Штип инвестираше шест милиони евра за граѓаните да имаат нормално водоснабдување - Канал 5

Штип инвестираше шест милиони евра за граѓаните да имаат нормално водоснабдување

Чешмите ова лето не останаа суви во домовите на домаќинствата во високите зони на градот Штип. 

Штип инвестираше шест милиони евра за граѓаните да имаат нормално водоснабдување

По дваесет години пред станбените згради или ударните сообраќајници во населбите Пребег, Железничка, Балканска, Три Чешми, Баби, Сењак ги нема цистерните за вода за пиење на штипското комуналното претпријатие „Исар“, од кои граѓаните се снабдуваа со техничка вода, бидејќи дефектите на стариот водоводен систем ги оставаа по два, а ланскиот рекорд беше пет дена без вода за пиење.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов во изјава за МИА вели дека годинава проблем нема, бидејќи речиси четири години континуирано се инвестира во главната, но и во секундарната водоводна линија. Сепак, според Јорданов, не се завршени сите активности и сите зафати на водоводната мрежа.

- На она што во моментов се работи и се работеше во изминатиот период значително ја подобри состојбата со водоснабдувањето. Со замената на застарената водоводна мрежа се придонесе да имаме помалку дефекти, поголем притисок на водата на оние места, на оние населби, каде што во летните месеци, кога е зголемена потрошувачката секоја година жителите од високите зони на град Штип имаа проблем со редовното и нормално водоснабдување, вели Јорданов.

Општината и штипското комунално претпријатие „Исар“ за речиси четири години реализираа неколку проекти во насока на подобрување на состојбата со водоснабдувањето. Според Јорданов, најголемите проекти се изградбата на Водоводна линија два во должина од 3,3 километри како и обнова на главната линија.

- Морам да напоменам дека реализацијата на проектот Водоводна линија два е нешто што децениски наназад се комуницирало, како потреба за растеретување на постоечката главна водоводна линија, ниска зона. Со изградбата на линија два веќе имаме алтернативна водоводна линија, за кога се случуваат поголеми дефекти на главната мрежа, високите зони да имаат вода за пиење, рече Јорданов.

Во моментов за високите зони, но и градот да се шири и развива кон бањата Кежовица, се одвива и изградбата на два резервоара во населбите Пребег и Мерите. Овие резервоари се градат со средствата од самоприденосот во износ од еден милион евра. Нивната изградба е во завршна фаза и некаде кон крајот на септември треба да бидат ставени во функција. Штипскиот градоначалник вели дека со ова капацитетноста на резервоарите ќе се дуплира.

- Ако досега капацитетноста на главниот резервоар на филтер станицата е нешто повеќе од 2.000 метри кубни овие два резервоара се нешто повеќе од 2.000 метри кубни, што значи дека перспективно Општина Штип го решава на еден среден и долг рок проблемот со водоснабдувањето и со високиот притисок во застарената водоводна мрежа, што беше причина за честите дефекти во летните месеци кога имаме зголемена потрошувачка, побарувачка на вода и нормално зголемен притисок во застарените водоводни мрежи, вели Јорданов.

Освен овие капитални инвестиции за водоснабдителниот систем се работеше и на промена на застарената водоводна мрежа. Повеќе од 10 километри е променета секундарната водоводна линија, со што значително е подобрена состојбата со губитоците на вода и како што вели Јорданов освен проблемот со честите дефекти на застарената водоводна мрежа, имаше и губитоци на филтрирана чиста вода за пиење. Локалната власт оваа инвестиција ја чинеше повеќе од два милиона евра.

- Тоа се средства коишто директно преку буџетот на Општина Штип се издвоија за да се промени секундарната водоводна линија. Но, направивме и промена на главната водоводна линија во должина од пет километри. Тоа е главна водоводна линија, ниска зона, која беше опфатена со изградбата на булеварот „Партизанска“ што исто така е нешто што ја подобри состојбата со водоснабдувањето. Овде се инвестираа помалку од половина милион евра средства за да се замени оваа главна водоводна линија, подвлече Јорданов.

Според пресметките на општината, за речиси четири години во капитални инвестиции во водоснабдителниот систем на Штип се инвестирани околу шест милиони евра.

- Со реализацијата на сите овие проекти верувам дека Штип конечно го решава проблемот со водоснабдувањето, бидејќи во одредени делови на градот жителите во летните месеци остануваа со слаб притисок или воопшто немаа вода. Нешто перспективно што исто така треба да го решиме е водоснабдувањето на одредени селски средини, рурални средини, што се оддалечени од градот и не се поврзани на водоводниот систем на јавното претпријатие „Исар“, а се снабдуваат преку бунарски системи. Тоа е еден предизвик кон кој треба да се насочиме и да работиме, изјави Јорданов.

Штип ќе добие современ Скада систем

Штип во летните месеци нема рестрикции на водата за пиење, како што до пред неколку години имаше. Откако штипската Филтер станица се приспособи и почна да прима вода од Хидросистемот „Злетовица“ има доволни количини вода, но и можност да се задоволат потребите и за новите населби, кои ќе се градат. Поради застарената водоводна мрежа и кражбите на водата за пиење, сепак, останува да се бележи губиток на водата за пиење од 62 до 65 отсто .

Директорот на ЈП „Исар“, Александар Арсовски вели дека за да се реши овој проблем ќе се реализира и проектот Скада систем, кој ќе се гради со средствата од вториот јавен повик за искористување пари од унгарскиот заем.

- За да се намали потрошувачката на вода, да се превенираат загубите, новонастанатите загуби на вода, како и да се спречат дивите приклучоци, односно кражбите на вода и порано да се детектираат дефектите што настануваат, а кои не се видливи со голо око, односно не се површински и да се заокружи целокупен процес, Јавното претпријатие „Исар“ во изминатиот период работеше и изготви техничко решение, односно основен проект за Скада системот, вели Арсовски.

На резервоарите и на неколку локации на водоводната мрежа во градот Штип ќе се постават мерни инструменти, кои ќе ја мерат загубата на водата за пиење, а во просториите на ЈП „Исар“ ќе има и современ компјутерски, мониторинг систем, преку кој ќе се следи каде се троши или се губи водата за пиење.

За Скада системот се планира да се потрошат околу 30 милиони денари, а дополнително секоја година, според Програмата за работа на ЈП „Исар“, се врши замена на старата азбестна мрежа во должина од шест до десет километри.

Штипскиот градоначалник, Јорданов вели дека како локална власт мора да се има визија, но и средства за решавање на проблемите на граѓаните. Еден од нив во изминатите четири години беше водоснабдувањето на градот Штип, кој има карактеристична и тешка конфигурација на водоводната и канализациска мрежа.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Им сервирале кучешко месо од украдени миленици на гостите- уапсени се четворица газди на виетнамски ресторани

Четворица сопственици на ресторани кад есе служи кучешко месо уапсени се под сомнение дека купиле повеќе од 10 тони месо од банда што краде кучиња во Виетнам!

Им сервирале кучешко месо од украдени миленици на гостите- уапсени се четворица газди на виетнамски ресторани

Апсењата доаѓаат во време кога полицијата на градот Хо Ши Мин ја засилува борбата против кражбите на домашни миленици и оние што профитираат од продажба на украдени животни.

Полицијата на градот Хо Ши Мин соопшти дека истражува банда за кражба на кучиња и мачки, наводно предводена од Нгуен Ба Лонг (29) од градот Донг Наи и неговиот партнер Нгуен Лонг Јен Ван (40), заедно со уште девет соучесници.

Бандата наводно организирала кражба на домашни миленици за профит, ангажирајќи ги своите членови да користат автомобили за кражба на кучиња и мачки во градовите Нгија Тан, Ким Лонг, Нгаи Џао и околните области.

Додека истражителите го следеле движењето на украдените животни низ синџирот на снабдување, тие идентификувале четири сопственици на ресторани за кучешко месо кои редовно купувале големи количини месо од лице по име Ван.

Во овој случај, четири сопственици на ресторани што служат кучешко месо се обвинети и се задржани во притвор до судењето: Луонг Ти Тао (32), од Хаи Фонг; Дин Ван Тин (30), од Хунг Јен; Данг Ти То (38), од Нин Бин; и Нгуен Ти Нгок (41), од Ханој.

Полицијата соопшти дека четворицата продолжиле да го купуваат месото и покрај тоа што знаеле дека нема фактури, доказ за потекло или печати од ветеринарна инспекција.

Месото, исто така, имало сомнителни траги што укажуваат на можна изложеност на електрични шокови и било продавано по цени пониски од пазарните.

Записите за трансакциите покажале дека четворицата купувачи префрлиле повеќе од 860 милиони виетнамски донги (33.300 американски долари) на лице по име Ван за околу 10 тони кучешко месо.

Според истражителите, за време на испрашувањето, сите четворица признале дека знаеле дека месото доаѓа од украдени кучиња, но сепак продолжиле да го купуваат за да го препродаваат и да остварат профит.

Меѓу нив била и жена по име То, која водела ресторан за кучешко месо наречен Луат То во покраината Нин Бин. Таа признала дека потрошила 153 милиони виетнамски донги (5.900 американски долари) за месо за кое знаела дека е украдено.

Таа призна дека нејзините купувања помогнале во одржувањето на криминална мрежа за кражба на кучиња и изрази жалење, повикувајќи ги другите да не тргуваат со кучешко месо од непознато потекло.

Полицијата на градот Хо Ши Мин ја проширува акцијата

Апсењата доаѓаат во време на поширока кампања на полицијата на градот Хо Ши Мин за справување со организираните мрежи за кражба на домашни миленици и бизнисите што купуваат украдени животни.

Според податоците објавени на 20 октомври, полицијата од почетокот на 2026 година обработила 26 случаи на кражба на домашни миленици во кои учествувале 54 осомничени лица, вклучувајќи кражба на кучиња, мачки, украсни птици и желки.

Од нив, 13 случаи во кои учествувале 33 осомничени резултирале со кривични постапки за кражба, објавија виетнамските медиуми.

Властите сè повеќе ги гонат не само оние што директно крадат домашни миленици, туку и организаторите, собирачите и купувачите кои помагаат во одржувањето на нелегалната трговија.

Истрагите открија софистицирани мрежи што работат преку покраинските граници, при што осомничените користат рачно изработени уреди за електрошок, возила со лажни регистарски таблички и одредени оперативни области за кражба на животни.

Полицијата во градот Хо Ши Мин соопшти дека ќе продолжи да ги засилува патролите, да истражува пријави за кражби и да ги гони мрежите што стојат зад украдените домашни миленици, вклучувајќи ги и оние што ги собираат и продаваат животните.

Властите нагласија дека иако домашните миленици може да имаат релативно скромна парична вредност, нивното емоционално значење за сопствениците честопати далеку ја надминува нивната пазарна цена.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мултимилионер и неговите ќерки застрелани, сопругата нападната со чекан- маскирани напаѓачи им влегле дома

Канадски извршен директор за недвижности и неговите две ќерки беа застрелани и ранети, додека неговата сопруга беше удрена со чекан за време на вооружен грабеж на нивниот мултимилионски дом во луксузен кварт во Торонто.

Мултимилионер и неговите ќерки застрелани, сопругата нападната со чекан- маскирани напаѓачи им влегле дома

Дејвид Мортон, извршен директор на MAC Group, и неговото семејство беа нападнати кога тројца маскирани мажи влегоа во нивната затворена заедница во Бридл Пат околу 3:45 часот наутро, објави „Торонто Сан“.

Осомничените, кои беа вооружени со пиштоли и чекан, влегоа во куќата со пет спални соби низ задна врата, изјави за новинарите инспекторот на полицијата во Торонто, Кристи Смит.

Мортон, 75, и неговите ќерки Меги Зохил-Мортон и Кристина Зохил-Мортон беа соочени со неидентификувани натрапници кои носеа скијачки маски и дуксери, објави „Њујорк пост“.

„За време на нападот, се случи физичка пресметка, за време на која осомничените испукаа повеќе истрели, а една жртва беше погодена со чекан“, рече Смит.

Извори за медиумот изјавија дека тројца членови на семејството „се обидоа да се одбранат“ од напаѓачите кога беа застрелани.

Мортон и една од неговите ќерки биле застрелани во ногата, додека другата ќерка претрпела прострелна рана под раката, објави медиумот.

Сопругата на Мортон, Доријана Зохил-Мортон, која е и претседател на MAC Group, била нападната од еден од осомничените кој имал чекан.

Двајца членови на семејството претрпеле „повреди што им го промениле животот“ и се уште се хоспитализирани, додека двајца други претрпеле повреди кои не се опасни по живот, рече Смит.

Членовите на семејството не се идентификувани врз основа на нивните повреди.

Опис на осомничените не е објавен, но официјалните лица изјавија дека избегале од местото на настанот со теренско возило.

Сè уште не е познато дали е украдено нешто од домот за време на провалата.

Мотивот за нападот не е објавен, но се верува дека крадците имале намера да го ограбат луксузниот имот на мултимилионерот.

„Имаше насилен напад. Од жителите беше побарано да ги предадат вредните предмети што биле во домот. Во моментов не е познато дали успеале да земат нешто“, рече Смит.

„Мотивот за овој тип напад би можел да биде фактот дека ова е богата област каде што луѓето поседуваат работи што се барани“, додаде таа.

Куќата со пет спални соби и седум бањи е проценета на 2,1 милион долари. Има тениско игралиште, базен и приватни градини кои, според огласот, „придонесуваат за луксузен животен стил“.

Блиската куќа на парцела од 1.000 квадратни метри исто така неодамна беше објавена за 8,45 милиони долари.

Градоначалничката на Торонто, Оливија Чау, апелираше за информации за нападот и најави зголемено полициско присуство во областа.

„Длабоко сум тажна поради насилниот упад во домот што се случи рано утрово во населбата Бридл Пат. Моите мисли се со семејството и нивните најблиски, кои минуваат низ нешто низ што ниедно семејство не треба да помине. Се молам за нивно целосно закрепнување“, напиша Чау на социјалните медиуми.

MAC Group е семејна компанија со седиште во Торонто, со филијали специјализирани за недвижности, угостителство и корпоративно сместување.

Мортон ги надгледува сите сектори на компанијата, а според нејзината веб-страница, таа има 30 години искуство во угостителството и индустријата за недвижности.

Нивната ќерка, Кристина, е наведена како основач на „Зохил-Мортон Ло“, адвокатска фирма која нуди услуги од областа на канадското имиграциско право.

Меги Зохил-Мортон е исто така вработена во MAC Group, каде што работи во различни сектори.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Турција сериозно ги зголеми капацитетите- дури 62 проценти од струјата се добива од обновливи извори

Климатските промени, предизвикани од високите емисии на CO2, брзо и сè повеќе го влечат светот во хаос, и тоа не само во однос на климата. 

Турција сериозно ги зголеми капацитетите- дури 62 проценти од струјата се добива од обновливи извори

Еден начин да се ублажат и забават овие промени е да се намалат емисиите на CO2 и, што е можно поскоро, да се достигнат нула емисии. Турција вложува сериозни напори во оваа област со зголемување на обновливите извори за производство на електрична енергија.

Во пресрет на COP31, 31-та Конференција на Обединетите нации за климатски промени, која ќе се одржи во Анталија, Турција од 9 до 20 ноември, земјата работи на зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори, како и на развој на складирање на енергија и воспоставување домашен систем за тргување со емисии на јаглерод. Сето ова додека турската индустрија се подготвува за нови и построги климатски прописи.

Како што објаснија вкупниот инсталиран капацитет (вкупната моќност на сите електрани што се изградени и поврзани со електроенергетскиот систем) за производство на електрична енергија во Турција достигна 127.355 мегавати (MW) на крајот на септември, од кои капацитетот на обновлива енергија беше 80.315 MW, или околу 62 проценти од вкупниот капацитет. Домашните извори на енергија учествуваа со 72,1 процент од инсталираниот капацитет.

Инсталираниот капацитет на сончевите електрани и ветерните фарми достигна 43.762 MW, или 34,4 проценти од вкупниот капацитет за производство на електрична енергија во земјата.

Турција генерираше 31,79 милијарди киловат-часови (kWh) електрична енергија во септември. Хидроенергијата беше најголемиот поединечен извор, со 8,27 милијарди kWh, или 26 проценти од вкупното производство.

Сончевите електрани генерираа 4,32 милијарди kWh, што претставува 13,6 проценти од вкупното производство, додека ветерните фарми генерираа 3,84 милијарди kWh, или 12,1 процент. Заедно, сончевата и ветерната енергија генерираа 8,16 милијарди kWh електрична енергија во текот на месецот.

Вкупното производство од обновливи извори достигна 18,10 милијарди kWh, или 56,9 проценти од вкупното производство. Домашното производство на електрична енергија изнесуваше 22,35 милијарди kWh, или 70,3 проценти од вкупното производство на електрична енергија.

На крајот на септември, хидроенергијата сочинуваше 32.332 MW инсталиран капацитет, сончевата енергија 28.222 MW, природниот гас 25.009 MW, ветерот 15.540 MW, домашниот јаглен 11.565 MW, увезениот јаглен 10.466 MW, биомасата 2.423 MW и геотермалната енергија 1.798 MW.

Но, постојат и проблеми со овој вид производство на електрична енергија. Кај хидроелектраните е дожд, кај сончевите електрани е недостаток на сончеви денови, кај ветерните турбини е недостаток на ветер... Сепак, според нашите домаќини, овие проблеми можат успешно да се решат со изградба на доволно електрани од сите видови за производство на електрична енергија од обновливи извори.

И со таквата енергија сигурно може да се тргува...

Вкупниот инсталиран капацитет за производство на електрична енергија во земјата на 10 октомври изнесувал околу 127,3 гигавати, при што обновливите извори, според овие податоци, сочинуваат околу 62 проценти од вкупниот капацитет.

Таха Мели Арвас, извршен директор на EPİAŞ, рече дека следниот голем чекор е подобрување на можноста за складирање на електрична енергија произведена од обновливи извори.

EPİAŞ, исто така, управува со системот YEK-G, кој издава, тргува и поништува сертификати за гаранција за потекло поврзани со производството на електрична енергија од обновливи извори. Овие сертификати им овозможуваат на компаниите да документираат дека купуваат електрична енергија од обновливи извори.

Ова најдобро се објаснува со следниве зборови: Замислете дека соларна електрана во Турција произведува повеќе електрична енергија напладне отколку што нејзиниот сопственик може да потроши. Таа може да ја продаде оваа електрична енергија на пазарот, на пример на фабрика или добавувач кој потоа ја продава на своите клиенти. Цената, се разбира, зависи од понудата и побарувачката. Кога многу соларни електрани произведуваат електрична енергија во исто време, цената може значително да падне, па дури и да стане негативна. Навечер, кога сончевите електрани престануваат да произведуваат, побарувачката може да биде поголема од понудата и цената може да се зголеми. Затоа Турција работи на складирање на енергија во батерии - електричната енергија се купува или складира кога е евтина, а се користи или продава кога е поскапа, со трошоци за складирање и загуби.

Тука влегуваат во игра сертификатите што потврдуваат дека електричната енергија доаѓа од обновливи извори. Ова е дел што EPİAŞ го разви специјално преку турскиот YEK-G систем. Имено, за секои 1 MWh електрична енергија произведена од регистриран обновлив извор, се издава електронски сертификат што го докажува неговото потекло. Сертификатите може да се купуваат и продаваат независно од самата електрична енергија.

Секако, се поставува логичното прашање зошто фабриката би платила за тој сертификат? Па, затоа што клиентите, инвеститорите и регулаторите сè повеќе бараат доказ за „јаглеродниот отпечаток на производството“ (вкупната количина на стакленички гасови произведени за време на производството на производ или услуга). Компанијата што купува сертификати може да ја документира употребата на електрична енергија од обновливи извори и да ја вклучи во својот извештај за одржливост. Таквата компанија може да постигне разни придобивки, од предности при склучување идни договори (бидејќи покажува колку е „еколошки свесна“), до подобра конкурентност на извозните пазари, до разни други комерцијални и финансиски предности.

Докажливата употреба на обновлива енергија може да помогне и во привлекувањето инвеститори, добивањето зелено финансирање или исполнувањето на барањата на одредени програми.

Турција, исто така, најави воспоставување на национален систем за тргување со емисии, кој ќе им овозможи на компаниите опфатени со системот да тргуваат со единици за емисии поврзани со емисиите на стакленички гасови. Системот ќе биде во пилот-фаза во текот на 2026 и 2027 година. Според сегашните правила, 2026 година е година на следење, во која компаниите ќе мора да ги пријават своите емисии, но нема да бидат обврзани да ги предадат единиците за емисии. Механизмот за одредување цени на емисиите ќе започне да се спроведува во 2027 година.

Мустафа Ајдин, заменик-генерален директор на EPİAŞ за пазари на животната средина и минерали, изјави дека индустриите што учествуваат во системот би можеле да ги користат приходите генерирани од неговата имплементација за финансирање на инвестиции во енергетската транзиција.

Турција го развива системот за тргување со емисии во време кога нејзините извозници се подготвуваат за Механизмот за прекугранично прилагодување на јаглеродот (CBAM) на Европската унија. Овие правила се особено важни за Турција, чии производители извезуваат во голема мера на европските пазари.

Компаниите што не се во можност да обезбедат сигурни податоци за емисиите или да докажат колку јаглерод е содржан во нивните производи би можеле да се соочат со повисоки трошоци за усогласување.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер