Тој смета дека средбата меѓу премиерот Мицкоски и лидерот на СДСМ Филипче треба да е вовед во целосна парламентарна кохезија кога станува збор за најважните државни прашања. Потенцира дека покрај актуелните теми, на агендата треба да се и евроинтеграциите, со цел што побрзо да се најде консензус и за ова стратешко прашање.
„ Мене ми е навистина драго што после долго време сум сведок јас и граѓаните на Македонија дека политичарите, особено на најголемите и најодговорни партии веќе почувствувале потреба дека не можат сами да одговорат на сите предизвици на времето и навистина им треба меѓусебе да соработуваат. Отсекогаш сум мислел, а сега уште повеќе, дека ова е вистинскиот начин за градење државна политика. “-Тито Петковски – поранешен претседател на Собрание
Обвинувањето од албанските опозициски партии дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ одржале моноетничка средба според Петковски е неосновано. Вели дека во Собранието отсекогаш имало меѓупартиски разговори и на никој не му е забрането да седне на заедничка маса особено кога има и јавна покана.
„ Никој не е исклучен, овде во прашање е суета зошто немале примарен интерес партиите да седнат сите заедно.. Демек нешто се крие од партиите од албанскиот политички кампус доколку седнат само двајца претседатели на партии.. Па колку што видовме не беше ниту ЗНАМ од парламентарните партии не беше присутна. Така да, исклучени се тие шпекулативни теми кои сакаат да ги наметнат од познати причини ДУИ тоа го прави.. “ - Тито Петковски – поранешен претседател на Собрание
На првата тет-тет средба Мицкоски-Филипче во четвртокот беше постигнат договр за формирање на работни групи, кои според најавеното ќе бидат составени од експерти кои ќе помогнат во кроење на законите од реформската агенда, со фокус на правосудството, енергетиката, здравството. Кога ќе почнат со работа засега нема информација, а не се знае ниту дали наскоро ќе има лидерска средба во поширок состав. По јавните повици од Мицкоски и Филипче, другите парламентарни партии немаат конкретен став дали се за или против да се организира, единствено собранискиот спикер Гаши кажа дека тој со задоволство би бил домаќин.