советот за безбедност на Обединетите нации.

Аргументи за и против

Поддржувачите тврдат дека неутралноста на Швајцарија добро ѝ служела во минатото и ја спречила да учествува во двете светски војни. Тие исто така веруваат дека таков статус му овозможува на Берн да дејствува како посредник во мировните преговори.

„Швајцарија не војувала 200 години затоа што е трајно вооружена и неутрална“, рече Кристоф Блохер, милијардер и еден од главните поддржувачи на иницијативата од редовите на СВП. Тој за Ројтерс изјави дека „неутралноста е помалку почитувана во последните години“ и дека Русија сега ја гледа Швајцарија како страна во конфликтот поради воведените санкции.

На предлогот се спротивставуваат швајцарската влада и повеќето политички партии. Министерот за надворешни работи Игнацио Касис предупредува дека усвојувањето на иницијативата би штетило на националната безбедност и би ги оневозможило воените вежби со НАТО и соседните земји.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Ристески: Нема веќе чекање по шалтери за ЈСП, за студентите се воведува дигитална картичка

Барањето на студентите за поедноставно користење на бесплатниот јавен превоз добива конкретно решение. 

Ристески: Нема веќе чекање по шалтери за ЈСП, за студентите се воведува дигитална картичка

Со заложба на градоначалникот на Град Скопје и раководството на ЈСП, во завршна фаза се подготовките за воведување дигитална студентска превозна картичка.

Со нејзината примена, постапката што досега подразбираше одење на факултет по потврда, чекање пред шалтерите на ЈСП и носење хартиени документи, ќе се одвива дигитално.

Ова е промена што студентите ја побараа и која заслужува да биде реализирана. Градското раководство ги слушна нивните потреби и пристапи кон решавање на една административна обврска што со години им одземаше време и енергија.

Секој студент што чекал ред за потврда, па потоа уште еден ред за заверка на картичката, добро знае колку е потребна оваа промена. Особено на почетокот на академската година, кога треба да се организираат предавањата, вежбите и другите факултетски обврски.

Време е институциите да го преземат својот дел од работата и меѓусебно да ги разменуваат податоците што веќе ги поседуваат.

Токму тоа го овозможува ова решение, кое се подготвува преку соработка меѓу ЈСП и ФИНКИ, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Универзитетот „Мајка Тереза“.

Студентскиот статус ќе се потврдува преку автоматска синхронизација на податоците меѓу ЈСП и универзитетите. Со тоа се отстранува потребата студентите да доставуваат хартиени потврди и лично да одат на шалтер за заверка.

Дигиталната картичка ќе биде достапна преку апликацијата SkopjeBus. Студентите ќе добијат упатства на својата електронска адреса, ќе се најават со истата адреса што ја користат на универзитетот и ќе можат да ја активираат картичката. При патувањето ќе го користат QR-кодот од својот телефон за валидација во автобус.

Тоа е директна и практична придобивка: студентската превозна картичка ќе биде во мобилниот телефон, а заверката на статусот ќе се одвива без обиколување шалтери.

Потребите на младите мора да бидат високо на агендата на локалната власт. Условите во кои студираат, пристапот до услуги и времето што го трошат за административни обврски се прашања што заслужуваат внимание и конкретни решенија.

Поддршката за младите се покажува и преку способноста да се реши проблем што тие го посочиле. Да се поедностави постапка. Да се отстрани непотребна обврска. Да се овозможи услугата да се добие побрзо и полесно.

Затоа ја поздравуваме заложбата на градоначалникот и на ЈСП, како и вклученоста на универзитетите во оваа подготовка на ова решение. Очекуваме претстојната имплементација да го донесе токму она што студентите го бараат: едноставен и функционален начин за користење на правото на бесплатен превоз.

За почетокот на примената и за начинот на активирање на дигиталната картичка, студентите ќе бидат навремено известени. Ние, како УМС, ќе продолжиме да ги отвораме темите што се важни за младите во Скопје и да се залагаме нивните иницијативи да стануваат реалност. Ќе го следиме спроведувањето на оваа промена и ќе ги пренесуваме предлозите и забелешките на студентите.

ВМРО-ДПМНЕ работела и ќе продолжи да работи во интерес на младите. Нашата обврска е таа определба да ја претвораме во конкретни постапки и резултати.

Помалку време пред шалтери значи повеќе време за предавања, испити и личен напредок. Токму тоа треба да им го овозможиме на студентите, рече Љупчо Ристески претседател на Градски комитет на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер