Седум жртви во страшното невреме во Италија, Франција и Швајцарија (ВИДЕО)

Според последните податоци, најмалку седум лица загинаа во моќното невреме што ги погоди Франција, Швајцарија и Италија.

Како што објави Dailymail, во Швајцарија три лица загинаа во лизгање на земјиште предизвикано од обилни врнежи во кантонот Тичино, недалеку од границата со Италија.

Маж бил пронајден мртов во хотел во кантонот Вале, во југозападна Швајцарија. Полицијата соопшти дека тој загинал како последица на поројна поплава.

Во соседна Франција три лица во осмата и деветтата деценија од животот загинале кога дрво паднало врз автомобилот во кој се наоѓале поради невремето. Четвртиот патник во автомобилот е во критична состојба и лекарите се борат за неговиот живот.

Во меѓувреме, реката Ноашета, недалеку од Торино на северот на Италија, се излеа од коритото по обилните дождови, што метеоролозите го споредуваат со „водена бомба“. Мостовите и главниот пат во регионот се затворени. Реката Стура се излеа во долината Ланцо во северозападна Италија.

Во Швајцарија службите за итни случаи објавија дека неколку стотици луѓе се евакуирани поради лизгање на земјиштето и поплавите во кантонот Вале. Швајцарскиот министер за надворешни работи Игнасио Касис, кој е од Тичино, рече дека тоа е „голема катастрофа“.

Ова се најлошите поплави во Швајцарија од 2000 година, кога 13 лица загинаа во лизгање на земјиштето што го уништи селото Гондо.

Кетрин Зета-Џонс и Мајкл Даглас ја продаваат вилата во Њујорк за 12 милиони долари

Кетрин Зета-Џонс и Мајкл Даглас ја продаваат својата вила во Њујорк, а американската агенција за недвижности објави фотографии од луксузниот ентериер. 

Сместена северно од Њујорк и свртена кон реката Хадсон, куќата има четири ката, осум спални соби и 12 бањи.

- Кога го купив нашиот дом во Ирвингтон, знаев дека нашето семејство ќе сподели многу среќни времиња овде, па така и беше, изјави Зета-Џонс за „Волстрит журнал“ (The Wall Street Journal).

На почетокот на овој месец, глумците објавија дека нивната куќа покрај реката во приградското село Ирвингтон во округот Вестчестер во Њујорк е на продажба за 12 милиони долари.

На првиот кат има затворен базен, вежбалница и просторија за рекреација. Свечена дневна соба, салон, работна и семејна соба и кујна се исто така меѓу погодностите што ги има вилата. Кујната е направена во стил на рурална селска куќа, со ѕидови со бели плочки, мермерни површини, уреди од германскиот бренд „Миеле“ (Miele) и златни мотиви. Посебна просторија е двокатната библиотека со камин на дрва, од црна тула, и француски прозорци со заоблен врв.

Холивудската двојка, која се венча во 2000 година, го купи замокот за 4,5 милиони долари во 2019 година и ја реновира куќата, зачувувајќи ги нејзините изворни одлики и изглед од 1920-тите. Парот поседува и друг недвижен имот ширум светот, а вилата одлучиле да ја продадат бидејќи, како што велат - „повеќе време поминуваат на Бермудите и во Европа“. /MИА

Терористички напад во Израел: Две момчиња се нападнати со нож во трговски центар

Две млади момчиња се ранети со нож во денешниот терористички напад во трговски центар во Кармиел на северот на Израел и се во критична состојба, соопшти итната помош.

Во соопштението се наведува дека двајца млади мажи на 20-годишна возраст биле пренесени во медицинскиот центар во Нахарија, објави „Тајмс оф Израел“.

Нападот се истражува како терористички напад, а полицијата соопшти дека напаѓачот е „неутрализиран“.

Филипче на прва координација: Пратениците на СДСМ ќе имаат редовни средби со граѓаните

Претседателот Венко Филипче ги започна редовните координации со пратеничката група на СДСМ, за организирано и силно делување во македонското Собрание. 

Денес се одржа првата средба со која се означува почетокот на новото политичко делување на партијата.

На средбата се разговараше за актуелните закони кои ги предлага Владата и предлозите на кои СДСМ работи и ќе ги достави до Собранието.

-Нашиот примарен фокус е да ја обновиме довербата кај грѓаните а пратениците на СДСМ да бидат вистински претставници на граѓаните во Собранието. Затоа, согласно моите ветувања пред членството, секој од пратениците ќе има редовни средби со граѓани во изборните единици од каде ја добија довербата и ќе биде во постојан контакт со потребите на луѓето. Преку канцелариите на пратениците и редовните средби со граѓаните, ќе осигураме дека политиките и предлозите на СДСМ ќе бидат во тесна врска со потребите и очекувањата на граѓаните, рече Филипче.

СДСМ ќе делува конструктивно во интерес на граѓаните и будно ќе ја следи работата на Владата и законите кои ги предлагаат, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер