Шпанскиот суд ја отфрли втората тужба против Шакира поради данок

Шпанскиот суд денеска ја отфрли даночната истрага против колумбиската поп-ѕвезда Шакира, откако обвинителите одлучија да не покренуваат обвиненија.

Шакира се согласила на спогодба минатата година за да избегне судење во Барселона поради наводите дека не ѝ платила на Шпанија данок на доход од 14,5 милиони евра од 2012 до 2014 година.

Судот во градот Есплугес де Лобрегат, во близина на Барселона, објасни дека нема докази за поддршка на тврдењето на тужителот дека Шакира „свесно и доброволно ги испуштила информациите и документацијата“ кога ја подготвувала нејзината даночна пријава за 2018 година.

Пејачката, која има продадено милиони албуми ширум светот, живееше со поранешната шпанска фудбалска ѕвезда Жерар Пике 11 години и заедно имаат две деца. По разводот се преселила во Мајами.

Ирачкиот премиер изрази сочувство до иранскиот народ

Ирачкиот премиер Шија ал-Судани изрази солидарност со иранскиот народ по смртта на Ебрахим Раиси.

„Со длабока тага и жалост ја примивме трагичната вест за смртта на претседателот на Исламската Република Иран, Ебрахим Раиси, министерот за надворешни работи, Хосеин Амир Абдолахиан и нивните придружници, како последица на несреќа во северен Иран“, наведе Ал Судани.

„Изразуваме искрено сочувство до врховниот лидер на Исламската Република Али Хамнеи и до нацијата на Иран, нејзината влада и народ. Ја изразуваме нашата солидарност со братскиот ирански народ и со претставниците на Исламската Република за време на оваа болна трагедија“, додаде ирачкиот премиер.

Мадуро изрази сочувство до Иран за „безусловниот пријател“ Раиси

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро изрази сочувство до Иран и неговиот врховен лидер Али Хамнеи, велејќи дека Ебрахим Раиси е „безусловен пријател“ на Венецуела.

„Топла прегратка од Боливарската Република Венецуела. Ти, Иран, си пример за достоинство, морал и отпор“, напиша Мадуро во објавата на социјалните мрежи.

Царинска управа: Одземена дрога испратена во мала пратка и огнено оружје од скопјанец

Одземени се 30 грама дрога и пиштол од скопјанец, по заедничка акција на инспектори од Одделението за истраги при Царинската управа и крим полицијата при МВР.

Дрогата е откриена при претрес на лицето извршен откако истото подигнало пратка во Пошта пристигната од Германија. Во координација со дежурен јавен обвинител, инспектори од Секторот за контрола и истраги заедно со припадници од МВР извршија и претрес во домот на лицето каде е пронајден пиштол кој е одземен од страна на царинските инспектори, соопшти Царинската управа.

Против лицето ќе биде поведена кривична пријава до Основното јавно обвинителство.

притисни ентер